Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Духот на Дугин остана во Скопје

Духот на Дугин остана во Скопје

Официјална Москва го затвори набрзина случајот со убиството на една од неколкуте воени пропагандистки на Кремљ – Дарја Дугина – префрлајќи им ја на Украина и на Украинците одговорноста за атентатот во Москва, извршен со подметната бомба во нејзиниот џип. Но и во Русија, а особено во светот, остана впечатокот дека зад убиството на новинарката која ја величаше војната за освојување нови територии за Русија, стојат внатрешни, руски сили, врзани за тамошните тајни служби.

Односно, дека убиството на ќерката на Александар Дугин, познат руски ултра – националист и ултра – десничар, за кого се вели дека е креатор на освојувачките војни на путиниова Русија и создавањето на т.н. “руски свет“, всушност, е извршено за потребите на воената пропаганда и на власта. За подигнување на моралот во руската јавност – да издржат со поддршката за војната – како и за натамошно засилување на домашната репресија.

Против македонските интереси

Дугин е промовиран во некакво филозоф на Путин, иако е јасно дека на еден авторитарен и репресивен систем на владеење, не му се потребни филозофија и филозофирање. Но, од Москва го имаат пратено да шета низ Балканот и Југоисточна Европа, во регионот каде е и Македонија, за да продава опасна и штетна филозофија и над се, за да и служи на руската кауза. А, таа за Македонија и за Македонците секогаш била – непријателска.

Можат, на пример, Србите и Бугарите да се повикуваат на “братство“ со Русите и да се повикуваат на историјата, на нивните врски од дамнешни времиња и на словенството и културолошката блискост, или на православието. Скопје, меѓутоа, нема зашто да им благодари на Москва и на Русите.

Ниту во минатото, а посебно не сега, кога со сите средства дејствуваат против евроатланските амбиции и стратешки цели на Северна Македонија. Прво, обидувајќи се да се попречи влезот во НАТО, а во најново време – да се оневозможи продолжување на почнатиот процес за преговори за влез во ЕУ.

Тоа се прави од пред пет години, со дестабилизација на државата и со настојувањето да се собори првата, вистински проевропска и прозападна влада во Скопје, која за прв пат од осамостојувањето се зафати да се остварат македонските стратешки цели.

Инсталација од странство

За таа цел се користи рускиот разузнавачки потенцијал, како и новосоздадениот проруски кадар, главно сместен во опозицијата и во т.н. интелектуална елита, поткупени и едните и другите за да им служат на интересите на путинова Русија. Сето ова го прави неразумно русофилството и повикот да се подржува Русија, уште сега кога таа врши агресија врз странска земја, или пак, да се заговара сојузништво со Москва, а не со ЕУ и САД и Западот воопшто.

Режимот на избеганиот, криминален екс премиер и лидер на националистичките вмровци, создаде држава – модел како путинива Русија во мало, врз основите на клептократијата, опкружувајќи се со новата класа од вмровци и режимски послушници, која 11 години беше лојална.

Од таа нова класа и сега се бара да му остане лојална на избеганиот лидер со која тој ја има пополнето политиката, како и културата и интелектуалната сфера. Сите нив, лидерот ги има под контрола , затоа што  за секој од нив има компромитувачки докази за нивната нечесност, за тоа како стигнале до своите позиции и до можноста да бидат дел од вмровскиот круг.

Така владее со Русија нејзиниот претседател, а така со Унгарија управува Виктор Орбан, а велат дека слична е состојбата и во Србија. Така владееше и деспотот од Македонија кому токму таквите како него, му помогнаа да побегне од издржување на затворските казни и да живее во Будимпешта од каде  управува преку својата инсталација.

Мавтање со туѓи знамиња

Затоа, ваквиот руски модел, адаптиран за Македонија и натаму ја држи земјата да биде како заробена од оние кои работат на одржувањето на земјата како конзервативна, антиевропска и антизападна држава, заразена со националистички набој, одржуван од лажни патриоти кои, инаку, се продаваат за еден бугарски пасош. Сега дополнети  и од новокомпонирани русофили.

Така и се намножија оние кои мавтаат со туѓи знамиња – па едно време продаваа патриотизам со лавови кои не беа наши, сега со завиткуваат во вергински сонца кои исто така не се наши, а во најново време носат знамиња- руски и советски-  кои не ги сметавме за свои ниту во времето на социјализмот. Едноставно, се знаеше тогаш, а се знае и сега дека тоа значи  делување за туѓи интереси кои се спротивни на нашите, македонски.

Од тие редови излегуваат  и оние кои дивеат по улиците кога ќе им наредат тоа да го прават, или кои дивјачки се однесуваат кон политички лидери од Европа и од ЕУ, дојдени во Скопје, за да (конечно) се започне  со она што го чекавме повеќе од 1,5 деценија. За да Македонија  биде дел од демократска, цивилизирана Европа на слободни граѓани, затоа што  само на тој начин ќе може да се рече дека е заокружен процесот на државната и националната самобитност.

Во никаков случај, не како поданици на еден друг свет што сака да го создаде еден нам туѓ авторитарен режим, туку само  како државјани на Европа – рамноправни со сите другите.

Лажни заклетви – лажна пропаганда

Ваквата политика ја преводи домашната политичка опозиција, сместена во вмровското друштво кое изминатите 30 години континуирано работи против државните интереси и за туѓи потреби. Редовно тоа се прави со лажните заклетви за „одбрана на македонството“ и со лажните тврдења за тоа дека „Западот, ЕУ и Америка, сакаат да не одродат“, но и да ни се наметне европска, либерална демократија од која сите автократи и деспоти  имаат уплав.

Едноставно, во тие услови не можат да владеат колку што сакаат и како што сакаат. За нив, затоа е подобар системот што го продава Русија, верувајќи во небулозата дека преку него го спасуваат македонскиот национален идентитет.

Само на овие им е потребна филозофијата на еден Александар Дугин. Затоа побрзаа да се замешаат во атентатот во Москва, судејќи ја Украина. Онака како што одбиваат да ја подржат земјата врз која се врши агресија. Од овие луѓе и овде се испишува симболот „Z” – симбол на руската окупација и на злосторствата што се направија  за изградбата на „рускиот свет“ – каде македонските националисти сакаат да ја сместат Македонија .

Од овие кругови – во март 2018 година – македонска партија, која е составен дел на вмровското друштво и се нарекува „Единствена Македонија“ (исто како путинивата Единствена Русија) беше пратена поканета до московскиот филозоф на омразата и (велат) близок советник на рускиот претседател, да дојде во Скопје и да држи предавање. Човекот беше пред тоа во Србија, а потоа се префрли во Грција.

Духот на омразата и злото

Сето тоа се случуваше во времето кога Москва, во нашето соседство го казнуваше Алексис Ципрас, а во Македонија го казнуваше Зоран Заев, затоа што беше јасно дека на повидок е историски договор за надминување на тридеценискиот грчко-македонски спор. А, решението  значеше руски пораз во настојувањето да се блокира македонскиот пат кон НАТО и ЕУ. Затоа и тогаш и сега останува прашањето – што бараше Дугин во Скопје и кому и за што му беше потребен.

Особено, што го има кажано она што во Скопје веќе се знаеше -да се убедува Македонија да влезе во стратешко партнерство со Русија. Но, уште повеќе, за да го шири руското влијание кое на овие простори  порано го немало, затоа што се знаеше дека вистинските цели на Москва на Балканот се и антимакедонски. Конечно, Дугин беше дојден за да се потврди руското сојузништвото со домашните националисти – претворени во поданици на руските интереси.

И, секако, над се, да продава антизападни и антиевропски политики. Нешто што сега (погрешно) се смета дека е последица на војната на украинска територија, бидејќи Дугин уште пред четири години навести што ќе се случува и таму и на Балканот и која е путиновата филозофија.

Во Скопје, Дугин во 2018 година, има зборувано дека – „Западот е злото за Македонија“, дека „ЕУ е сателит на Вашингтон кој брзо ќе пропадне “ . Нешто што сега од Кремљ и се порачува на Украина. Пораките на рускиот ултра – националист, меѓутоа, сега слушаат и во главниот град на Северна Македонија- од нејзините политичари.

„Не ни треба  ЕУ“ – им порачуваше на почетокот на јули вмровскиот лидер на толпата изманипулирани граѓани, покажувајќи дека го чува духот на Дугин што остана во Скопје.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе