Забрана за увоз на руско злато
Британија и САД, како и Канада и Јапонија се согласија да се забрани увозот на злато од Русија, што е дел од најновите санкции кон Москва, кои претставуваат одговор на извршената инвазија врз Украина.
„Станува збор за мерка која директно ќе ги погоди олигарсите, но која значи и директен удар во срцето на воената машинерија на Путин“ – има изјавено британскиот премиер Борис Џонсон, додавајќи дека Западот мора да го оневозможи путиновиот режим да може да ја финансира освојувачката војна.
„Со оваа мерка, Британија и нејзините сојузници го прават токму тоа“ – рекол Џонсон.
Извозот на злато, во 2021 година, на Русија и има донесено 15,5 милијарди долари.
Се смета дека тој приход е уште поголем откако е започната агресијата врз украинската територија – прво, за потребите за плаќање на трошоците за воените операции, но и затоа што руските олигарси од крајот на февруари годинава, се имаат растрчано да купуваат злато за големи износи, за да ги одбегнат тешките финансиски санкции кон Русија.
Мерката беше обелоденета на почетокот на годинешниот Самит на групата Г – 7 на седумте најразвиени економии во светот. Американскиот претседател Џо Бајден ги повика Германија, Франција и Италија да се приклучат кон забраната.
Лондон е главниот светски центар за трговија со злато, па владата на Велика Британија смета дека со овој чекор се создава услов за еден моќен удар врз можноста Москва да дојде до пари за своите сегашни воени потреби.
САД, ЕУ и Британија, како и низа други земји, веќе имаат санкционирано над илјада руски државјани, како и бизнисмени. Најновата мерка, околу златото, обелоденета на Самитот Г – 7 значи извозни рестрикции за Русија во вредност од 16,5 милијарди долари.
Во елитната група Г – 7 членуваат САД, Канада, Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија. На самитите на групата што се одржуваат еднаш годишно, во текот на летото, редовно учествуваат и претседателот на Европската комисија на ЕУ и претседателот на Европскиот совет (на Унијата).
Годинешниот Самит се одржува во Баварија, во Германија.