Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Австрија против ширење на Шенген зоната

Австрија против ширење на Шенген зоната

Изгледаше дека од почетокот на идната година,  Шенген зоната ќе се прошири со Хрватска, но и со Бугарија и Романија, откако Европската комисија и Европскиот парламент дадоа подршка за еден ваков чекор , што подолго време се одлага.

Но, оптимизмот во Загреб, дека покрај влегувањето во еврозоната, Хрватска, во новата година ќе се најде и во зоната на Шенген спогодбата, со што во рекордно кратко време, за само девет години, ќе ја заокружи својата европска интеграција, наеднаш  исчезна, по изјавата на австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер дека „ова не е време за проширување на Шенген зоната“.

Илегални мигранти преку земјите во ЕУ

Тоа значи дека Виена не е против прием на нови членки (сега се 22 од вкупно 27 земји во ЕУ), туку дека се спротивставува тоа да се направи сега, во ова време, кога миграцијата, а посебно илегалната во земјите на Унијата е засилена и кога напливот на вакви имигранти доаѓа преку т.н. „балканска врска“ .

Тоа е линијата на која се наоѓаат земјите од Западен Балкан, но која минува и низ трите земји кандидати за влез во Шенген зоната.

Според Карнер, ЕУ не може да го проширува системот ( Шенеген) кој сега не функционира, па затоа и не може да се проширува. Австриецот смета дека актуелната ситуација покажува оти европските надворешни граници ( мисли на границите на целата ЕУ) не се безбедни и затоа Виена и натаму смета дека треба да остане граничната контрола на австриската и на унгарската граница.

Австриските власти тоа го илустрираат со нивните сознанија дека имаат откриено 1оо илјади илегални мигранти на своја територија, од кои за 75 илјади е утврдено дека , претходно, минале низ неколку земји-членки на ЕУ, а тие , односно нивните власти, не ги нотирале како илегалци.

Затоа, Австрија смета дека балканските европејци , засега, треба да останат надвор од Шенген зоната.

Иземање на Хрватска?

Во секој случај, конечна одлука за ова нема. Формално, барем кога станува збор за Хрватска, одлуката треба да ја потврди Европскиот совет ( лидерите на земјите членки) на последниот Самит за 2022 година, пред крајот на декември.

Во Загреб постои надеж дека нивната земја, сепак, би можело да биде иземена од блокадата, особено што австрискиот канцелар би требало, неделава, да ја посети Хрватска, но ситуацијата со Романија, а посебно со Бугарија останува неизвесна.

Особено што Софија и по четири едно, по друго гласање, на парламентарни избори, се уште не може да формира, нити неаква одржлива коалиција, а ниту стабилна влада.

Австријанците, во меѓувреме, се изборија за вонреден состанок на министрите за внатрешни работи на шенганската зона, чии земји-членки треба да прифатат проширување и одлука кој сега би можел да биде нов член.

Чешка , како претседавач со ЕУ, прво предлагаше сите три земји да влезат во оваа зона, или никој. Сега, меѓутоа, има изработено два нацрт- одлуки. Едната само за Хрватска, а другата за Бугарија и Романија, што значи дека Загреб, сепак, е во предност во однос на Букурешт и Софија.

Загреб и Софија не одат веќе заедно

Хрватската страна инсистира дека тие долго и трпеливо работат врз амбицијата да се биде дел од шенгенскиот простор. Изработени се и исполнети над 300 најразлични услови и задачи дадени од ЕУ зоната, а Хрватска беше подолго време под надзор, изложена на низа проверки и контроли за тоа како работи пограничниот и имигрантскиот сектор. Земјата, велат, ги има поминато сите потребни тестови.

Тоа, меѓутоа, не може да се рече за Бугарија, па и за Романија кои подолго време се на „стенд-бај“ кога станувза збор за влезот во оваа зона.

Тие и пред Загреб го имаат истакнато барањето за Шенген, а Брисел им го има ветено. Софија, на пример, беше предвидено да влезе со Хрватска и во евро зоната и во Шенген, но како сега стојат работите, другите во оваа зона се уште не веруваат дека Бугарија е сигурен партнер за да го чува својот дел од надворешните граници на ЕУ.

Колку и да се работи на тоа ( изградена е и ограда кон Турција), а  границата е максимално обезбедувана, сепак,  „бугарскиот илегален коридор“ на мигранти никако не може да се запре. Во тоа голема улога има Турција која вешто манипулира со бегалците во нејзините политикански игри со Брисел , повремено пуштајќи „ бегалски бран“ преку бугарската граница и територија.

Холандија и Шведска се против

Но, властите во Софија ( и поради корупцијата) не успеваат да се справат со основното барање- да се нотираат илегалните мигранти. Згора на се, земјата е безмалку три години во политичка криза, со обидите на нејзините главни политички сили да седат на „две-три столчиња“ – и да кокетираат со режимот на Владимир Путин, но и да и ветуваат на ЕУ лојалност – кога треба да се земат парите од европските фондови.

Европски дипломати велат дека застојот со бугарското и романското влегување во Шенген зоната е пред се поради корупцијата од која овие две земји члени не може да се ослободат, иако Бугарија е уверливо најслабо развената земја-членка на ЕУ, а Романија е далеку пред неа , на тој план.

Но, аналитичари во Брисел сметаат дека причината не е толкуу во корупцијата  (таа е силна  и во Унгарија, а во Грција) , колку во политиката и во недовербата кон „балканските европејци“ ( без Хрватска).

И овој пат, парламентите на Холандија и на Шведска не се согласуваат Бугарија и Романија да се најдат со другите во  зоната на Шенген, која претставува единствен и отворен простор на Европа, во кој слободно се движат над 400 милиони луѓе. Во Загреб велат влегувањети на тој простор ќе значи многу за натамошен развој на хрватската економија.

(З.Х.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе