Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Црногорци шпионирале за Русија

Црногорци шпионирале за Русија

Во широка полициско – безбедносна операција во Подгорица, властите на Црна Гора уапсија и приведоа дваесетина лица, сите осомничени дека со години на ред, шпионирале за Русија и за нејзините тајни служби.

Операцијата е покрената и во земјата е подигната безбедносна тревога откако било откриено дека станува збор за лица кои се вработени во државната администрација, како државни службеници на разни позиции. Полицијата има извршено детален претрес на станивите и куќите на осомничените, како и на уште неколку локации во Подгорица.

Протерани уште шест руски дипломати

Засега нема покренато и формално обвинување против било кого, но црногорското министерство за надворешни работи соопшти дека протерува од земјата уште шестмина дипломати од руската амбасада во Подгорица.

Веднаш по тоа, амбасадата има објавено дека го затвора конзуларното одделение, во знак на протест – како што е речено – поради „непријателската политика на Црна Гора кон Русија“.

Откривањето на големо шпионско гнездо во власта на оваа поранешна ЈУ република, сега независна држава, членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ, доаѓа по бројните хакерски напади што Москва ги има изврешено врз Црна Гора, при што на удар се владините институции, како и по неуспешниот обид за пуч, во октомври 2016 година, на проруските сили во државата, во чија организација беа вклучени оперативци на руската тајна служба ГРУ.

Медиумите во главниот црногорски град тврдат дека лидер на шпионската група бил Радомир Секуловиќ, за кого се тврди дека низа години работел за руските тајни служби, а против интересите на Црна Гора.

Бивш новинар водач на шпионската група

За него се знае дека е поранешен вработен во тамошното министерство за надворешни работи, едно време и како негов портпарол. Од МНР бил исклучен, кога јавно се спротивставил на решението на шефот на дипломатијата за договорот на Црна Гора со САД, околу неиспорачување американски војници на Меѓународниот кривичен суд.

Секуловиќ, инаку, е поранешен новинар кој работел и како дописник од Лондон за српската агенција Танјуг. Во Црна Гора е од средината на деведесетите години на 20 век, од кога почнува да се меша во локалната политика и во тамошните политички делби.

Во еден период станува близок на Мило Ѓукановиќ, кога овој се најде во судир со поранешниот моќник во црногорската политика – Момир Булатовиќ, близок сојузник на тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

Во годините кога работи за МНР на Црна Гора, водачот на шпионската група Секуловиќ, почнува јавно да го брани и подржува лидерот на српските радикали, српски националист, ултра десничар и силно антизападно определен политичар – Воислав Шешељ, обвинуван и суден од Трибуналот во Хаг.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе