Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Одмазда за Брегзит

Одмазда за Брегзит

Доскорешната британска премиерка Лиз Трас остави зад себе политичка криза во Британија за која нејзините критичари само неа ја обвинуваат- поради, како што велат- „хаотичните шест недели “ поминати во Даунинг стрит 10. Оние кои настојуваат посмирено да гледаат на ( навистина) тешката ситуација во која се наоѓа земјата, меѓутоа, сметаат дека сето тоа е само последица на подолгата политичка криза која се одржува во живот последните дванаесетина години.

Сега таа е дополнета со актуелната економска и финансиска криза, која предизвика – со неуспешниот обид да ја разрешува ситуацијата  со контроверзниот „мини буџет“ – Трас да биде  прогласена за најголемиот виновник и жртвувана од сопствените конзервативци за сите промашувања што тие ги имаат наравено од 2010 година, од кога се на власт.

Непотребен и штетен референдум

Најмногу со популизмот на Борис Џонсон, со неговиот антиевропски наратив и со неговото копирање на трамповиот модел на управување. Потикнувајќи го  англискиот национализам и влечејќи  потези во стилот – од денес, за утре- редовно подржувани од неговите медиуми кои на јавноста и ја продаваа „Големата Британија“ , со паролите создадени од времето  пред и по референдумот за излез од ЕУ.

Се покажа дека беа во прво сите кои предупредуваа- дека Брегзит е непотребен и штетен за Британија. Односно,  дека на земјата ќе и направи многу поголеми проблеми отколку на Европа/ЕУ , како што зборуваа Брегзитерите  на Џонсон,   за тоа дека Брисел   ќе се најде во  проблеми без Британија. А, после се она што се случува во послените шест години, од референдумот во 2016 година- излегува дека сите британски кризи, падови и состојби,  се јавуваат како последица на стратешката грешка – да се напушти ЕУ.

Прво, од грешката на Дејвид Камерон да организира референдум за Европа кога тоа никој во Британија не го бараше. Погрешно, притоа,  проценувајќи го расположението на англиските ториевски гласачи, постојано  заплашувани од антиевропските таблоиди со „наездата “ од Турци , Балканци и Источноевропејци во Британија.

Потоа, од неуспехот на неговата влада да и се спротистави на агресивната , а лажна кампања на Брегзитерите за наводниот грабеж на британските пари ( за европските фондови) од Брисел. Никој не се сети во тоа време да потсети  на единствената привилегија која ја имаа само Британците- да добиваат враќање на безмалку  половина од парите кои ги уплаќаа во заедничката европска каса ( т.н. рибејт) .

Тргање на Тереза Меј

Сите тие погрешни потези и не направени чекори , предизвикаа пад на Камерон- млад ториевски политичар кој требаше да ја подмлади и осовремени Конзервативната партија. Тоа, пак, доведе до своевидно расуло на најстарата британска партија- до делењето на членството, на пратениците и политичарите- на оние за и против ЕУ и Брегзит.

Победија антиевропските сили кои сосема ги потиснаа и ги маргинализираа оние кои веруваа дека Британците прават грешка.

Таквата состојба ја почувствува Тереза Меј која го замени Камерон, која иако во референдумската кампања беше за останување во ЕУ, како лидер на партијата и премиер, сепак, почна да работи за реализација на референдумот- за постигнување договор за излегување од Унијата. Кога, на крајот договор се направи, тврдите брегзитерски сили ја тргнаа со партиски пуч, за да се отвори пат за Борис Џонсон да ги исполни своите амбиции- да биде премиер.

Со него почна една нова фаза, особено откако свика предвремени избори, не сакајќи да го одработи мандатот на Меј. На нив извојува уверлива победа, каква немало од времето на Маргарет Тачер, нанесувајќи им на дезориентираните лабуристи пораз каков немаа доживеано уште од пред четири децении, кога Тачер го порази Мајкл Фут.

Пораз по триумфална победа

Ваквите резултати и изборниот триумф ја заголемија и ароганцијата и самобендисаноста на конзервативците на Џонсон и новата гарнитура негови истомисленици кои ги внесе цо власта- како министри. Џонсон ја смени Меј поради ( наводно) лош северноирски протокол за трговија , па направи свој прогласувајќи го за безмалку идеален.

