Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софија : Инсцениран атентат врз обвинител

Софија : Инсцениран атентат врз обвинител

Бугарскиот државен обвинител Иван Гешев успеа без никакви повреди, дури и без гребнатинки, да преживее експлозија на „голема бомба“ . Така јавија софиските медиуми  веднаш по настанот, што  во локалната јавност беше прикажан како обид за атентат кој можеше драматично да ја искомпликува долгата политичка криза во Бугарија.

Но, како одминуваше времето, медиумите почнаа да стануваат сомничави во врска со неуспешниот атентат. Особено што обвинителот Гешев во бугарската јавност важи за крајно контроверзна личност, за кого се сомнева дека е близок до оние кругови кои единствени би можеле да замислат и да изведат атентат врз држaвен обвинител.

Освен тоа, делува премногу нестварно да се преживее напад со крајпатна бомба , а од „инцидентот“ да се излезе без никаква повреда. Затоа, софиските медиуми, а потоа и функционери на бугарските опозициски партии почнаа да зборуваат дека немало никаков атентат и дека целата работа е лажна и наместена.

„Нема докази за силна експлозија“

Ваквите сомневања се засилија кога инцидентот од минатата недела и тврдењето на истражните органи за „масивна експлозија“ и за „голем бомбашки напад“- безмалку како оној од пред неколку децении во Сицилија, врз тогашниот специјален обвинител за борба со мафијата Џовани Фалконе- делуваат крајно неуверливо.

Доказите за „детонација покрај патот“ по кој се движело возилото на Гешев, се прилично слаби и не ја поткрепуваат алармантноста и вревета што ја подигнаа во актулната власт во Софија. Особено , не она што го зборуваше директорот на државната служба за истрага Борис Сарафов. Тој, на пример, има изјавено дека при инцидентот „ дошло до исклучително силна експлозија„ а дека целта била – „убиство и ликвидација на обвинителот“.

Новинарските екипи кои го посетиле местото на нападот, меѓутоа, уверуваат дека на локацијата од „силната експлозија“ можело да се види само „малку повеќе изгазена трева. Новинарите не успеале да го откријат и „ големиот кратер од три метри, предизвикан од силината на експлозијата“, а уште помалку да забележет остатоци од (наводниот) голем пожар што избувнал по експлозијата.

Спречување на реформите

Ваквите откритија на медиумите предизвикаа вистинска бура од иронични и потсмешливи коментари на социјалните мрежи. Аналитичарите во Софија, а и политичари на опозицијата, пак , сметаат дека целата оваа работа околу „атентатот“ ,  колку и да делува смешно- тажно за земја која е дел од ЕУ,  е покрената и пласирана во домашната јавност со политички намери.

Пред се, за да се спречат радикални реформи во државното обвинителство кои се неопходни и кои ги бара како домашната јавност, така и Европа.

Се верува дека со инсценираниот „атентат“  некои политички  кругови кои се блиски до актуелниот државен обвинител –   требало да го спасуваат  – од  него  самиот- за да во бугарската јавност од  Гешев  се направи жртва, а не виновник.

Станува збор за крајно непопуларен функционер и силно критикуван, затоа што не прави ништо за покренување обвинувања за бројните криминални случаи што медиумте ги квалификуваат како мафијашки, додека опозицијата тврди дека станува збор за луѓе кои се блиски до власта.

Контроверзен државен обвинител

При тоа, се мисли  на партијата ГЕРБ на екс премиерот Бојко Борисов, која беше  11 години  на власт , но и на партиите од левицата и социјалистите кои повремено влегуваа во разните поранешни коалиции, како  и на разните крајно-десничарски и националистички партии и движења.

Гешев е обвинуван дека не ја врши работата како што треба, па затоа, проценка е дека приказната оти некој се обидел врз него да изврши атентат, за да го убие, е  потребна и за да се блокира постапката за негово сменување од функцијата.

Техничката влада во Софија која (безмалку) е постојано на функција во изминатите две години и одржаните пет предвремени парламентарни избори, затоа што никој не може да создаде стабилна влада, се обидува  да го „обели образот“ на државата, после едно вакво, крајно сомнително тврдење за тоа- имало, немало атентат- па има побарано помош од Интерпол.

Политичката криза продолжува

Целиот случај околу државниот обвинител, само го потврдува впечатокот дека Бугарија останува и понатаму во својата развлечена , длабока политичка криза, поради што се навестува дека ќе мора да се организираат  и шести предвреме избори. Или, како што цинично тврдат некои-  гласачите  ќе  гласаат се додека неколку партии не  се согласат – да попуштат и да направат компромис- за да се формира стабилна владина коалиција.

Сите досегашни предвремени гласања, како и оние пред избувнувањето на сегашната криза, што почна на крајот од летото во 2020 година, покажуваат дека ниту една бугарска партија не може да обезбеди самата да управува со земјата.

Потребна е  затоа коалиција, а таа е потреба и сега после петиот круг гласање. Во игра се двете главни, проевропски партии – ГЕРБ и Продолжуваме со промените (ПП) , кои со партијата на бугарските Турци може да обезбедат апсолутнно мнозинство. Но , изгледа дека балканскиот инает е посилен од настојувањето на ЕУ- земјата да излезе од кризата со создавање „голема коалиција“ од проевропска определба.

(С.Б.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе