Крај на војната или сириско сценарио
Војната во Украина, што ја наметна Владимир Путин со неговата одлука да изврши инвазија врз соседната „братска“ држава – без никаков повод за тоа – трае веќе седум недели.
Европската и светската јавност, исто толку време, со шокираност гледа што се случува. Вчудоневидена од суровоста на руската војска – разурнувајќи ги тамошните градови, извршувајќи геноцид врз недолжните цивили. Во операции во кои се убиваат украинските граѓани во казнени експедиции, во масакри, какви не се видени уште од времето на нацизмот во Европа и од хитлеровите освојувачки походи.
Русите и Русија низ масовните злосторства настојуваат да окупираат, а потоа и да анектираат добар дела, ако не и целата територија на Источна Украина, откако во 2014 година, тргнаа во распарчување на оваа земја. Иако ја имаат признаено како независна држава, на просторот што го поседуваше како советска република, во времето на некогашниот СССР. Вклучувајќи ги и Крим и Донбас.
Три можни сценарија
И, додека над 40 денови трае агонијата на Украинците, во целиот овој период политички и воени експерти, настојуваат да утврдат како би можела да заврши оваа најголема и најсурова војна во Европа, по завршувањето на Втората светска војна. Едната варијанта и најпосакуваната е – со завршување на воените дејствија и со повлекувањето на руските инвазиони сили. Другата е многу поболна и за Украина и за нејзините луѓе – да продолжи во недоглед, според сириското сценарио.
На оваа теме се занимава и бриселскиот интернет весник „Политико“ кој се определува за три можни сценарија за тоа како би можела да заврши војната во Украина.
Притоа, се сметаше дека по руското повлекување од реонот на Киев, Путин војната ќе ја префрли во источниот дел од Украина, за да конечно го скрши отпорот и за ја приграби целата таа територија, приклучувајќи ја кон Русија.
Тоа се покажа како избрзан заклучок, затоа што путиновите војници и натаму дејствуваат околу украинскиот главен град. А, во услови кога НАТО останува цврсто на позицијата за невклучување во војната, европските експерти тврдат дека се повеќе лидери во ЕУ мислат исто како и Џо Бајден – дека Путин, после се ова што го направи и што го прави, не може да остане на власт.
Заминување на Владимир Владимирович
Тука не станува збор дека некој од надвор ќе прави „пуч“ во Москва (во стилот на оние што Русија ги прави по светот и на Западен Балкан), туку за тоа дека губејќи контрола во самоизолацијата во која се наоѓа, никој на Западот не знае што Путин ќе направи. Како што никој повеќе не му верува, бидејќи се што досега има речено го има погазено. Уште од времето пред инвазијата кога го замајуваше светот со наводните воени вежби.
Западот, во секој случај, не можеше да ја спречи инвазијата, ниту војната, но како што открива „Политико“ се повеќе се сонува за тоа – како Европа и светот би изгледале по заминувањето од власта на Владимир Владимирович.
За оваа верзија, потребно е Украинците да го одржуваат доволно долго својот отпор во Источна Украина, за да бројот на загинатите Руси постојано се зголемува. Кремљ и сега мора да регрутира се повеќе војници за војната во која Русија е заглавена, како што тоа беше Леонид Брежнев во Авганистан, во осумдесеттите години на 20 век.
Пропагандата во Москва не би можела да ја сокрива вистината за тоа во каква глупава и непотребна војна Путин ја втурна Русија, па во услови на тешки санкции, средната руска класа, која сега трпеливо молчи и не знае, или се прави дека не знае, што се случува, би почнала масовно да се свртува против војната.
Макрон за спогодба со Москва
Тоа, пак, ги покренува руските генерали и безбедносните служби кои гледаат дека војната во Украина (од внатре) станува закана за самата Русија – па одлучуваат да го тргнат Путин кој и онака е на власт повеќе од 22 години.
Верувањето на експертите кои ги правеле овие три сценарија за крај на украинската војна е дека после Путин во Русија би дошле и нови луѓе и ново време – на демократизација на целото општество – кое, инаку, го бараат младите Руси, демонстрирајќи против инвазијата.
Алтернатива на очекуваната (и посакувана) експлозија на внатрешното незадоволство е правењето договор со Русија, со Путин и со неговото опасно и воинствено опкружување.
На тој план, остана најупорен во Европа, Емануел Макрон кој и на само една недела пред првиот круг на претседателските избори во Франција – продолжува да комуницира со рускиот претседател. Тие двајцата и во неделата (на 3 април) телефонски разговарале, а француската страна и понатаму инсистира дека спогодба – е се уште можна.
Никој, меѓутоа, не знае како би изгледал еден договор (на Москва и Киев). Уште повеќе, што не е јасно колку отстапки Украина може да направи за да му помогне на Западот во комплетирањето на некаков конечен договор, а притоа Украинците сето тоа да го прифатат.
Санкциите не се трајни
ЕУ и Западот, би сакале да може брзо да се вратат во економска нормала која сега е нарушена со војната.
Од друга страна, сите се согласни дека на Путин, после она што го прави, не може да му се дозволи да продолжи да се однесува хитлеровски и да остане без казна. Затоа, сите прифаќаат остри санкции кон Русија, но долготрајноста на санкциите може да има последици и за западната страна. Пред се, во растењето на животните трошоци, појава веќе присутна во ЕУ и која прв може да ја почувствува Макрон, кој е соочен со избори.
САД веќе порачаа дека доколку се обезбеди решение – со повлекување на Русите од Украина и со обезбедување изградба и обнова на оваа земја – санкциите би можеле да бидат и повлечени.
Тоа е порака што може да помогне во активностите на Макрон, но и порака за Путин. Од друга страна, Володмир Зеленски понуди спремност за прогласување неутралност и за откажување од амбицијата за влез во НАТО. Во ваква ситуација, Путин за себе би можел да изнуди попуштање за Крим и за Донбас, без натамошно грабање на украинската земја.
Без спремност за преговори
Меѓутоа, останува заканата од поделба на Украина. Во таква ситуација, за ЕУ и Западот би останала одговорноста за обнова на еден дел (западниот), на кој се „прикачени“ – како соседи – неколку земји – члени на ЕУ (Полска, Словачка, Унгарија и Романија), плус Молдавија.
Но, прашање е – кој може да му верува на Путин додека е во Кремљ. Дури и кога договор, со едно вакво сценарио, би можел да помине. Едноставно, какви гаранции би имала и тогаш Европа дека на Путин нема да му текне одново да тврди дека е „загрозен“ и од некоја друга земја – па во даден момент да се нафрли и врз неа.
Останува така третото сценарио – најнеповолното – за војна без крај на европскиот континент, како онаа во Сирија, на Блискиот Исток. Во Сирија сега има привиден мир и нема вести за војување, но сите знаат дека тамошната војна не е завршена и дека не се знае кога и во каков момент би можела да се обнови.
Таквата можност и за Украина веќе ја има навестено американскиот Пентагон чии стратези стравуваат дека украинската војна би можела да се развлече можеби и цела една деценија. Особено што нема навестувања дека ниту една од страните е спремна на попуштање и на мировни преговори.
„Блискоисточна војна“ во Европа?
Зеленски тврди дека нема да даде ни педа од украинската територија и нуди преговори за статусот на Крим во следните десет години. Понуди компромис за воена неутралност и за откажување од НАТО, но бара договорот за тоа да помине на референдум, за што е потребна мирна и без војна Украина. И, сето тоа го врзува за задолжително повлекување на Русите на позициите од 24 февруари.
Затоа војната во Украина, полека, заличува на онаа во Сирија.
НАТО останува на одлуката за невклучување во војната и против прогласувањето на украинското небо за зона за забранети летови, додека Украинците и покрај својата борбеност, спремност да ја бранат својата земја, сепак, не ќе можат да се определат за фронтовска војна. Во услови кога нема фронт и нивните сили се раштркани на разни страни.
Украинците, во една очајничка ситуација, може да се свртат кон партизански стил на војување, а Русите за контра, одново да се свртат кон северот на земјата и пак да се нафрлат врз Киев. Нешто што и онака може да се случи, без овие замислени сценарија, за кои пишува бриселски „Политико“. Тогаш Европа ќе има една “блискоисточна војна“ на својата територија, а бран бегалци одново ќе го преплават Западот. Овојпат Украинци и Руси.
(С.Г.)