Но, кога северноирските унионисти се побунија – дека договорот на Џонсон , практично , ја изолира Северна Ирска од Британија, во типичен популистички стил- тој му порача на Брисел дека бара нов, трет протокол. ЕУ тоа го одби, обвинувајќи го Лондон за кршење на еден меѓународен договор. Двете страни се најдоа на работ од „трговска војна“ која некако се стави на страна по експлозијата на пандемијата , а сосема се запре по руската инвазија врз Украина.

Работата требаше да ја турка Лиз Трас, која Џонсон за постави за првата жена шеф на Форин Офисот.

И таа полека успеа да ги стабилизира врските со Брисел и да бара компромис околу најновиот северноирски протокол, кога премиерот Џонсон почна да влегува од еден скандал во друг и да го губи рејтингот и покрај изборниот триумф од 2019 година. Неговата политичка хаварија заврши после 2,5 години како лидер на партијата и премиер- со  партиски пуч и со изгласување недоверба од неговите сопартијци, министри и пратеници.

Премиер за шест недели

Тогаш на сцена стапи борбената Трас , која доби мандат од партиското членство , поразувајќи го претходно, уверливо противкандидатот  Риши Сунак, а ја имаше подршката и од британските гласачи, барем според направените анкети.

Меѓутоа, нејзиното премиерство заврши за 45 денови, од кои десет минаа во деновите кога целата британска јавност ја  оплакуваше смрта на кралцата Елизабета.

Се покажа дека таа е успешна како министер на разни позиции, но не и како лидер на веќе разединетата партија и посебно неподготвена да се справи со крајно недисциплинираните пратеинци. Ја заврши кариерата, тргната како неспособна за задачата која ја доби со мандатот да биде премиер.

На тој начин, излегува дека и понатаму продоолжува своевидната  одмазда за одлуката на Британците за Брегзит и за  излорирање од Европа, а не само за излегување од ЕУ. Сега тврдото брегзитерско, пратеничко ,мнозинство во Долниот дом на Парламентот, до крајот на оваа недела ( до 28 октомври) треба да избере уште еден премиер на Британија. Како стојат работите, ќе треба да се одлучува меѓу екс министерот за финансии, Риши Сунак и поранешната минстерка за одбрана Пени Мордаунт.

Рекордна инфлација и поскапи ануитети

Опозицијата инсистира на избори, уверувајќи дека политичкиот хаос во земјата ќе се продолжи доколу Британија добие и трет премиер без избори- со подршката од само два отсто од Британците , колку што се смета дека изнесува бројот на членовите на Конзервативната партија.

Британците сега се соочени со рекордна инфлација, со пад на потрошувачката и плаќаат поскапи камати и ануитети за своите кредити. Но, јавноста е поделена околу поставување нов премиер, на начинот на кој се избра Трас, или да се оди на избори. Не им веруваат на опозициските лабуристи и на нивната недефинирана политика за брза стабилизација.

ЕУ и Брисел , од своја страна, веруваат во брзата стабилизација на Британија, но се согласуваат дека вината за хаосот , сепак, не е на Лиз Трас, туку е последица на грешката со Брегзит.

Како и да е, напуштањето на Унијата веќе предизвика смена на неколку премиери. Трас , како и Меј, беше за останување во ЕУ, но пропадна. На таа линија беше и Џереми Хант кој се повлече од најновата  изборна трка. Но, сите оние кои сега се во игра за влез во Даунинг стрит 10, се тврди брегзитери.

Брегзит и азискиот блок

И Мордаунт, но и Сунак и големо мнозинство од т.н. малцински, азиски блок политичари- ториевци кои минаа како министри, остануваат на антиевропските ставови.

Во таа група, на пример,  се и  поранешните министри Прити Пател, Саџид Џавид и Суела Бреверман. Сите тие беа и останаа силни заговорниџи за напуштање на ЕУ, а така на референдумот гласаа и припаднците на индиската и пакистанската заедница во Британија.

Во Лондон, единствени локации каде победи Брегзит, беа оние во кои во најголем број  живеат припадници на овие две етнички  и верски заедници.

Во една ваква ситуација нема никакви шанси Британија и Британците да ја поправаат грешката од 2016 година, кој и да ја замени Лиз Трас.

Останува само забелешката на некои британски еврофили , за тоа колку добро на Британија сега ќе и дојдеа милијардите евра од европскиот фонд за санација од короната. Онака како што им помагаат на Италија , Франција или Германија, на пример- друштвото на големите  во ЕУ на кое до пред шест години му припаѓаше и Британија.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе