Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кумчето на Путин – „странски агент“

Ксенија Собчак

Кумчето на Путин – „странски агент“

Владимир Путин кој и понатаму верува во својата приказна дека војува против „нацистите“ и дека окупацијата на туѓите, украински територии, всушност, е „ослободување на руската земја“, според европските медиуми, се повеќе запаѓа во изолација и почнува никому да не верува.

Има информации дека се прават чистки во воениот кадар кој се обвинува за слабите резултати на фронтот, за погрешната воена тактика и за нискиот морал на војниците, а дека се претресува работата и на тајните служби кои, очигледно, сосема погрешно ги имаат проценето Украина и Украинците и нивната спремност, но и воена готовност да и се спротивстават на Русија, но и на инвазијата.

Сите стануваат „непријатели“

Излегува така дека виновни се сите на кои тој повеќе не им верува. Тоа (велат) само ја покажува неговата моментална ментална состојба – за која, според едни – причина е неговата (наводна) болест, а според други, силната нервоза, затоа што не знае како да се извлече од ситуацијата во која самиот се има поставено.

Затоа, како виновници сега се и оние кои до скоро му биле многу блиски, речиси – роднински блиски – кои неговите тајни служби (и тој самиот) сега ги третираат како „странска агентура“ и како „соработници на непријателот“. Велат дека ваквото нешто наликува на последните години на комунистичкиот диктатор Јосиф Сталин.

Во една ваква атмосфера, како „виновник“ се најде и Ксенија Собчак (40).

Таа, не е некој од „периферијата“ на руското општество, како што обично се прикажуваат малкумината дисиденти кои останаа во Русија. Станува збор за ќерката на Анатолиј Собчак, путинов поранешен близок соработник кој е заслужен за забрзаниот раст на рускиот претседател, како политичар. Но, Ксенија е и кумче на Путин, бидејќи рускиот претседател ја има крстено и ја познава уште од времето додека “непријателот“ – бил дете.

Кампања против Ксенија Собчак

Она што сега се истражува, за да по секоја цена се најде вина, е тоа дали Ксенија Собчак има добивано пари од странство, за нејзиниот интернет медиум „Осторожни Новости“.

Доколку рускиот Јавен комитет за истрага открие дека во нејзиниот случај постои странска интервенција (финансиска), ова кумче на Путин ќе биде означено како „странски агент“. Од тоа, пак, потоа може да уследат други обвиненија, како и тоа да биде присилена да го затвори медиумот кој ќе биде обвинет за „непријателски“.

Ксенија го има налутено својот кум уште во 2018 година, кога му се спротивстави на Путин на тогашните претседателски избори, како опозициски кандидат.

По покренувањето на официјална истрага против неа, Собчак на својата Инстаграм страница која, инаку, е блокирана во Русија затоа што (наводно) содржи прилози со „екстремистичка содржина“ има запишано дека – „се чувствува горда“.

„Да се има свое мислење претставува апсолутна победа“ – вели Ксенија Собчак.

Русија како СССР

Руската власт го користи терминот „странски агент“ за да ги дисквалификува во сопствената јавност сите оние кои се осмелуваат да го критикуваат Путин, инсистирајќи дека разните политички и медиумски групи во Русија се соработници на руските непријатели.

Ксенија на почетокот од годинава, ситуацијата во денешна Русија ја има споредено со пресметката со неистомислениците од времето на Советскиот Сојуз, што беше нејзина реакција на настојувањето на властите да ја попречат нејзината работа и да ја блокираат на секаков начин.

Медиумите на Кремљ во еден период тврдеа дека Собчак побегнала од земјата и дека има земено странско (израелско) државјанство.

„Јас сум Русинка, државјанка на Русија, никаде не емигрирам и немам друго државјанство“ – има речено Собчак, реагирајќи на сите лажни тврдења на режимските медиуми.

Во друштво со Немцов и Навални

За режимот, меѓутоа, таа е на „непријателската страна“, особено што на почетокот од нејзиното политичко ангажирање, беше дел од опозицискиот блок што го предводеше Борис Немцов (убиен среде Москва во 2015 година) и Алексеј Навални (затворен со лажно обвинување) за кого и не се знае до кога ќе биде во затвор.

Но, таткото на Ксенија, Анатолиј Собчак се смета за еден од најзначајните политичари на своето време. Тој беше првиот демократски избран градоначалник на Санкт Петербург, на чиј погреб во 2000 година, присуствувал и Владимир Путин.

Од тогаш, велат, се изменил Путин, изменета е Русија, а сега целото семејство Собчак, како што забележуваат европски медиуми е против режимот на некогашниот близок, семеен пријател.

Мајката на осомничената Ксенија, која е исто така во политиката, на спротивната страна, постојано и отворено зборува против путиновата политика, осудувајќи ја остро и војната во Украина, како и „неодговорноста (на војската и на власта) кон младите регрути, испратени со лажни мотиви, за да гинат низ украинската територија“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе