Порно ѕвезда го урива Доналд Трамп
Истрагата за тоа дека Доналд Трамп (76) и има дадено поткуп на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс (44) за да молчи за нивната сексуална врска и за прељубата што ја има направено, се развлекува една година. Од моментот кога се открија и валканите игри на поранешниот претседател и неговите адвокати – како да плати помалку данок за неговата њујоршка компанија.
Но, на почетокот од неделата, се појавија информации дека истрагата може да заврши со кривично обвинување против екс претседателот, што би бил прв таков случај во американската политичка историја, што оваа афера ја претвори во настан со поинаква тежина.
Претстави на екс претседателот
Во својот препознатив кавгаџиски и арогантен стил на политичар кој би сакал да владее авторитарно, Трамп на својата социјалната мрежа, објави дека во вторникот (20 март) ќе биде приведен од полицијата ( уапсен како што тој вели) за да биде одведен на сослушување, на кое одбива да се појави.
Нема наведено никаков доказ за своето тврдење, па сепак, ги повика своите подржувачи на масовни протести, против- како што одново без докази- обвинува дека сослушувањето и евентуалното обвинување се „лов на вештерки“ и „политички процес“.
Големата порота на државата Њујорк , требаше да одлучува – дали да се обвини Трамп, но на членовите на поротата уште од претходно им било речено да останат дома.
Медиумите во САД пишуваат дека расправата во поротата би можела да се случи , до крајот на неделата , иако телевизиската мрежа Си-Би-Ес тврди дека заседанието било одложено без да се закажува нов термин. Впрочем, познато е дека вообичаено, големата порота заседава во понеделник и среда.
Закана од кривично обвинување
Овој пат таа треба да се определи за една од неколку случаи поврзани со Трамп.
На пример, два се однесуваат за неговите, без докази обвинувања, за наводното лажирање на изборите во САД, во 2020 година на кој беше уверливо поразен од Џо Бајден, а еден за потикнувањето пуч на 6 јануари 2021 година, за да се поништата изборните резултати и тој да остане претседател.
Случајот со Даниелс, меѓутоа, што би можел да се означи и како „порно-бура за Трамп“, би можел да му ја уништи амбицијата уште еднаш да влезе во Белата куќа, затоа што е од сосема друга природа.
Во време кога тој настојува да се номинира за републикански кандидат за изборите во ноември 2024 година и уште сега самиот се има прогласено за победник, екс претрседателот е соочен со кривично дело- давање пари за поткуп.
Поткуп од 130 илјади долари
На ѕвездата на неколку ( велат познати) порно филмови, тој и има платено 130 илјади долари за да не зборува за својата секс-врска со Трамп и за неговата неверност кон сопругата Меланија.
Уште повеќе што нејзините раскажувања за врската, веќе биле и политички крајно опасен материјал, затоа што се случувало во време на завршната кампања пред претседателските избори во 2016 година, на кои тој подоцна, неочекувано, победи.
Неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен има признаено дека ја исплатил Даниелс, за што беше суден, осуден и веќе ја издржа затворската казна. Коен има признаено дека на барање на Трамп и дал пари на Сторми. Трамп, пак, тврди дека немал ништо со неа , а неговите политички сојузници го бранат дека сето тоа- на своја рака- го има направено Коен!?
Сега тие извори тврдат дека порно ѕвездата била исплатена со негови сопствени пари. Тоа не е неточно, бидејќи адвокатот, навистина, дал свои пари , за да го покрие Трамп во тое време на изборна кампања.
Но, веднаш по изборите, новиот претседател на САД му ги вратил на Коен парите- од сметката на трамповата компанија во Њујорк, истата која е под даночна истрага за можна измама. На тој начин и исплатениот поткуп за Сторми Даниелс станува дел од истражната постапка за компанијата и за нејзините валканици и товар плус за самиот Трамп.
Неуспешен нов бунт на трамповци
На денот кога требаше да заседава големата порота, екс претседателот не успеа во повикот да прави нов бунт, како оној пред две години на Капитол Хил во Вашингтон.
Пред згардата „Трамп Билдинг“ и пред зградата на судот во Менхетен кој го води случајот, имаше повеќе полиција, новинари и сниматели, отколку републикански подржувачи. Токму републиканците на повикот на Трамп, реагираа со контра повик- барајќи од своите симпатизери да останат дома. И тие го послушаа барањето.
Во меѓувреме, излезе дека Трамп не отиде во зтрвор, туку остана во својата богата вила во Флорида. Њујоршките правосудни власти , во секој случај, не сакаа од една правна постапка и истрага да прават спектакл, како што тоа го сакаше Трамп , а уште помалку политичка криза која може да се развие со махинациите на екс претседателот.
Наместо на улица, неговите подржувачи и истомисленици- сите од десничарскиот табор на американското општество, отворија војна на социјалните мрежи против власта. Заговарајќи „национален штрајк“ за одбрана на Трамп, или дури и „граѓанска војна“ против демократите и демократијата, против „левичарењето“ и либерална Америка.
Гневот на Меланија
Односно се она што Трамп во своите претседателски години го покрена низ Америка. На удар е и Сторми Даниелс на која и се закануваат со ликвидација.
Американските медиуми, меѓутоа, откриваат дека Трамп вежбал како да се однесува – кога ќе го уапсат. Односно каква нова претстава да направи за да ги натера сите републиканци да застанат зад него.
Притоа го предупредуваат екс претедателот дека, сепак, не треба толку да стравува од демократите и обвинителите, колку од Даниелс. Таа прифати да сведочи за нејзината секс врска со Трамп, откако одново- мошне пластично- открива детали за нивната ноќ помината во хотелот покрај езерото Тахо, во Невада..
Посебно ќе треба да стравува од сопругата Меланија Трамп.
За неа велат дека кога медиумите прв пат ( во 2018 година) почнаа да откриваат детали за прељубата, таа осрамотена и понижена, исчезнала на неколку денови, престојувајќи во еден од елитните хотели во Вашингтон- за да биде подалеку од Доналд Трамп. Нејзините соработници во Белата куќа сега тврдат дека неверството никогаш му го нема заборавено и простено.
(В.А.)