Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Фрустрации и надежи

ifeelstock/Depositphotos.com

Фрустрации и надежи

Фрустрации и надежи го одбележаа минатонеделниот Самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Фрустрации на западнобалканците, затоа што не добија ништо. Фрустрации овој пат имаше и кај Европејците (барем кај повеќето од нив), затоа што останаа со неисполнетите ветувања кон регионот. Посебно, затоа што сега е сосема јасно дека се соочуваат со уште една земја – членка која дејствува против интересите на Унијата. Тоа досега го правеше Унгарија, сега го прави и Бугарија.

Никогаш досега ЕУ и Западен Балкан, затоа, не дебатирале четири часови, кои според признанието на холандскиот премиер Марк Руте, на моменти биле „и гласни и нервозни“, што ќе рече дека имало расправија.

Но, на крајот Северна Македонија и Албанија останаа да бидат жртви на бугарското изживување, затоа што Софија и на овој Самит одби да го подигне ветото за почеток на преговарачкиот процес. Измисли некоја своја причина која никој не ја признава, но поради системот (на одлучување) на кој му робува ЕУ, Скопје и Тирана уште еднаш останаа со празни раце. Македонија цели 17 години, а Албанија веќе осум.

Преку ред со кандидатски статус

Србија, пак, не го доби (очекуваното) отворање нов кластер во нејзините преговори со ЕУ, Црна Гора не беше ниту спомената, освен дека таа е „најнапред на патот за Европа“, а БиХ и овој пат не доби кандидатски статус.

Истиот ден, вечерта, таквиот статус го добија Украина – целосно распарталена од руската инвазија и секојдневно уништувана од бруталната агресија која Русите ја спроведуваат – како и Молдавија која нема задоволено никаков предуслов за да добие статус на кандидат за влез во ЕУ. Таа згора се наоѓа во вонредна состојба, а од 1991 година нема никаква контрола врз еден дел од нејзината државна територија – областа Придњестровје – што е под руска окупација.

Никогаш досега, во процесот на европското интегрирање, две земји не добиле толку брзо и целосно неспремни кандидатски статус – па сега (формално) се изедначени со државите од Западен Балкан. Без разлика што земјите од нашиот регион се далеку понапред во процесот на европеизирање од овие две екс советски републики.

Меѓутоа, се вели дека доделувањето статусот кандидат, овој пат, е пред се, политичка одлука, како и знак за поддршка во определбата дека и тие се дел од европскиот процес, а не од некаков реставриран СССР, како тоа го замислува Москва. И, затоа се третира како политичка шлаканица за Путин.

Западен Балкан е Европа

Но, сепак, никој од регионот на Западен Балкан не можеше да ја сокрие фрустрацијата од епилогот на Самитот. Премиерите на Албанија и на Македонија, најмногу, но и претседателот на Србија кои, инаку, тројцата заедно, до последен момент размислуваа дали воопшто да дојдат во Брисел на Самитот, заканувајќи се тој да пропадне уште пред и да почне.

Го спаси (уште еднаш) надежта во иднината и силната верба на Балканци во европската политичко – економска и безбедносна опција која им ја нуди ЕУ.

Сите заедно се во Европа – и географски и политички. Сите се европски народи и сите се дел од европската историја и европската култура.

Тие никогаш не биле дел од азискиот Исток, на никаков начин не биле дел од некаква евро – азиска заедница што им ја нуди Владимир Путин, правејќи своја – контра ЕУ заедница – со која Москва и тој самиот ќе управуваат, како да станува збор за некаков реставриран СССР.

Задоволство во Москва

Како и да е, многумина европски и западни политички експерти, анализирајќи го Самитот ЕУ/Западен Балкан, имаат заклучено дека единствен кој не остана фрустриран, туку, напротив, задоволен од неуспехот во Брисел беше токму рускиот претседател.

И, за тоа, за прв пат, сите критики се упатуваат кон Унијата и кон некои лидери на големите во ЕУ поради нивното досегашно однесување кон регионот. Многу често, неискрено да им даваат на западнобалканците само ветувања и ништо повеќе.

А, Путин и Русија, со својата војна против Украина и со предизвикувањето на досега најсериозната закана за европскиот мир и за стабилноста на секогаш ровкиот Балкан, покажаа колку е погрешна досегашната политика на ЕУ кон регионот. Иако, не мала вина за одолговлекувањето на европскиот пат, имаат и самите земји од регионот.

Во секој случај, Европа и пред војната мораше да биде далеку поенергична во привлекувањето на Западен Балкан кон себе.

„Тројански коњи“ во ЕУ

Додека ЕУ се уште зборува со декларации за припадноста на регионот кон Унијата, Русија дејствува на теренот, купувајќи ја лојалноста на корумпираните, националистички и десничарски определени локални политичари – сите од ред антизападно определени – за да и служат на путиновата кауза.

Додека Емануел Макрон сега зборува за креирање на една широка Европска заедница, путиновата тајна служба ги соборува од власт, или прави обиди за пучови низ регионот, за да не се дозволи неговата европеизација.

Францускиот претседател и таквите како него во ЕУ ќе зборуваат за единствена и моќна Европа, а во исто време Западниот Балкан ќе зависи од тоа колку проценти со поддршка, на пример, има во јавноста ултра – десничарката Марин Ле Пен. Така повремено ќе реагираат и политичарите од уште неколку други влијателни членки на ЕУ, плашејќи го Балканот со европската ултрадесничарска опозиција.

Кремљ и Путин, пак, во тоа време ќе ја купат за себе истата таа европска ултра десница и со „Тројански коњи“ – какви се Виктор Орбан, или сега и бугарските русофилски политичари, ќе роварат низ Унијата – поткопувајќи го нејзиното внатрешно единство.

Дестабилизација на регионот

Конечно, во време кога Украина и Молдавија стануваат земји – кандидати за ЕУ, Русија со сета жестина работи на дестабилизацијата на Западен Балкан.

Во Србија и Црна Гора, со помош на домашните националисти и русофили, во БиХ со помош на Милорад Додик и неговата камарила, во Македонија со домашните вмровски националисти – антизападно определени и со купените русофили во т.н. интелектуална елита.

Во последно време и со голема помош и на Бугарија и на таму распалената националистичка хистерија – ставена во служба на путиновата стратегија во регионот.

Останува сега Европа – за прв пат – вистински да го направи она го ветува. Прво, кон Скопје и Тирана со брз почеток на преговорите, сега кога Софија уверува дека го има тргнато своето вето кон овие две земји, иако некои работи останаа се уште отворени, а потоа и кон другите кандидати од овој регион.

Затоа што потребата од брзо реагирање на Брисел, веќе не е само прашање за зачувување на кредибилитетот на ЕУ. Туку и затоа што брзото вовлекување на Западен Балкан во Унијата сега – со една ваква Русија и со ваков Путин – додека е на власт – станува и прашање на вкупната европска безбедност и стабилност.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе