Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Абазовиќ контра Ѓукановиќ

Абазовиќ контра Ѓукановиќ

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и премиерот (во технички мандат) Дритан Абазовиќ кои пред последните парламентарни избори беа на сосема спротивни страни, по падот на таа влада, во која Абазовиќ беше заменик премиер, а по нејзиното пропаѓање стана и премиер на малцинска влада, во еден момент, наеднаш станаа политички партнери.

Малцинската влада се одржуваше со поддршката на поразената партија на изборите – партијата на Ѓукановиќ. Оние кои застанаа зад Абазовиќ, само за да се прекине со 32 годишното владеење на „вечниот” Мило со Црна Гора, сега гневно му свртеа грб на реформскиот и силно проевропски и прозападно ориентиран лидер на малата партија УРА, обвинувајќи го за „предавство“.

Но, кога стана јасно дека токму Абазовиќ е подготвен да стави крај на острата српско – црногорска војна за статусот и положбата на Српската црква во длабоко национално поделената црква, „предавникот“ – за сите просрпски (и проруски) партии стана (одново) нивни сојузник.

„Договорот со СПЦ темел на стабилноста“

Тоа се случи откако на јавноста во Црна Гора и порача дека тој иако потекнува од друга религија, конечно, ќе го потпише темелниот договор на државата со СПЦ и ќе ги измири православните верници, граѓани и политичари во оваа мала, западнобалканска држава.

Според Абазовиќ токму тој договор е темелот за стабилизација, па и за измирување на Црногорците – оние кои се декларираат како етнички Срби и оние кои се изјаснуваат како етнички Црногорци – па дека без него и не може да се зборува за некаков напредок на државата на европскиот пат, иако земјата ги има отворено повеќето од поглавјата во преговарачкиот процес (по стариот начин на преговарање со ЕУ).

За ваквата своја определба и политика, Абазовиќ доби поддршка од Брисел, каде со загриженост се гледаше на длабоката криза во Црна Гора околу статусот на СПЦ, што од религиозно прашање се претвори во, политичко и национално, ризикувајќи непријателство со Белград и сериозна безбедносна криза во земјата.

Одмазда на претседателот

Но, затоа, пак, потпишувањето на спогодбата со српскиот патријарх, предизвика гневна реакција на шефот на државата. Ѓукановиќ веднаш ја повлече поддршката што неговите пратеници и ја даваа на малцинската влада на Абазовиќ и предизвика нејзино пропаѓање.

Згора на тоа, претседателот на државата сега настојува на сите да им се одмазди, не давајќи согласност да се создаде нова малцинска влада (без Абазовиќ). Кога сите другите се согласија околу личноста на новиот малцински премиер, претседателот одби да му даде мандат. Наместо тоа, Ѓукановиќ им порача на сите – да се спогодат за вонредни парламентарни избори, на кои верува дека може да ги поврати своите претходни позиции.

Сите сложно одбиваат да го послушаат претседателот, покажувајќи му дека неговиот авторитет е сведен на минимум, иако во сегашната политичка позиција тој и натаму останува моќник на малата политичка сцена во малата држава во Западен Балкан.

Абазовиќ порача дека нема намера да поднесе оставка, во една ваква ситуација, па сега е премиер во технички мандат – додека не се излезе од кризата, или додека не дојде време за редовни избори.

Отворена закана до Абазовиќ

Меѓутоа, сето тоа уште повеќе ги влоши односите меѓу шефот на државата и премиерот, што веќе се претвора во отворен судир.

Абазовиќ порача дека владата останува на курсот за пресметката со корупцијата, но и со организираниот криминал и разните црногорско – српски банди кои дејствуваат на теренот на двете држави. И дека во таа борба, за што има и европска и меѓународна поддршка, нема да има милост и пардон кон никого.

Локалните медиуми во Подгорица сметаат дека доколку продолжи на овој пат, премиерот и неговата екипа би можело да дојдат и до претседателот, кого неговите политички противници со години го сомничат за врски со криминалот и посебно со шверцот на цигари.

Ѓукаовиќ, пак, во едно интервју го обвини Абазовиќ дека (со договорот со СПЦ) го погазил Уставот и тешко ги повредил националните интереси на Црна Гора, порачувајќи му јавно дека е „премногу малечок и ситен“ (како политичар) за да може да се пресметува со него и уште и да го тргне од функцијата, како што целата опозиција се обиде со собирање потписи да издејствува некаков црногорски импичмент.

Шпионска афера

„Многу други, поголеми и посилни од него (Абазовиќ) се обидувале тоа да го направат во изминатите 30 години, но јас сум тука, а нив ги нема никаде“ – има речено претседателот Ѓукановиќ во разговор за радио Слободна Европа.

Како и да е, кризата во Црна Гора се продлабочува и таа се случува во време кога безбедносните органи открија шпионска афера, во која Црногорци вработени во државната администрација со години шпионирале во полза на Русија.

Предводник на групата бил Радомир Секуловиќ, вработен во МНР на Црна Гора. Тој е во меѓувреме уапсен и ставен во притвор, а за него се разбра дека во министерството за надворешни работи бил примен и унапреден во портпарол во време додека партијата на Ѓукановиќ беше на власт, а шеф на дипломатијата беше близок човек на шефот на државата.

„Војна“ со Русија

Властите во Подгорица протераа шест руски дипломати, потоа протераа и дваесет други странски државјани, а Москва на тоа реагираше со затворење на рускиот конзулат во црногорскиот главен град.

И уште, рускиот олигарх Олег Дерипаска кој од поодамна е замешан во црногорските политички состојби, како близок до Владимир Путин, токму сега покрена нов спор против владата на Црна Гора од која бара отштета од 50 милиони докари за раскинатиот договор во врска со алуминиумскиот комбинат во Подгорица.

Зделката со Дерипаска и неговото мешање во црногорските состојби – (во 2005 година има нудено помош за тоа Црна Гора да стане независна – што се слчи една година подоцна), се настани врзани за годините кога социјалистите на Мило Ѓукановиќ беа цврсто на власт. Но, засега, никој оваа шпионска афера (јавно) не ја поврзува со актуелниот претседател на државата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе