Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Трамповци“ им се заканувале на изборните комисии

sgtphoto/depositphotos.com

„Трамповци“ им се заканувале на изборните комисии

Членови на изборните комисии и луѓето кои ги броеле гласовите од претседателските избори во САД, во ноември 2020 година, биле изложени на силен притисок и на отворени закани од „трамповци“-  запалени приврзеници на поразениот, бивш претседател Доналд Трамп.

Ова беше откриено во текот на најновата расправа во американскиот Конгресот на која се истражуваат случувањата од 6 јануари 2021 година.

Станува збор за насилничкиот упад на толпа приврзеници на Трамп кои навлегоа во зградата на Конгресдот, на Капитол Хил во Вашингтон, во моментите кога требаше да се потврди победата на демократскиот кандидат, на само две недели пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател.

Нападот и насилното навлегување во Конгресот го изведоа лица- повикани и дојдени од разни делови на Америка-  кои веруваа во- со ништо недокажаните обвинувања на Трамп- дека претседателските избори биле „фалсификувани“ и дека тој е „вистинскиот победник“.

Закани со убиство

Сослушувањето сега покажува дека симпатизери на поразениот претседателски кандидат им се заканувале и на републиканци кои не се декларирале како „трамповци“, па и на нив , како и на оние кои ги броеја гласовите, им се испраќани и смртни закани со убиство и со ликвидација.

Во политичката историја на САД досега немало вакви случувања и примери на психолошко насилство врз изборни комисии.

Уште при отворањето на расправата , во конгресната комисија каде таа се води, беше речено дека вината за 6 јануари е на Трамп. За потикнување и за покренување на насилнички  демонстрации и за насилството во кое загинаа пет лица. При тоа, делувањето на екс претседателот во тие настани беше означено како – обид за пуч.

На сослушувањето пред конгресната комисија, еден од луѓето кои учествувал во броењето гласови во сојузната држава Џорџија, бил присилен, привремено, да се одсели од својот дом, додека друг кој учествувал во пребројување на гласовите во Аризона, изјавил дека бил јавно дисквалификуван како (наводен) „педофил“ и опасен за заедницата во која живеел.

Однесување без преседан

Една година траеја подготвителните работи за истрагата во која Конгресот има собирано податоци за настаните кои ја потресоа Америка, кога за прв пат- еден претседател кој формално се уште беше на власт, се обиде да го погази Уставот на САД,  заговарајќи поништување на изборните резултати.

Трамп, меѓутоа, и натаму тврди дека бил „ограбен“ и дека „само поради тоа не победил на изборите„.

На сослушувањето на кое се разбра за смртните закани од страна на „трамповци“ , беа повикани лица од Џорџија и Аризона, две сојузни држави  во кои Бајден и во двете го порази Трамп, иако на претходните избори, во 2016 година, републиканскиот кандидат го порази демократскиот противкандидат.

А, тие луѓе,  пред конгресмените зборувале дека притисокот од трамповите гласачи бил толку голем, што на моменти комисиите не можеле нормално да работат, што според нив, е ситуација каква никогаш порано не се случила.

Иванка против таткото Доналд

Во Џорџија, на пример, Бајден победи со предност од 12 илјади гласови, а токму во оваа сојузна држава Трамп покрена најголема врева за надводно постоење на „изборна измама“.

Истрагата на ФБИ и на американкото министерство за правда, меѓутоа,  не открија никаков доказ за „фалсификување“ и за некаква „изборна измама“. Судовите во САД, како оние во сојузните држави, така и федералните , ги отфрлија приговорите и жалбите на Трамп и на неговите адвокати, пресудувајќи дека се без секаква основа.

Конгресната истрага, пак, покажа дека  државниот обвинител на САД Вилијам Бар, во времето на поранешниот претседател, како и потпретседателот Мајк Пенс ги отфрлаат како неточни и без секаква основа трамповите жалби и обвинувања.

Дури и ќерката на Трамп- Иванка- која во еден период беше негов советник- на конгресното сослушување се има согласено со наодите на американското обвинителство- за непостоењето на изборна измама.

(В.А.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе