Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Духот на „Преспа“ меѓу МПЦ/ОА и СПЦ

skopjeglobal

Духот на „Преспа“ меѓу МПЦ/ОА и СПЦ

Беа потребни само шест денови  за да се премостат 55 години поминати во расправија и „расколништво“,  во докажување на историските и канонските права, во навредување и дисквалификација, за да се дојде до помирувањето на МПЦ/Охридска архиепископија и на Српската православна црква (СПЦ).

Толку време им беше потребно на црквите во Северна Македонија и во Србија да започнат НОВА ЕРА во своите односи, а до пред една недела „отпадничката“ црква, девалвирана како „комунистичка творба“, или како „измислица на режимот на Броз“, да стане Македонска православна и сестринска црква.

Во Скопје, во Соборниот храм на МПЦ за прв пат, еден српски патријарх да одржи литургија, заедно  со својот „брат“ архиепископот на МПЦ и свечено да прогласи дека СПЦ ја подигнува полувековната блокада – МПЦ да стане вистински автокефална и сосема самостојна и независна православна црква .

Историски компромис

Во тие шест денови се создаде нова историја, не само во односите на двете цркви, туку и на двата соседни народи , но и на двете држави, меѓу кои и нема некои поголеми проблеми, освен полувековното расправање околу црквата во Македонија и дали таа може да биде своја на своето и автокефална.

Едноставно, во овој исклучително кус период за разрешување на еден стар и до сега (наизглед) нерешлив спор , се има применето она што беше направено и пред потпишувањето на договорот од Преспа. Беше постигната согласност дека е време да се направи КОМПРОМИС за да се елиминира спорот со Белград кој беше товар и за Балканот , затоа што навлегуваше и во националното прашања  кое го потхрануваше национализмот и на двете страни.

Сега останува „техниката“, а тоа значи да се изработи техничкиот дел од формалното барање до Вселенската патријаршија во Цариград да издаде „церификат“ за автокефалност и на тој начин  да се стави печат на една дамнешна желба и македонско право за да се има своја црква, како што тоа го имаат и другите држави со доминантно православно население.

Целото ова , набрзина, излегување на МПЦ од целосна анонимност , до присуство на меѓународната сцена на православието , доаѓа како изненадување и за македонската и за српската јавност. Особено по мачното изживување на Софија и на бугарските политичари , зачинето со одвратен стар национализам, кога станува збор за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, како и неспремноста на бугарската страна за компромис .

Одлуката на Вартоломеј

Но, се започна кога (не)очекувано вселенскиот патријарх Вартоломеј објави дека ја признава МПЦ/Охридска архиепископија како канонска (помесна) црква, а нејзиниот поглавар Стефан го нарекува „брат“- еднаков во братството на православните цркви. Тоа не беше признание на автокефалноста, но беше искучителен момент за црквата во  Македонија, после 70 години чекање и надевање.

Тоа беше знак дека (конечно) нешто се случува и дека за прв пат, од Цариград има гласна потврда дека се реагира по барањето на поранешниот премиер Зоран Заев , упатено до Вартоломеј, да го заокружи процесот на црковното прашање во Северна Македонија, со давање автокефалност.

Откако Скопје и Атина, и Заев и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, се спогодија околу 30 годишното спорење за употребата на името Македонија.

Решението на Вселенскиот поглавар , меѓутоа,  веднаш предизвика различни толкувања во Белград, но и во Скопје. Посебно по препораката на Вартоломеј двете цркви да го интензивираат дијалогот за да се  изнајде решение.

Молк на СПЦ и на МПЦ

Во Скопје некои тоа го протолкуваа како „лошо решение“, како „полошо од сите досегашни“ и како „враќање на МПЦ под српска контрола“. Не беше тоа така и не стануваше збор за согласување со автономниот статус на МПЦ во рамките на СПЦ, затоа што црквата во Македонија сега беше прифатена од Цариград како канонска и помесна црква- за прв пат.

Во Белград уште пожестока реакција на некои црковни и религиозни експерти кои се нафрлија врз  Вартоломеј за тоа дека „извршил разбојништво кон СПЦ“ и дека го „разбива единството на СПЦ“ на просторот на кој некогаш постоеше Југославија- и како монархија и како социјалистичка република. Уште  следуваше и некаков циничен совет дека во Скопје не треба да мислат дека „нивната црква“ станала автокефална.

Односно дека тоа може да го даде само СПЦ, како „мајка“ на црквата во Македонија и никој друг, но дека околу тоа ќе се почека .

Видливо беше, меѓутоа, дека никој од СПЦ, а и самата црква, не реагираат на одлуката од Цариград, иако после давањето автокефалност на украинската црква, СПЦ ги прекина контактите со Вселенската патријаршија, солидаризирајќи се со  Руската црква.

Слично се однесуваше и МПЦ која ја поздрави одлуката на Вартоломеј , ги отфрли тврдењата дека ова е „чекор назад“ за македонската црква и преку митрополитот Тимотеј порача дека автокефалност може да даде и Цариград. И, толку.

„Експертски“ толкувања

Додека се уште траеја „експертските толкувања“-  што значи потегот на патријаршијата и зашто тоа доаѓа сега- СПЦ и МПЦ  се огласија и објавија дека (за прв пат) поглавараот на МПЦ ќе има заедничка литургија во Саборниот храм во Белград со српскиот патријарх Порфирије.

Црквата во Белград го објави тоа како „радосна вест“ и за прв пат македонското свштенство не беше означено како  „расколници“ , додека МПЦ не беше ознечена како таканаречена. СПЦ со овој чекор потврди дека ја прифаќа одлуката на Цариград и дека  МПЦ/ОА ја смета како канонска црква. Веќе стана  јасно дека (навистина) нешто се случува .

Најоптимистичните прогнизи беа дека заедничката служба во Белград е силен знак дека нема да се остане на тоа.

Но, во исто време се сметаше дека СПЦ ќе има проблеми ( во своите редови) да ги прифати промените и новото време, бидејќи , наводно , ниту Саборот на СПЦ , а ниту мнозинството од свештенството ќе се согласи да се пушти МПЦ- да си замине од српското „мајчинство“.

Или, конечно, се очекуваше  СПЦ да даде согласност за автокефалност на МПЦ, но се сметаше дека за тоа  ќе треба време и посебно дека ќе биде потребна посебна ситуација во Србија и надвор од неа.

Решение во шест денови

Шест денови потоа, Скопје и Белград се јавија со ново соопштение. Овој пат,  дека иста таква заедничка литургија ќе има и во Соборниот храм на МПЦ/ОА.

Веќе никој не реагираше- никој не можеше да претпостави дека брзото давање автокефалност- практично- ќе се сведе на помалку од една недела. Порфирије во своето обраќање пред верниците и пред јавноста во државата- објави дека СПЦ и иејзиниот Сабор- едногласно- донеле решение да и дозволат на Македонаката православна црква- да стане автокефална и практично создаде нова историја- црковна, религиозна, но и политичка. Покажа дека малку е потребно за помирување. Треба само волја и спремност.

На денот на браќата Кирил и Методиј , во црквата на свети Климент, македонската црква исчекори на сцената на православниот свет- како рамноправна.

СПЦ ги повика другите сестрински цркви да ја прифатат МПЦ/ОА , затворајќи го „случајот“ што почна во 1967 година, иако тргна уште во педесетите години на 20 век, кога црквата во Македонија се оддели од српската и самата се прогласи за автокефална. Одлука која никој во светот не ја прифати.

Религија и политика

Историски гледано , црквените работи  во регионот на Балканот  секогаш биле исполитизирани и врзани за политиката и за политичките состојби. Кога станува збор за поранешниот југословенки простор, проблематизирањето (во православниот свет) е трганото по Првата светска војна, по создавањето на кралството СХС ( подоцна Југославија) . Тогаш , на просторот на новата држава доаѓа до обединување на сите цркви, под капата на СПЦ , која и пред војната постоела во рамките на кралството Србија.

Така, заедно се најдоа Карловачката митрополија , Цетињската митрополија и црквата во Босна. Тогашната Цариградска архиепископија ја „благословува“ новата (политичка) состојба и дава согласност сите православни цркви  каконски да бидат дел од СПЦ.

Во таквото обединување влегува и дотогашната автокефална црногорска црква, додека православните верници од Македонија стануваат дел од СПЦ по Првата балканска војна, кога Србија се проширува и на територијата на која е денеска Северна Македонија.

На европски план,пак,  големо бранување се случи кога Вартоломеј и даде автокефалност на Киевската патријаршија која се оддели од Руската срква и предизвика гнев во  Москва, Во 2018 година РПЦ и СПЦ порачаа дека доколку тоа се случи и со Црногорската црква и со „расколничката“ МПЦ – ќе дојде до целосен раскол во православниот свет.

Променети тактики

Тоа, сепак, не се случи, освен што Украинската црква е признаена само од Грчката православна црква.

Но, силно поместување настана во СПЦ ,  додека МПЦ се определи за менување на тактиката- за да се направи компромис.

Се прифати (формално) враќање во рамките на СПЦ, иако продолжи да бара автокефалност за себе. МПЦ се согласи со српската црка да воспостави целосни односи кои дотогаш не постоеја, па потоа да бара и да се  добие согласноста за независност.

Тактиката успеа , затоа што компромис им требаше на двете црки, а  посебно на СПЦ- за нејзини внатрешни потреби и за позиционирање во регионот.

Се покажа дека во сегашниот момент во Србија и во регионот,  помал проблем е дозволата да си замине МПЦ, затоа што на тој начин СПЦ си  уредува за себе поинаков  имиџ, од кој може да уреди поинаков престиж во регионот. Особено што  подолго време  во Европа таа  се прикажана како предводник на српскиот национализам и на она што се нарекува градење „српски свет“ .

Преку македонската автокефалност, СПЦ  настојува да покаже дека  оваа црква знае да прави компромиси. Дури и за решавање на еден „нерешлив“ спор, стар 55 години.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе