Стратешка автономија
Емануел Макрон ја доби битката со синдикатите, со ултра левицата , со десните и левите анархисти и насилници кои се уфрлаат во секои демонстрации за да создаваат насилство, околу протестите за новиот пензиски закон- плаќајки цена за тоа со намалениот рејтинг .
Французите ќе работат две години повеќе пред да се пензионираат, откако законот го заобиколи Парламентот, со помош на една уставна одредба- кога е во прашање интересот на државата, закон може да помине и без дебата и без гласање на пратениците.
Уставниот суд го потврди новиот закон, а претседатетелот го потпиша, па тој сега е во сила. Налутените синдикатлии кои бараа дебатирање со месеци и со години, што е често случај во Франција, за да на крајот претседатекот се откаже – како што тоа се случуваше во минатото- сега најавуваат продолжување на протестите и големо протесно собирање за 1 мај
Макрон, пак, уште пред одлуката на Уставниот суд, тргна на пат- во далечна Кина, со голема група големи стопанственци за да прави бизнис зделки , а потоа во соседна Холандија.
Сојузништво и „вазалство“
Во Кина престојуваше во улогата на миротворец кој настојува да го натера новиот кинески Мао- семоќниот лидер на КП и на државата Си Џинпинг – да притисне на Владимир Путин, за да се запре војната во Украина.
Во Холандија, пак, ја искористи посетата за да промовира една своја визија за Европа/ЕУ, која би била незвисна од САД- означувајќи го тоа како „стратешка автономија“.
Таа своја визија за иднинита на Унијата, инаку негова омилена тема за тоа како треба да изгледа и да се уреди ЕУ, во Пекинг и при враќањето дома во Париз, ја промовираше низ ситуацијата околу Тајван и „искрите“ кои повремено избувнуваат меѓу Вашингтон и Пекинг.
Во Хаг, пак, на организираното предавање, кинеските воени игри околу статусот на Тајван, ги искористи за да им порача на САД дека – сојузништвото не значи и вазалство.
„Погрешно време-погрешни зборови“
Француската приказна за Европа „ослободена“ од Американците е мошне стара, уште од шеесетите години на 20 век, од времето на Шарл де Гол и неговиот тврд антиамериканизам , или подоцна од времето на Жак Ширак, кога ЕЕЗ се трансформираше во ЕУ. Обично, француските политичари оваа тема ја покренуваат кога им е потребна за домашни потреби, за подигнување на францускиот дух и франкизмот наспроти доминацијата на англо-саксонството.
Треба да се претпостави дека и Макрон се сети токму сега да зборува за својата „визија“ во времето кога Франција е во политичка криза, затоа што дел од тамошното општество не сака да се реформира државата- како овој пат со реформирањето на пензискиот систем.
Берлинскиот портал „Јуро-интелиџенс“, веројатно, затоа и смета дека францускиот претседател избра и погрешно време и употреби погрешни зборови за да зборува за „стратешката автономија“ , бидејќи притоа откри нешто што (веројатно) не сакаша да открие- дека во европското единство, силно промовирано со корона пандемијата и со руската инвазија врз Украина, сепак, има пукнатини.
Задоволство во Москва и Пекинг
Истокот и Северот на ЕУ, на пример, остро реагираа на визионерството на Макрон, не прифаќајки го она што го нуди. Од тоа се оградија во Берлин (заедно со опозициската ЦДУ), Вашингтон остана студен , не трудејќи се да ги коментираат макроновите зборови, но Москва и Пекинг не го криеја своето задоволство.
Портпаролот на Кремљ изјави дека „одамна некој така остри нема опалено по Америка“, додека Кина веднаш ја подржа концепцијата на францускиот претседател.
Кинеската страна ја подржува „стратешката автономија“ затоа што таквата визија му одговара на Пекинг за да прави што сака во своето блиско опкружување, во Азија и на Пацификот, претворајќи ги во свои зони на интерес и влијание. Но, и за да продолжи да си игра со Тајван како „мачката со глувчето“ и притоа да се инфилтрира и да ровари низ Европа, прикажувајќи се како инвестициски партнер.
Токму Европа ( и без САД) ја покренаа борбата против заканата од Кина преку нејзината кредитна програма „Белт енд Роуд“ со која Кинезите навлегоа во Унгарија, пред се, уште и во неколку други земји од ЕУ, како и на Западен Балкан (преку Србија) користејќи поткуп за локалните деспоти (како во македонскиот случај од времето на вмровскиот режим) за закана кон Унијата.
Кина сака разбивање на ЕУ
Брисел (со Париз заедно) од порано инаат предупредено дека целта на Кина е да се разбие единството во ЕУ и таа да се оддели од САД.
Тоа се прави сега, во врска со ситуацијата во Украина, помагајќи и на тој начин на Русија, но и за да ја има за себе, за подршката околу глобалната игра што ја игра Пекинг , како и за своите стратешки цели- за да ги има и Русија, а и ЕУ (поделена) за себе.
Унијата, затоа, се определи за контра на кинеското навлегување на европскиот коинтинент, преку доделување државни кредити со високи камати и тешки услов, за да се претвораат кредитираните земји во трајни кинески вазали.
Прво, со прочешлување на контроверзната програма „Белт енд Роуд“ , а потоа и со темелна ревизија на започнатите проекти на тлото на ЕУ ( од каде тие земји тешко се извлекуваат) , а потоа и со безбедносната заштита од кинескиот ИТ сектор, силно врзан за кинеската воена индустрија и од хакерските интервенции.
Литванија, во меѓувреме, воспостави трговски врски со отворање бизнис претставништво со властите во Тајпеј. Словенија и уште некои други земји тоа го најавија, притоа не навлегувајќи во заедничката позиција на ЕУ- дека се признава само владата во Пекинг- како единствен претставник на Кина и само со неа се има дипломатски односи.
Несогласување со Макрон
Властите во Пекинг, меѓутоа, реагираа остро на одлуката на балтичката држава , иако трговски врски со Тајван има целиот Запад , па и самата Кина. Покажувајќи ја уште еднаѓ, откако е воспоставена власта на лидерот Си , ароганцијата во својата надворешна политика.
Насочена кон ЕУ, како и кон САД, кого побраза да го обвини за создавање криза околу Тајван со посетата на поранешниот спикер на Конгресот Ненси Пелоси на Тајпеј , од само неколку часови, или неодамнешната средба на актуелниот спикер ( републикаканец) со тајванската претседателка која кусо беше во посета на Калифорнија.
Во вакви услови, сосема е непотребно отворањето „дебата“ за некаква „стратешка автономија“ на ЕУ. Уште повеќе што таа се покренува среде војна во Украина, која Владимир Путин ја користи за освојување туѓа територија, за уредување нова геостратешка позиција во Европа, за подигнување нова „Железна завеса“, во војна во која Москва целата ЕУ ја има прогласено за непријател.
ЕУ како светски лидер
Кина која остана силен сојузник на Русија, видливо е досега, дека не сака да се заврши војната, затоа што нејзе и одговара сегашната ситуација. Особено што ( со Кремљ заедно) може да се обвинува Америка, по вообичаената шема од времето на комунизмот.
Париски „Монд“ затоа со право го критикува потегот на Макрон- како разбивачки за единството на ЕУ. Францускиот претседател нема добиено ништо од Си во Пекинг колку и да му се има умилкувано за да го натера да влијае врз Путин. Особено што „стратегиската автономија“ не е значајна за воената безбедност ( за која на Европа и се потребни САД) туку надворешната политика и нејзината стратегија.
Зборувајќи за потребата на ЕУ да има „стратешка автономија“ , Макрон настојува од Унијата да се создаде трета светска сила. Тоа не е воопшто лошо и погрешно, но за тоа е прво потребно силно единство во Европа и француското прифаќање – да престане со инсистирањето – Париз да биде предводник на ЕУ.
Ако се надмине тоа и старата недоврбата кон Германија, сега кога ја нема Британија, Европа/ЕУ ги има сите услови да не биде ничиј „вазал“ , туку на САД да и бидат партнер. Претворајќи се во третиот светски лидер.
(Спектатор)