Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Мистериозни самоубиства во „Лукоил“

Kremlin.ru, Ravil Maganov (2019-11-21), CC BY 4.0

Мистериозни самоубиства во „Лукоил“

Равил Маганов (67) еден од руските богати нафташи и претседател на Управниот одбор на нафтената компанија „Лукоил“ е најден мртов во подножјето на една московска болница, каде се наоѓал на лекување.

Според московските и западните медиуми безживотното тело на Маганов го имаат откриено вработените во болницата, во раните утрински часови во четвртокот. Првата реакција за смртта беше дека станува збор за пад од шестиот кат, каде инаку бил сместен високиот функционер на „Лукоил“ – што ќе рече за несреќен случај. Но, набргу локалните медиуми почнале да развиваат и други тези, третирајќи ја изненадената смрт на Меганов како сомнителна.

Засега не се знае зашто човекот бил во Централната клиничка болница, во која инаку се лекуваат само познати јавни, политички личности и оние од руската бизнис елита, па овој здравствен центар веќе се нарекува „клиника на Кремљ“. Едната верзија е дека се лекувал поради проблеми со срцето, а другата, дека првиот човек на оваа најголема, руска приватна, нафтена компанија – страдал од депресија.

Критика на војната во Украина

Тоа и даде повод на московската агенција ТАС да објави дека Маганов извршил самоубиство, не наведувајќи притоа кои биле причините тој да се одлучи за еден ваков чекор. Таква е и првата реакција на службената истрага која има соопштено дека “најверојатно станува збор за самоубиство“.

Но, во руската јавност која не и наклонета на власта, се изразува сомневање во ваквиот – набрзина – изграден заклучок и се смета дека починатиот бил турнат низ прозорецот во болницата и убиен.

Ваквата верзија се поткрепува со тоа што досега немало никакви знаци и навестувања дека Маганов би можел да си го одземе животот, потоа затоа што нема оставено никакво писмо, или порака во кои би се простувал со своите најблиски, а конечно и затоа што неговата сопруга, во времето на падот, била во соседната просторија во болницата.

Меѓутоа, најголемиот сомнеж во верзијата за самоубиство, се врзува за актуелната политика и за војната во Украина. „Лукоил“ е една од ретките руски компании која веднаш по инвазијата од крајот на февруари, се огласи со изјава против војната, барајќи таа веднаш да престане.

Пресметка во бизнис елитата

Писмо со ваква содржина компанијата им има испратено на акционерите со потпис на тогашниот прв човек на фирмата Вагил Алекперов кој поднесе демонстративна оставка, откако западните санкции почнаа да ја казнуваат Русија за нејзината инвазија врз украинската територија.

Мистериозната смрт на досегашниот претседател на Управниот одбор Маганов, кој во „Лукоил“ е од 1993 година, предизвика силен интерес и надвор од Русија, затоа што таа не е прва во редовите на оваа компанија, но и на руската бизнис елита.

Особено што и руски политички експерти тврдат дека во рамките на оваа елита трае „безмилосна пресметка“ меѓу приврзаниците на војната (во Украина) и на нејзините противници кои предупредуваат дека би можела да ја фрли на колена руската економија – и поради санкциите и поради меѓународната изолација.

На пример, во почетокот на мај, под сомнителни околности, почина Александар Суботин, поранешен директор на „Лукоил“. Полицијата брзо го има заклучено неговиот случај како „несреќен“ затоа што за своите „срцеви проблеми“ користел надрилекарски совети. Тој беше сопственик и на една бродска компанија, но за него се сомнева дека бил отруен.

Низа од сомнителни случаи

За сите вакви сомнителни случаи, заедничко им е тоа што станува збор за луѓе кои се означени како дел од „кругот на Кремљ“. Во таа група е и смртта на Александар Тјулаков, висок функционер на „Газпром“ кој беше најден мртов во гаражата на својата викендичка, што за полицијата беше „очигледно самоубиство“.

Неколку недели подоцна, на ист начин е затворен и случајот со смртта на Михаил Вотфорд (“самоубиство“ во Англија, според руското разузнавање), а потоа властите соопштија дека во Нижни Новгород било откриено телото на бизнисменот Василиј Мелников, но и на сите членови од неговото семејство. За полицијата, Мелников го има убиено своите најблиски, а потоа се самоубил.

Истоветно соопштение има и за подоцнежната смрт на поранешниот потпретседател на „Газпром – банката“ кој (наводно) ги застрелал сопругата и ќерката, па си го одзел животот. Конечно, под такви мистериозни околности (велат) починал и експертот за гас и поранешен извршен директор на фирмата „Новатек“ Сергеј Протосења. Заедно со него, полицијата ги има најдено и мртвите тела на сопругата и ќерката.

Маганов беше одликуван

Сите овие случаи, како во една поврзана низа, се имаат случено во изминатите шест месеци – откако е почната руската инвазија.

Никој во Москва, директно не споменува дека настаните и сите овие случувањата се поврзани. Но, сите починати, не се било кои и било какви луѓе. Сите се блиски до врвовите на власта што само ги засилува сомнежите. Уште повеќе што руската полиција со своите истражни постапки и со своето однесување, смртта на олку многу луѓе ги прави да бидат и сомнителни и мистериозни.

Последниот починат во низата „самоубиства“ е познат како човек близок со рускиот претседател, кој од Владимир Путин има примено највисоко руско одликување. И на лекување, од било која и да била причината, Маганов беше сместен во „болницата на Кремљ“ – истата во која почина и Михаил Горбачов.

(Д.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе