Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Британија: 1.7 милиони новозаразени од корона

moisseyev/Depositphotos.com

Британија: 1.7 милиони новозаразени од корона

Британското Биро за статистика (ОНС) соопшти дека на крајот од неделата што истече, во Велика Британија се регистрирани 1,7 милиони заразени со коронавирусот. Тоа е за 23 отсто повеќе во споредба со изминатата недела, кога беа регистрирани 1,4 милиони.

Здравствени експерти предупредуваат дека бројот на новозаразени лица полека, но постојано се зголемува, што покажуваат и последните податоци на ОНС, од кои се гледа дека само за седум денови, бројот на инфицираните со овој вирус е зголемен за 300 илјади нови пациенти. Пораст е забележан во сите четири делови на Британија – како во најголемата област Англија, така и во Шкотска, Велс и во Северна Ирска.

Омикрон БА – 4 и БА – 5

Засега нема информации за тоа што го има (одново) покренато растот на коронавирусот, кога се мислеше дека тој, ако не е искоренет, барем е сведена на минимално ниво. Особено откако се појави и брзо се рашири насекаде низ Британија, низ Европа и светот мутираната верзија – означена како Омикрон – за која вирусолозите утврдија дека лесно се пренесува, но дека има поблаги симптоми и е далеку помалку смртоносна, во споредба со претходната Делта варијанта.

Сите сега заразени на британските острови се погодени со подваријантата на Омикрон – БА – 4 и БА – 5.

Ова е досега најголем пораст на корона пандемијата во земјата од април годинава. Сепак, таа засега останува под рекордното ниво на инфицирани во текот на март, кога во цела Британија беа регистрирани 4,9 милиони заразени.

За сегашното ниво на инфицираност, лондонската телевизија Скај вели дека е еднакво на новото од крајот на април. Експертите и лекарите кои продолжуваат да се борат со корона пандемијата, за новата ситуација, сепак, велат дека не е дојдено до таму за да биде алармантна.

Најбрз раст во Шкотска

Затоа и не се заговара враќање на некои од ограничувањата и епидемиолошките мерки што Британците (први во Европа) целосно ги укинаа, прогласувајќи дека вирусот останува, но дека земјата и луѓето ќе мора да се навикнат да живеат со него!

Од порано стојат препораките за внимателност и за претпазливост, кога станува збор за однесувањето на јавни локации и места на кои има масовни собирања, но во Британија, а посебно во Лондон и во Англија, ништо повеќе не навестува за постоење на корона пандемија, кога станува збор за однесувањето на Британците.

Во сегашнава фаза, посериозно погодена со овој бран е Шкотска, каде мерките за заштита најдолго се применуваа.

Во изминатата недела во овој дел од Велика Британија, направените тестови на населението откриваат дека еден од 20 лица е позитивен на коронавирусот. Тамошните здравствени власти велат дека бројот на новоинфицираните постојано се зголемува.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе