Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шкотска се откажува од независноста ?

Шкотска се откажува од независноста ?

Првиот министер на Шкотска Никола Старџен објави дека се повлекува од својата функција, најавувајќи дека заминува и од функцијата лидер на владеачката Шкотска национална партија (СНП) која беше и останува предводник на шкотскиот сеператизам и предводник на политиката за  отцепување на овој дел од Британија, од Обединето Кралство.

На оваа функција, таа беше првата Шкотланѓанка, а ќе остане запаметена и како прв министер со најдолг стаж на оваа прва позииција во Шкотска. На   позицијата прв министер таа го наследи Алекс Салмонд , кому таа му беше заменик лидер  и министер во владата.

Салмонд поднесе оставка откако на референдумот за независност во 2014 година мнозинството Шкотланѓани се определија за останување на нивната земја во рамките на Обединетото Кралство, наместо за враќање на независноста што ја заговараше СНП.

(Не)очекувана одлука

Веста за оставката на Старџен, за шкотската ( и британската) политичка јавност доаѓа како изненадување, но за аналитичарите во Единбург таа не е неочекувана.

Затоа што кога се мислеше дека е на врвот на својата политичка моќ- како прв министер и партиски лидер- таа нејзина  позиција наеднаш почна да се ниша и да се поткопува- за да на крајот се покаже дека не била толку сигурна колку што се мислеше. Се покажа дека моќната Шкотланѓанка е ранлива . Наместо да се бори за својата позиција, таа овој пат се одлучи да се повлече.

„За еден политичар е многу важно да знае кога е вистинскиот момент за повлекување. За мене, мислам дека тој момент  е токму сега“- рече таа во своето обраќање до шкотската јавност и до гласачите на СНП.

Притоа, не пропуштајќи ја  можноста, да им порача на Шкотланѓаните дека  останува крајно лојална и посветена на борбата за независна Шкотска, како што тоа го правеше откако е во политиката.

Криза на движењето за независност

Политичките експерти потсетуваат дека Старџен доживеа неуспехот  во преговорите со синдикатите за платите, се соочи со фијаското со контроверзниот закон за трансродови лица ( блокиран од Лондон), како и со аферата по откритиетоо дека нејзиниот сопруг и позајмил на нејзината  СНП 100 илјади фунти.

Меѓутоа, проценката е дека главната причина за повлекувањето, сепак,  е  ситуацијата околу движењето за шкотска независност. Односно, нејзиниот неуспех да се избори за одржување  втор референдум за независност, откако тоа на два пати самоуверено го најави.

Тоа целосно се блокира откако британскиот Врховен суд пресуди дека не може да се организира референдум за отцепување од Британија, без согласност на Лондон, односно на владата на Британија. Тогаш, Старџен порача дека одлуката за тоа ќе ја донесат гласачите ( во Шкотска) на следните британски парламенарни избори кои , според  неа, фактички, ќе претставуваат и референдумско изјаснување на Шкотланѓаните.

Нема референдум без Лондон

Се покажа дека таа стратегија на Старџен , не изгледа прифатлива за целото партиско раководство на СНП. Некои медиуми во Глазгов и Единбург пишуваат дека дури и таа самата  стравувала од можноста нејзиното инсистирање на една ваква, борбена стратегија, да предизвика силни поделби во партиските редови и криза меѓу шкотските националисти.

Во летото минатата година, таа самоуверено објави дека вториот референдум за независност ќе се организира на 19 октомври 2023 година, иако знаеше  дека тогашнот британски премиер Борис Џонсон не се согласува за ново изјаснување на Шкотланѓаните. Имаше сознанија дека ториевците нема да попуштат во својот став, дури и кога таа се закани дека ќе ја тужи владата во Лондон пред Врховниот суд.

Кога судот одлучи како што одлучи, барајќи согласнст на Лондон како што тоа се случи во 2014 година, а потоа  се покажа дека и Лиз Трас, а и сегашниот премиер Риши Сунак се против референдумско изјаснување за иднината на Шкотска, Старџен се соочи со комплетната неизвесност како понатаму со движењето за независна Шкотска, како членка на ЕУ.

Ризична стратегија

Но, и со фактот дека нејзината стратегија е и избрзана и доаѓа во погрешно време- во време на пост-пандемска криза , со тешки последици врз вкупната британска економија, па заложбите на Лоднон дека „ сега не е време за референдум, туку за стабилизавија на земјата“- им изгледаат прифатливи и на шкотските националисти.

Впечаток е и тие и дел од раководството на СНП, како да не сака да се брза со нов референдум, плашејќи се од нов неуспех.

Посебно, да не се инсистира за тоа следните британски избори, во почетокот на 2025 година, да бидат референдумско изјаснување. Затоа што тоа би значело дека целата кампања на СНП би  се насочила само кон прашањето на  независноста , при што другите прашања би биле целосно потиснати.

Освен тоа, дури и да се ризикува со оваа стратегија, партијата на Старџен би требало да освои над 50 отсто од шкотските гласови, а тоа велат не се случило уште од 1955 година, кога толкав процент тогаш освоиле британските конзервативци. СНП и при најголемите свои изборни победи, нема добиено повеќе од 45 отсто од гласовите.

Нема враќање во 1707 година

Конечно, и при ситуација сепаратистите да победат како никогаш досега, СНП би морала одново да преговара со владата во Лондон за да го прифати референдумското изјаснување.

Сето тоа покажува дека стратегијата на Никола Старџен делува како коцкање со иднината на партијата, која се смета дека  без наметнувањети на референдумското изјаснување, одново би можела да освои најмногу гласови.

Посебно, што шкотската јавност, сега во услови на серизоната криза во Британија е оладена кога станува збор за враќање на времето пред 1707 година.

Станува збор на  времето кога Шкотланѓаните, за да не им банкротира веќе финансиски целосно исцрпената држава, им  предложиле на Англичаните да се обединат во една заедничка држава- откажувајќи се од шкотската круна и од шкотскиот Парламент.

За сметка на стабилизацијата и просперитетот, сегашната генерација Шкотланѓани ( изгледа) е спремна да се откаже од сонот за независност. Или барем да го одложи за некое подобро време.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе