Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Црна Гора: 83 отсто од граѓаните сакаат во ЕУ

sezerozger/Depositphotos.com

Црна Гора: 83 отсто од граѓаните сакаат во ЕУ

Над 83 отсто од граѓаните на Црна Гора сакаат влез на нивната држава во ЕУ – покажува најновото истражување за тоа какви се ставовите на луѓето за европските интеграции и за процесот на пристапување во Унијата.

Истражувањето е направено за потребите на ЕУ во Црна Гора и на владата во Подгорица и тоа открива дека дури 78 отсто од испитаниците сметаат дека влегувањето и членството на државата во Унијата, има за неа и за луѓето повеќе предности, отколку штета.

Подобар живот и повисок стандард

Анализата на сознанијата добиени од истражувањето открива дека црногорските граѓани веруваат во подобриот квалитет на животот, во повисокиот стандард што ќе го донесе членството во Унијата, како и дека тоа ќе им донесе отворени граници, можност за патување, но и за населување во било која од земјите – членки. И, над се, ги прави сите кои живеат во Црна Гора да се чувствуваат како вистински граѓани на Европа.

Над 25 отсто од анкетираните се изјасниле дека најголема пречка на патот кон ЕУ се широко распространетата корупција. Други 15, 8 отсто како препрека за членството го истакнале разгранетиот криминал во оваа најмала поранешна ЈУ република.

Црна Гора дури во 2006 година прогласи целосна независност, откако излезе од дотогашната „мини“ Југославија која режимот на Слободан Милошевиќ ја создаде по распадот на поранешната сојузна држава, во 1991 година.

Свртување кон Западот

Набргу по тоа, властите во Подгорица не само што се одделија од Србија, туку направија и целосен пресврт во својата надворешно – политичка ориентација – наместо свртена кон Истокот (Русија) како некаков нејзин „историски сојузник“, новата независна балканска држава се сврте кон Западот и побара прием во ЕУ и во НАТО.

Подоцна, стана членка на Алијансата, доби кандидатски статус за влез во ЕУ и брзо потоа ги отпочна и преговорите за влез во Унијата. Во еден момент таа беше и понапред од Србија која, исто така, го започна својот самостоен пат кон ЕУ, отворајќи повеќе поглавја во процесот на приближување кон Европа. Но, веќе неколку години тој процес е запрен, затоа што државата навлезе во внатрешна политичка криза од која се уште до крај не е излезена.

Новиот премиер Дритан Абазовиќ – трет за последните 2,5 години – амбициозно најавува забрзано чекорење по европскиот пат, иако раководи со климава, малцинска влада.

Податоците од истражувањето, во секој случај, му даваат силна поддршка од јавноста да се зафати со политичката стабилизација во Црна Гора и со целосно запрените реформски процеси.

Најголема поддршка во регионот

Во секој случај, никој од другите земји – кандидати за ЕУ од Западен Балкан, нема волку висока поддршка од 83 отсто за влез во Унијата. Во Србија, една таква анкета, направена во текот на април, дури покажува и намалување на поддршката во српската јавност за европските интеграции.

Сега само 45 отсто од граѓаните – и тоа во поголемите градови – подржува и сака влез на Србија во ЕУ. Во 2016 година, на пример, таа поддршка изнесувала 55 отсто. Во сегашното истражување дури 43 отсто се противат на влезот во Унијата, додека 12,5 отсто се неопределени.

Се смета дека ваквиот резултат е последица на притисокот на Брисел и на Западот, официјален Белград да и воведе санкции на Русија, за агресијата врз Украина, како и потребата да се прифати косовската независност. Околу 80 отсто се противат на санкции за Русија, најмногу затоа што веруваат дека само Москва може да помогне – Косово и натаму да остане српско и дел од Република Србија, иако е независна од 2008 година.

(Д.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе