Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Војна за нови карти во Источна Европа

Војна за нови карти во Источна Европа

Во моментот кога Владимир Путин одлучи да ги признае за независни држави отцепените територии на источно-украинските региони Луганск и Донецк, беше јасно дека на Украина и претстои грузиското сценарио . А, тоа значи газење на територијалниот интегритет и целовитост на една суверена држава, што беше нормално да се очекува , со онаа  бројна руска армада од 120 илјади војници , која со недели се позиционираше на границите кон Украина.

Кога инвазијата започна, веднаш по зимските Олимписки игри на кои Путин отиде како гостин во Пекинг и за да го извести Си Џинпинг за планираната агресија,  добивајќи притоа подршка , беше само прашање уште што после Крим и Донбас сака да приграби рускиот претседател.

Парчосување на Украина

Приказната за наводната загрозеност на Русија ( од Украина- со помош на Западот) , што беше првичната лажна приказна на Кремљ, како оправдување за првата војна покрената  во Европа, по Втората светска војна, веќе не беше важна. Се виде од теренот дека руската војска уништува се пред себе за да се освои целиот Исток на Украина и за да се создаде територија пред  Крим .На тој начин  полуостровот би бил по копно поврзан со Русија, која освојувајќи го и Мариупол ќе го претвори Азовско Море во руско море.

Прашање е само дали ќе треба да падне и Одеса за да се поврзат  освоените и и окупирани украински Исток и југ со молдавското Придњестровје, што Русија го држи под своја контрола уште од 1992 година, без никаков меѓународен мандат. Наводно, за да се заштитело тамошното „руско малцинство“ , според шемата на Кремљ за освојување на земјите од некогашниот СССР.

Еден руски генерал го потврди таквото сценарио, признавајќи  дека Москва е тргната за да ја парчосува украинската територија , што значи дека ќе има војна се додека тоа не се реализира. Односно,  се додека Путин не каже колку од Укрраина сака да приграби за својот план да направи нова руска империја, или  нов  Советски Сојуз- со него како доживотен апсолутистички лидер.

Планот на Петрашев

Кога  во преговарачкиот процес   се разбра дека Киев не прифаќа  цепење на својата државна територија, како услов за  запирање на војната- онака како што тоа го  направи Грузија во 2008 година- од Москва се огласи еден од предводниците на осумтемина страшни во Кремљ, кои го советуваат и му служат на Путин- шефот на сите тајни служби Николај Патрашев.

Нудејќи нова политичка карта, тој отворено порача дека по војната Украина не може да остане во оној облик во кој е сега и навести дека на украинската територија ќе има и повеќе од две држави. За неколку нови држави зборуваше Петрашев, инаку  познат по својот остар руски национализам и омразата кон Запад и се што е западно, што е типично за еден поранешен висок функционер на советската тајна служба КГБ.

За една таква „држава“ во Москва уште од порано се споменуваше. Станува збор  за некогашната царска  Новоросијска територија, но други детали за тоа како овој најблизок соработник на Путин ја замислува територијата на украинската држава во иднина- не беше откриено.

Факт е , меѓутоа, дека за тоа  во Москва се зборува и дека за бришењето на суверена Украина од картата на Европа, во путиновиот штаб во Кремљ постојат и детални планови.

Путин како Брежњев

Ова доаѓа во време кога се почесто во редовите на руската опозиција  се зборува за тоа дека Владимир Путин, освен што  ( веројатно) е болен, што се гледа и од неговиот изменет изглед од после Нова година, се соочува и со заканата  да ја загуби и целовитоста на Русија (!) , а и тој самиот да исчезне од политичката сцена- кога се мислеше дека е на врвот од својата „победничка слава“.

Никој од овие извори не верува во пропагандата дека Путин ја има подршката на 80 отсто од Русите за инвазијата и за војната и за тоа дека во него се гледа како на „спасител“ и „бранител“ на Русија. Претпоставка е дека ако и има  висока подршка , таа може да се добие само меѓу неговите следбеници и гласачи за партијата Обединета Русија. Но, подршката за неа и за нејзиниот лидер , се смета дека и пред инвазијата не беше поголема од 30- 33 отсто.

Наместо тоа, постои мислење дека поради војната, особено ако таа се оддолжи и стане уште посурова, доколку Путин и формално и објави војна на Украина и  воведе масовна мобилизација , рускиот претседател би можел да се соочи со судбината на некогашниот комунистички лидер Леонид Брежњев,  по неговата бесмислена идеја да прави комунстичка земја од силно муслиманскиот Авганистан.

Контра на Москва

Руски политички експерти предвидуваат дека ( во тој случај) – би можело да се случи онака како што  фијаското на Брежњев во Авганистан го забрза распадот на СССР, така поразот, или скапата цена што Путин би ја  платил  во  Украина, би можеле да предизвикаат „уситнување“ на Руската Федерација. Односно, излегување од нејзиниот состав на некои републики и територии кои сега имаат автономна власт.

Како контра реакција на ваквите сценарија, од Москва стигнаа нови и поинкви политички  карти за Истокот на европскиот континент .

Со нив се предвидува  Украина да ја распарталат и нејзините соседи ( не само Русија)  кои сега, во војната и се сојузници и подржувачи . Се посочуваат Полска, пред се, Словачка и Унгарија. Сите три имаат граници со Украина и сите три имаат малцинства на украинската територија и сите три земји имаат „проблеми“ или “спорови“ со Киев, како и оние – на кои од историјата и од минатото – се повикува и Москва. Посебно е длабока кризата со орбанова Унгарија која „сонува“ за некаква голема држава – како во минатото- а е најголем сојузник и подржувач на Путин во ЕУ.

Сепак, се верува дека ваквите пораки на руската страна , очигледно, се обид на Москва да создаде криза и недоверба во (сега) силно манифестираното единство на ЕУ и НАТО во кое членуваат украинските западни соседи и да го поткопа моралот на Украинците кои повеќе од две месеци се борат за да ја зачуваат својата држава и нејзината независност.

Киев најавува две сценарија

Првиот човек на украинската тајна служба Кирил Буданов зборува за две можни сценарија за окончување на војната и тие се слични на оние за кои зборува и руската опозиција. Според Буданов  првото сценарио е распад на Русија на три, или на неколку делови. Другото, пак, тргнува од тоа руската територија да биде сочувана , но да дојде до смена во водството на државата.

Доколку се случи ова сценарио , новиот лидер ќе мора да се дистанцира од војната, изјавувајќи дека таа не е војна на Русија, туку на еден „болен диктатор“ . Тогаш Русија би се повлекла од сите територии кои ги има освоено и окупирано – од јапонските острови на Далечниот Исток до територијата на Калињинград.

Вака проценува Буданов кој уште тврди дека мнозинството во рускиот воено-политички врв е свесна за овие можни опции, па дека затоа, настојувала да отвори дијалог ( во сенка) со Западот за некакво достоинствено извлекување од сегашната ситуација. За самиот Путин , првиот укрински разузнавач смета дека тој е „воен злосторник“ кој сега е во „слепа улица“ и дека тоа е „неговиот крај“.

Русофилите кои се растрчани по интернет , продавајќи невистини, дезинформации и лажни вести, тврдат – спротивно на предвидувањето на Буданов- за тоа дека „она што сигурно претстои е поделбата на Украина“ . Во најдобар случај во две држави- Истокот како посебен дел, врзан за  Русија, а Западот од она што би останало од некогашната украинска држава.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе