Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија заглавена во политичката криза

Бугарија заглавена во политичката криза

Партијата ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија), партија на поранешниот премиер Бојко Борисов,  не успеа во бугарскиот Парламент да добие подршка за  предложената технократска (експертска) влада, со   неврохирургот Николај Габровски (51)- како непартиска личност-  за нов премиер.

Оваа партија која во разни коалициски варијанти  11 години беше на власт и на последните вонредни избори освои најмногу гласови, но  недоволно за да може да создаде стабилна  влада. Неможејќи да обезбеди ниту коалициски партнери, ГЕРБ се определи за една ваква влада (имаше во Италија со Марио Драги и таа ја стабилизира земјата), но зад ваквата влада застанаа главните италијански политички сили), што се покажа дека тоа  не може да се случи и  во Бугарија.

За „владата Габровски“ како што таа беше означена во Софија, гласале 113, а против неа 125 пратеници, во едно ( според бугарските медиуми) сложно гласање против тоа партијата на Борисов да добие битка во Парламентот и да има влада која (сепак) би била под нејзината капа..

Четири избори за 18 месеци

Затоа, уште од почетокот беше јасно дека  шансите да се успее да се  добие довербата на пратениците , се мошне мали.

Прво затоа што екс премиерот Кирил Петков, инаку, второпласиран на октомвриските избори,  најави дека неговата партија Продолжуваме со промените , нема да гласа за влада која ја предлага ГЕРБ, а второ, затоа што составот на владата што е понуден , само уште повеќе ќе ги истакне длабоките разлики кои постојат меѓу партиите што го сочинуваат сегашниот состав ( од седм партии) во бугарскиот Парламент.

На изборите од 2 октомври, инаку четврти по ред во изминатите 18 месеци, прва беше партијата ГЕРБ, па затоа таа доби право прва да се обиде  да направи влада.

Сега, кога гербовци не успеаја , мандатот ќе му биде понуден на Петков. Но,  малкумина веруваат дека и тој и   некој друг ќе успее да ја надмине  долготрајната заглавеност ( и велат тврдоглавост) на пратениците и на пратеничките групи -кои партиските интереси ги стават пред државните, што  е општа балканска особина.

Предлог- технократска влада

Предлогот на ГЕРБ инаку е нетипичен за бугарската  политичка сцена- со цел побрзо да се надмине кризата и да се обезбеди некаков компромис- па на Парламентот му се предложи надпариска влада, составена од технократи , со министри за кои се верува дека секој од нив е експерт за ресорот што ќе го покрива. Ниту еден од предложените министри не е член на некоја од партиите во Парламентот.

Тоа е направено како изнудено решение затоа што сите одбија соработка со ГЕРБ,  освен  партијата на Турците и една од двете националистички партии кои влегоа во Парламентот .

Габровски апелираше на потребата од единство во овие критични моменти,  предупредувајќи дека “Бугарија не е веќе на крстопат, туку на работ од пропаст“ .

Не  требаше ниту да споменува  дека долгата  бугарска  криза, најголема од падот на комунизмот, веќе предизвикува земјата да продолжи да заостанува зад другите од Истокот на Европа во ЕУ, а посебно зад Хрватска , која од 1 јануари  влегува и во еврозоната и во зоната на Шенген.

Бугарија тоа требаше да го направи заедно со Хрватска, но планот за еврозоната сега е помесетен за 2024 година, а во Шенген зоната за до крајот на 2023 година.

Софија се повеќе заостанува зад ЕУ

И за едната и за другата стратешка цел, причина за бугарското застанување  не е  само долгата, домашна корупција, затоа што неа ја има и во Унгарија и Грција, на пример, а сега се покажа дека  на примање поткуп не се имуни ниту функционери на Европскиот Парламент.

Причините за заостанувањето , пред се,  се  во  внатрешнополитичката нестабилност на Бугарија, немањето стабилна и одговорна влада и скитањето на Софија околу најважните стратешки определби на ЕУ, но и на НАТО.

Состојба која станува и безбедносно загрижувачка , затоа што се случува сега, во услови на војна во Украина предизвикана од бруталната руска агресија и во време на опасното руско мешање во балканскиот регион, предизвикувајќи кризи и нестабилна политичка ситуација во повеќето земји во регионот.

Токму Москва е потикнувач за падот на владата на Петков, првиот вистински проевропски и прозападен бугарски политичар кој сакаше да се расчисти со политичката филозофија – седење на две столчиња- како и на традиционалното русофилство, што пошироко гледано е закана и за бугарското соседство.

Расте подршката за ГЕРБ

Петков и неговата влада која траеше само седум месеци пред да биде соборена, затоа , не сака да соработува со влада која би била поврзана со  ГЕРБ ( а тоа значи и на Борисов) , иако таа е технократска, а не партиска. Затоа тој и неговата партија гласа против Николај Габровски.

Токму во ова време, пред гласањето,  Софија направи пресврт во својата досегашна политика кон војната во Украина , па објави дека (меѓудругото) почнува да испраќа оружје за украинската страна.

Сепак, се смета дека тоа е и премалку и предоцна да ја смени позицијата на Продолжуваме со промените. Особено што Петков не му заборава на Борисов дека токму ГЕРБ предложи да се гласа за доверба на неговата влада.

Сега, претседателот на државата треба мандатот  да му го префрли на Кирил Петков, чија партија беше второпласирана на четвртите избори во октомври. Затоа,  очигледно е дека Бугарија чекори кон пети, едно по друго, вонредни избори, за два месеци, на кои во Софија се тврди (одново)  ништо нема да се промени.

Последните анкети , меѓутоа, откриваат дека расте подршката на бугарските гласачи за ГЕРБ. Сега 26 отсто од нив и даваат подршка на оваа партија, што предизвика Продолжуваме понатаму да го зголеми заостанувањето зад гербовци на седум проценти.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе