Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Франција: десничарите без таткото и ќерката Ле Пен

Франција: десничарите без таткото и ќерката Ле Пен

Жордан Бардела (27) е новиот претседател на француската десничарска партија Национално собирање  на Марин Ле Пен ( претходно позната како Национален Фронт). Веста за новоименуваат претседател ја соопшти лидерот на партијата Ле Пен, која најавува дека се повлекува од својата досегашна функција.

На априлските претседателски избори, таа и по трет пат, едно по друго,  загуби во вториот изборен круг. По втор пат од Емануел Макрон, откако тој одново , за вториот круг од гласањето, ги собра зад себе повеќето партии од левиот и од десниот политички блок, за да се спречи десничарката Ле Пен да влезе во Елисејската палата.

По изборите пред седум месеци, таа не најави повлекување, освен што навести  дека ќе биде „цврста опозиција“.

Двајца лидери за половина век

За Бардела, пак, се знае дека мошне млад за да предводи партија која има амбиции да ја води Франција , потоа, дека е избраник на актуелниот лидер и дека е европски пратеник во Парламентот во Стразбур.

Она што за него е најважно е тоа што  тој е првиот претседател на Национално собирање кој не е во никакво сродство со семејството Ле Пен. Таткото  Жан Мари и ќерката Марин,  од формирањето на партијата,  пред пет децении, па се до сега, беа единствените на лидерската позиција.

Жан Мари Ле Пен ја создаде оваа крајно десничарска и националистичка партија во 1972 година и долго време потоа беше нејзниот неприкосновен лидер.

Го наследи неговата воинствена и десничарски определена ќерка Марин, практично, принудувајќи го да се повлече , откако стана јасно дека поради неговите тврди националистички и често  расистички изјави,  тогашниот Национален Фронт почна да ги губи позициите во француската јавност.

Национализам и расизам

Како лидер на партијата, таа сепак не направи напор да отиде кон политичкиот центар, туку остана таму каде Фронтот беше и додека го водеше таткото Ле Пен . Но, настојуваше на секаков начин да се ослободи од квалификациите во домашната и европската јавност, дека станува збор за расистичка партија.

Во тоа некако и успеа што се виде на изборите во април годинава. Тогаш успеа да  ги преземе гласовите на традиционалниот десно-центристички блок, задржувајќи ги притоа и своите десничари, како и расистите  кои заговараат „доминација на белите“ и „враќање на дојденците во Африка“.

Тоа се оние кои зборуваат дека Франција е загрозена од доселениците и мигрантите од „Црна Африка“ и од северноафриканските муслимански земји, иако сегашната доминанта генерација луѓе со мигрантско потекло, во најголем број, се родени, израснати  и образувани во Франција.

Во еден момент,  кога сфати дека нејзиниот татко дејствува против неа и интересите на партијата, Марин Ле Пен го исклучи од партиските редови. Но, и тоа не помогна  да ја стекне довербата и наклонетоста  на традиционалните француски гласачи- за да освои мнозинство од гласовите за Парламентот и за да стане претседател на Франција.

Од евроскептик до десничарска ЕУ

За тоа е самата виновна, меѓудругото, и со честите излети кон крајно-десничарскиот блок, кога во еден период заговараше евроскептицизам и напуштање  на ЕУ и на  еврото,  враќање кон францускиот франак, како симбол на националната посебност на Франција.

Не ја доби подршката од гласачите за таквото свое определување, па одлучи  евроскептицизмот  да го замени со настојувањето да се формира некаква  десничарска  Европа/ЕУ , од таквите европски партии , а контра либерализмот и либералната демократија врз која почива ЕУ.

Сојузници во тоа и беа ( и се уште се)   еден Матео Салвини во Италија, губитник на  последните италијанските избори, како  и  ултрадесничарите во Холандија и Германија, како и  Виктор Орбан кој владеејќи деспотски во Унгарија,  по секоја цена настојува да се претвори во некаков „голем играч“ во Европа, за што никој од неговите не го подржува.

Проценка на политичките експерти е дека за ваквото свртување  заслуга  има нејзиното другарување  со Владимнр Путин и нејзините  врски со путинова Русија.

Токму Кремљ настојува на разни начини и со помош на европските десничари- од Западот на Европа, до Западен Балкан- да се ослабне  и да се разедини ЕУ, затоа што   Москва, во неа гледа непријател за своето геостратешкото разместување.

Подршка со руски пари

Не е никаква тајна дека Марин , за таа своја блискост со Путин, има добиено, а (велат) дека  и натаму добива руски пари, во форма на кредити и зајмови од тамошните банки.

Парите,  велат се дадени за политичката активност на нејзината партија, како и за кампањите што ги води на француска територија. Затоа,  позајмиците мора да  се вратат, но услугата, во секој случај,  се плаќа –  со подршката  на  руската  антиевропска политика.

Војната во Украина, ја има затечено Марин Ле Пен , па  мораше да застане зад официјалната европска, западна и француска политика . Русија има изврешено инвазија врз една независна, суверена земја, членка на ОН, па сепак, многу брзо оваа франциска десничарка почна да се извлекува. Многу поблаго од другите  ја осудуваше путинивата војна и почна да изнаоѓа  објаснување за руската агресија, заговарајќи  и дека санкциите не се решение.

Во Париз се смета дека  Жордан Бардела тешко  ќе може да ја преземе партијата на Жан Мари и Марин Ле Пен во свои раце. Претпоставка  е затоа  дека досегашниот лидер и натаму  (барем во извесен период ) ќе ја има контролата ќе раководи „од страна“ , како своевиден газда на „семејниот имот“, како што често се нарекува партијата  Национално собирање.

(П.Ф.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе