Хари и Меган се вратија во Америка
Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл се вратија во Америка, во нивниот дом во Калифорнија, по двонеделното отсуство поради смртта и погребот на кралицата Елизабета – јавуваат медиумите во САД.
Војводата и војвотката од Сасекс беа на претходно планирана посета во Европа, врзана за цела серија хуманитарни настани, кога британската кралица почина на 8 септември. Хари веднаш замина за Шкотска, за да биде со семејството во последните часови од животот на 96 годишната кралица, која 70 години беше на британскиот престол.
Американските медиуми потсетуваат дека два дена по смртта на кралицата, Хари и Меган, се појавија заедно со постариот брат Вилијам и неговата сопруга Катрин Мидлтон (тогаш се уште војводата и војвотката од Кембриџ) за да ја разгледаат алејата покрај замокот во Виндзор, каде кралицата бепе погребана, исполнета со цвеќиња поставени од обичните Британци кои на тој начин и оддаваа почит на починатата кралица.
Кралицата како врска со Калифорнија
Медиумите откриваат – повикувајќи се на неидентификуван извор од кралскиот двор – дека Вилијам ги има покането Хари и Меган, да се појават заедно во јавноста, како гест за заедништво и како чекор кон повторно зближување на двајцата браќа, во моментите означени како тешки за кралското семејство, со смртта на кралицата.
Хари и сопругата беа во Бакингамската палата, со целото семејство, кога телото на починатата кралица од Шкотска беше префрлено во Лондон, како што беа и на специјалната погребна церемонија во Вестминстер Хол, во катедралната црква Вестминстер Аби и на погребната поворка низ Лондон и до нејзиното вечно почивалиште, во замокот во Виндзор.
Британскиот кралски историчар Роберт Хардман, автор на книгата “Кралица на нашето време – Животот на Елизабета Втора“ рекол за американското списание „Пипл“ дека покојната кралица го обожувала помладиот внук Хари и дека тој негувал исти такви чувства за својата баба.
Според Хардман, токму кралицата била врската меѓу Калифонија (по преселувањето на Хари) и Виндзор, каде кралицата се почесто престојуваше по смрта на нејзиниот сопруг, принцот Филип пред 1,5 година.
Пораката на кралот Чарлс
Некои британски таблоиди и разни интернет изданија, меѓутоа, ја користеа смртта на кралицата и сите настани пред и по погребот, за да „копаат“ по недоразбирањата и односите меѓу двата сина на новиот британски крал Чарлс, продолжувајќи ги приказните во медиумите за „вината“ на Хари, а посебно на Меган, која и натаму се смета за „заскитана“ во кралското семејство, во кое никој не ја сака.
Таквата атмосфера што некои таблоиди настојуваа да ја одржуваат додека Британците искрено тагуваа по кралицата со која го имаат одживеано својот живот, се обиде да ја запре Чарлс. Во своето прво обраќање, како нов британски суверен, тој јавно им се обрати на своите два сина и двете снаи – поименично ословувајќи ги – дека се дел од кралското семејство, иако Хари со Меган се имаат преселено во САД.
Меѓутоа, некои медиуми продолжија да ги дисквалификуваат Хари и Меган, за сметка на глорифицирањето на Вилијам и Катрин, во што се имаат приклучено и низа балкански медиуми. Намерата на овие текстови беше да се покаже дека брачната двојка Сасекс (и во оваа прилика) била отфрлена од сите другите, а дека принцот Хари бил деградиран.
Петиот во редот на претендентите
Како и да е, останува нејасно дали браќата – синови на новиот крал се имаат измирено. Но, сигурно е дека смртта на кралицата ги има подигнато нивните позиции – тие веќе не се внуци на британски суверен, туку синови на кралот.
Притоа, постариот син стана новиот принц – престолонаследник, што ќе рече и официјално – идниот британски крал – додека неговата сопруга веќе се подготвува да биде идната кралица Катрин, која ќе има повисок статус од оној што сега го доби Камила, како кралица – сопруга.
Хари – како помладиот син, нема никогаш да биде крал и затоа и неговата позиција и по најновото разместување, останува да биде само петтиот во редот на претендентите на тронот, задржувајќи ја титулата војвода од Сасекс.
Но, тој е син на британски крал Чарлс и таквата позиција му беше дадена во сите траурни церемонии, како и при одењето зад ковчегот со кралицата низ лондонските улици.
Хари еднаш во униформа
Кралскиот протокол кој (за него и за Меган) ќе беше ист и да останеа во Британија со своите кралски задолженија. Разликата ќе беше само што тогаш Хари ќе носеше униформа, како и братот, но не иста по ранг, иако Хари на два пати беше во Авганистан, како британски војник.
Тоа значи дека во првиот ред, зад ковчегот, во поворката беа четирите деца на кралицата – Чарлс, сега крал, ќерката Ана, како и другите два сина – Ендрју и Едвард. Зад нив беа само синовите на новиот крал – Вилијам, сега принц од Велс и Хари.
Нивните сопруги, како и партнерите на децата на кралицата, беа во колоната со кралските автомобили – Камила со Катрин, новата принцеза од Велс и нејзините две деца (кои се во редот на претендентите на тронот), додека во второто возило беа војвотката од Есекс, сопруга на најмладиот син на кралицата, Едвард, заедно со Меган Маркл.
Принцот Хари еднаш се појави во воена униформа, со согласност на кралот, неговиот татко, додека со братот Вилијам стоеја, покрај ковчегот на кралицата, оддавајќи и почит, заедно со други двајца свои братучеди.
(Д.Л.)