Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нарва (од НАТО) сосед на Русија

Нарва, Естонија. Фото: keleny/Depositphotos.com

Нарва (од НАТО) сосед на Русија

Во настојувањата да се оправда инвазијата врз Украина и да се најде некаков изговор за агресијата врз независна земја, членка на ОН, Кремљ и Владимир Путин ја создадоа приказната за тоа дека (кога ќе стане членка на НАТО), Украина ќе биде „голема закана“ за руската безбедност.

Затоа, уште пред Киев и да побара официјален прием во Алијансата, путинoва Русија се нафрли врз украинската територија, настојувајќи целосно да ја уништи, пред да ја натера на капитулација.

Беше јасно од почетокот дека станува збор за лажни оправдувања на човекот кој како школуван разузнавач (на советското КГБ) е трениран да мрази се што е западно и да војува против Америка и Западот, сметајќи го НАТО како „крвен непријател“ и „закана“ за Русија.

Измислување „вина“ за Киев

Во таквата атмосфера која во Кремљ ја диктираат Путин и неговите советници – сите поминати низ советските тајни служби – билдањето вина за Киев, поради неговите амбиции – економски, политички и безбедносно – да се сврти кон Западот и да ја напушти улогата на руски сателит – отиде многу далеку. Стана повод за војна.

А „вината“ за Украина беше определена само со тоа што во својот Устав, земјата ја стави амбицијата да биде дел од НАТО. И тоа, во 2019 година, пет години откако во март 2014, Москва ги окупира Луганск и Донецк (кој веднаш се отцепија) и го анектира Крим.

Дури владата во Киев и да побараше формален прием во НАТО, што (патем) е долга процедура, Русија немаше да има никакво алиби за да изврши инвазија и за да ја лаже сопствената јавност дека со тоа – наводно – се брани руската територија.

Прво, затоа што тоа не го дозволуваат меѓународното право, повелбата на ОН и сите меѓународни договори, а второ, затоа што уште од времето на комунизмот и на СССР, Северноатлантската алијанса е блиску и “на чекор до Советскиот Сојуз и сега Русија“.

Поблиску до Сенкт Петербург

Норвешка, на пример, која одамна е членка на НАТО, се граничи по копнен пат со Русија, Америка (кај Аљаска) е руски сосед, како што тоа е и Канада. Турција (од 1952 година) е во НАТО, а излегува на исто море со Русија.

Конечно, по распадот на комунизмот и на СССР, трите балтички земји, кои беа и поранешни советски републики, се членки на Алијансата, веќе 18 години. Пред Путин да открие дека „проблемот“ е само Украина и доколку таа стане дел од НАТО. Само тогаш, според Кремљ, Русија би била „загрозена“.

Најдобар пример за лажните теории со кои Москва се обидува да ја оправда својата (сега веќе е јасно) брутална агресија, е малото место Нарва, сместено на крајниот исток од Естонија (земја членка на НАТО и на ЕУ). Градот со околу 60 илјади жители е на самиот раб и е најистурена точка на Алијансата кон Русија. Нарва е поблиску до Сенкт Петербург, вториот по големина град во Русија, отколку до Талин, главниот град на Естонија.

Дури 97 отсто од населението се или припадници на руската етничка заедница, или зборуваат руски јазик, иако не се Руси, па овој естонски град уште се нарекува најголемото место во ЕУ/НАТО во кое доминантен јазик е рускиот.

Инвазијата ја урна коегзистенцијата

Нарва е сместен на десната страна од истоимената река која се влева во Балтичко Море, на која од источната страна е рускиот град Ивангород, изграден од големиот кнзе на Москва, во 1492 година. Во Нарва, пак. која наликува на типично погранично место, доминира големата тврдина и замокот изградени во 13 век од Данците кои во еден период ја имале контролата врз ова подрачје.

До пред руската инвазија врз Украина, во оваа зона, каде НАТО се среќава со Русија, владееше мирна коегзистенција која на Москва до тогаш не и пречеше, без разлика на непосредната близина на Алијансата. Без разлика што ако некој некого требеше да напаѓа, тоа ќе се случеше овде, велат воени експерти.

Природната позиција и овозможува на руската страна брзо и лесно од тука да се нафрли врз Балтикот, се до својата енклава Калининград која е преполна со секакви ракети и е директна закана за сите во поширокиот круг на регионот и на целото источно Балтичко Море.

До пред инвазијата, Естонците лесно добиваа руски визи и влегуваа во Русија, одејќи брзо до Санкт Петербург, како што од другата страна влегуваа на територијата на НАТО.

Сега, меѓутоа, репортерите кои ја имаат посетено Нарва по руската агресија, јавуваат дека целата комуникација е запрена. Русите не пуштаат никого преку мостот на реката Нарва, а Естонците го имаат целосно блокирано. Изминатите месеци преминот е „завиткан“ во бодликави жици и полн со воени препреки.

Премин за украинските бегалци

Единствени кои сега минуваат се бегалците од Украина кои преку градот Белгород – на руската страна -,  од реонот на Харков, настојуваат да се префрлат во ЕУ, а од таму на Западот, влегувајќи во Естонија. Тие раскажуваат за тоа што им се случува (сега) на тој дел од руско – естонската граница.

Руските безбедњаци ги испрашуваат со часови, им ги земаат мобилните телефони, барајќи фотографии и кој какви контакти и со кого имал пред тоа. Машките ги соблекуваат за да видат дали имаат „нацистички“ тетоважи (така се означуваат сите кои ја величаат Украина), како и да се види дали имаат модринки на рамото.

Односно, да се утврди дали можеби биле војници и пукале од огнено оружје – од пушка.

Естонските власти, меѓутоа, сметаат дека украинската војна е и естонска и балтичка, затоа што заканата од Русите сега е голема како никогаш досега од распадот на СССР и од прогласувањето независност на овие три, едно време, советски републики.

Целта е – покорување на Украина

Естонија, Латвија и Летонија, како и ним блиската Полска, затоа се најзагрижени на Истокот од Европа за својата иднина со путинова Русија. Никој во Нарва не исклучува руски напад, барем се додека Путин е на власт и во Кремљ.

Токму затоа, по инвазијата од 24 февруари, НАТО е толку многу присутен во реонот на Балтикот и во Полска.

Станува збор за земји членки кои се под закана од порано, уште од пролета 2014 година, кога путиновите војници се вшетаа на Крим и веднаш потоа поттикнаа бунт во Донбас. Тогаш Владимир Путин покажа дека неговата цел, всушност, е бришење на Украина, или барем на нејзиниот источен и јужен дел преку кои сака да го поврзе анектираниот полуостров со територијата на Русија.

Путиновата стратегија дека Украина претставува закана,  доколку не е под негова власт и контрола претставува, е вистинската причина за покренување на инвазијата. Приказните дека НАТО (преку украинската територија) ќе се приближи до пред Москва, сепак, се само приказни за руската јавност и за русофилите низ Европа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе