Поврзете се со нас

Skopje Global

Belgrade, Serbia

Вести

Белград : Унгарија и Грција најблиски пријатели

BalkansCat/depositphotos.com

Белград : Унгарија и Грција најблиски пријатели

Унгарија и Унгарците, како и Грција и Грците се најголемите и најблиските пријатели на Србија и на Србите, покажува истражувањето на Институтот за европски работи од Белград, после спроведената анкета во тамошната јавност.

Податокот дека граѓаните на Србија ги чувствуваат  токму Унгарија и Грција за најблиски , меѓу земјите од ЕУ, но и меѓу соседните држави- од кои дури четири (не сметајќи го Косово) се поранешни „братски“ републики од поранешната заедничка држава- Југославија – доаѓа во време кога српската политичка јавност е постојано изложена на притисокот од Западот, но и од Истокот, да се определи по кој пат земјата треба да продолжи.

„Љубов“ на втор поглед

По европскиот , до влегување во ЕУ, или по источниот, а тоа значи по патот за уште поцврсто врзување за Русија, со која има воспостевно стратешко партнерство. Ова, после руската инвазија и наметната војна во Украина, би значела и изолација на Србија , но и стагнација на нејзината економија- која во едни такви услови би се претворила во она што е Белорусија на Александар Лукашенко.

Таа дилема во српската јавност ( најмногу)  се врзува за недокажаното уверување дека само со помош на Русија, би можело Косово и натаму да остене дел од српската државна територија- без разлика што над 20 години, Белград нема никаква контрола врз косовската територија. Тоа,пак, и служи на власта како покритие во настојувањето да продолжи да седи на два, или дури и на три стола, кога станува збор за надворешно-политичкото определување на Република Србија, одбивајќи поради тоа да воведи санкции за Москва.

Во тој дел, делува необична „љубовта“ на Србите кон соседна Унгарија и кон подалечна, но блиска Грција. Владата во Будимпешта меѓу првите ја призна независноста на Косово, за разлика од една Грција која и натаму му ветува на Белград дека нема да ја признаа косовската независност, иако Атина во Приштина има дипломатска канцеларија со статус рамен на амбасада.

Косово и Војводина

Со Грците, српската страна се има врзано уште од времето на Балканските војни, а посебно од Првата Светска војна како сојузници. Таа блискост и кога станува збор  за балканските состојби и балканските политикански игри, од тогаш е постојано одржувана и повремено и надградувана. Дури и тогаш кога грчката влада и го одзеде правото на наследничката на екс СФРЈ- за одржување на дотогашната бесцариска зона во солунското пристаниште.

Со Унгарија, меѓутоа, блискоста и „љубовта“ е од понов датум и  се врзува за „стратешкото“ пријателство на Виктор Орбан и на Александар Вучиќ. Во Белград, велат, тоа потекнува од заедништвото и на двајцата политичари со путинова Русија и со Кина на Си Џипенг, но и тоа дека коренот треба да се бара и во  домашните политички потреби.

Сите српски Унгарци ( од покраината Војводина) имаат унгарски пасоши и (практично) се европски државјани, што му е важно на еден ултра-десничар и националист, како Орбан да ги задоволи таквите страсти на домшаната јавност.

Вучиќ , од своја страна, со помош на таквата власт во Будимпешта ја има под  контрола унгарската популација во Србија, која е гласачко тело за српската владеачка партија, со чија помош ги задушува сите автономашки амбиции на Војводина.

Политикански симпатии

Но, националистот Орбан постојано зборува дека еден голем дел од српската територија ( Војводина) што инаку  е поголем од Косово , е унгарска територија која „неоправдано и е одземена на Унгарија“ за да не биде голема и за да не постои во нејзините „природни и национални граници“.

Такви територијални претензии Унгарецот има и кон Хрватска, на пример, но ако во Загреб реагираат на ваквото однесување од Буимпешта- во Белград се молчи.

Повеќе се полемизира и се расправа со БиХ ( со која Белград одбива да се  одбележи граничната линија) и со Црна Гора, за се и за сешто, отколку со Унгарија . Во Бекград жестоко се реагира и за секаква тривијална забелешка која ( наводно) значи посегнување кон српската територија, но не се реагира кога Орбан зборува дека целата Војводина била „ од секогаш унгарска“.

Затоа, за белградските аналитичари останува не до крај јасно- како Унгарците станаа толку омилени и популарни во Србија и во српската јавност- за да станат најблиските пријатели на Србите во нивното балканско опкружување. Изгледа дека одново ќе да е- политиката во и околу регионот.

(Д.Б.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе