Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија меѓу двајца непомирливи екс премиери

Бугарија меѓу двајца непомирливи екс премиери

Пет пати во период од помалку од две години, гласачите во Бугарија излегуваат на предвремени парламентарни избори, во обид земјата да излезе од политичката криза. После секое гласање одзивот на луѓето е се помал, па на последните, одржани на 2 април излезноста е само 38 отсто, што ја покажува апатијата и незаинтересираноста на јавноста за политиката.

Во едно од ваквата продолжена серија гласања , најмногу гласови освои дури и едно улично, популистичко  движење, (Има таков народ- ИТН) предводено од пејач на „патриотски“ песни кој требаше да предводи влада. Таквата несериозност на глачите, меѓутоа,  не помина, па од тогаш рејтингот на движењето, што стана партија, само се тркалаше надолу.

На изборите од пред некој ден, едвај успеа да го помине прагот за влез во бугарскиот Парламент. Успеа, само благодарејќи на тоа што и ИТН се декларира како дел од „русофилското дружество“ на политичката сцена во Бугарија.

Развлечена политичка криза

Земјата, сепак,   е  членка на ЕУ/НАТО и  дел од виталното југоисточно крило на Европа, кое во услови на  сегашната војна на Истокот , по руската инвазија врз Украина, многу е важно да биде  политички стабилна  , за да одговори на задачите кои се поставуваат пред неа. А, државата е предолго без кредибилна влада и без политичка стабилност.

Со  едно такво сознание се согласуваат и бугарските политичари и  тамошните аналитичари и  јавноста , но дури 53 отсто од бугарските граѓани сметаат дека ниту после петото гласање, државата нема да има политички стабилна владина коалиција.

Јавноста , по малку резигнирано, очекува  да има и шести избори, рамнодушно прифаќајки дека нивната држава веќе служи  за потсмев во европската политичка јавност.

Згора на тоа,  со продолжување на кризата Бугарија, останува без пет милијарди евра, од фондовите на ЕУ,  надвор од Шенген зоната и се подалеку од еврото, кое сега се префрла за (најверојатно) крајот на 2025 година- доколку земјата (конечно) формира стабилна влада.

Распоредот на силите не се менува

Планот на Брисел, од пред корона пандемијата, беше бугарскиот влез во евро и шенген зоната да се случи заедно со Хрватска, последната примена членка во ЕУ, која го комплетираше своето евро-интегрирање на почетокот на оваа година.

Бугарија, пак, остана да ги сумира резултатите од последните, пети по ред избори. Најмногу гласови одново освои партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов кој 11 години има минато на премиерска функција. Овој пат, гербовци освоија 26,5 отсто. Втора остана прозападната и проевропската партија Промените продолжуваат (ПП) , која во коалиција со десноцентристичката Демократска Бугарија (ДБ), добија 24,5 отсто.

Трета е десничарската, националистичка и силно русофилска партија Взраждане ( Препород) која има добиено 100 илјади гласови, но при мошне малата излезност, тоа се 14 отсто од гласовите. Веднаш до неа е партијата на бугарските Турци- Движење за право и слобода (ДПС)-  со 12 отсто, додека некогаш моќната Социјалистичка партија ( екс комунисти) кои продолжуваат со својаата проруска ориентација, едвај дојдоа до околу 10 отсто.

Европа за „Голема коалиција“

Ваквиот распоред покажува дека ништо позначајно се нема  изменето на политичката сцена, освен што ГЕРБ и ПП/ДБ се менуваат на првото место, кое сепак  не им овозможува самостојно создавање влада. Затоа, веднаш по изборите домашните и европските аналитичари почнаа со пост-изборната математика, за тоа како оваа земја- членка на ЕУ би можела да добие влада која нема да трае неколку месци, како онаа на Борисов , или како последната на Петков.

Едната варијанта е коалиција на ГЕРБ, со турската партија и со социјалистите, зад кои стои русофилскиот претседател на државата Румен Радев, иако се декларира како независен. Една ваква коалиција би можела да обезбеди парламентарно мнозинство.

Но, доколку би се направила „Голема коалиција- како во Германија на пример- меѓу двете проевропски партии , на Борисов и на Петков, заедно со ДПС на Мустафа Караџи, Бугарија би обезбедила максимално стабилна влада, затоа што таа би имала апсолутно мнозинство во Парламентот. Не зависејќи, притоа,  од гласовите на популистите, на националистите и на русофилите.

Потиснување на русофилите?

Проевропски софиски аналитичари за Јуроњуз имаат изјавено дека единственото добро од петотото гласање за нов Парламент е натамошното осипување на русофилските гласови и на нивните партии.

Напредок има направено  само Взраждане, со нивниот лидер Костадин Костадинов, кој заговара  свртување (враќање) на земјата кон Исток, кон Русија. Се противи на било каква помош за Украина, навивајќи за Москва, што во Софија, се објаснува со неговото пријателство со Владимир Путин . Не е затоа чудно што на  бугарската сцена, практично,  работи за руските, а не за бугарските  интереси.

Европа, во секој случај,  би сакала формирање на една „Голема коалиција“ во европски стил и  впечаток  е дека дискретно навива за тоа. Шансите за таа веријатнта, меѓутоа, се минимални, или никакви. Партијата на Петков уште во текот на кампањата има речено дека нема да подржи влада предводена од ГЕРБ, па дури и кабинет во кој би била и партијата на Борисов. Таква  нејзината позиција одново е потврдена  и сега , по изборите од 2 април, на кои освои помалку гласови од очекуваните.

Борисов, пак, изјави дека како мандатор ќе разговара со сите партии застапени во Парламентот, но за прв пат, порача дека за стабилноста на Бугарија-најдоброто решение би било коалиција меѓу неговата ГЕРБ и ПП/ДБ .

Балкански менталитет

„Време е  Парламентот да се избере влада- стабилан и ефикасна- без разлика на цената што партиите ( во неа )  ќе треба да ја платат“ – изјави Борисов. Според него јасно е дека не може да има бугарска влада без ГЕРБ , но сега вели-  и без ПП на Петков.

Борисов зборува за интересите на државата, над партиските, што  звучи европски, но изгледа тешко оствариливо. Бугарија, иако е во ЕУ 15 години,  политички остана типично балканска држава. Во неа  омразата кон политичкиот противник, реваншизмот и неспремноста за правење компромис, останува  водечка политичка филозофија.

Затоа постои уверување дека  нетрпеливоста меѓу Борисов и Петков, на некој начин,  ја држи Бугарија заглавена во политичката и општестевената криза која (веројатно) продолжува да трае.

Петков како премиер, покрена офанзива против раширената корупција во земјата, па во една таква операција беше притворен Борисов. Беше осомничен, но никогаш против него не беше подигнато обвинување.

Како контра и за одмазда, Борисов, како опозиционер-  заедно со националистите и со русофилскиот блок во Парламентот-  ја собори владата на Петков, која беше и останува најпроевропска од сите кои се имаат изредено на власт во Софија, во годините на  посткомунизмот.

(С.Б,)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе