Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Противниците на војната со ново руско знаме

skynextphoto/Depositphotos.com

Противниците на војната со ново руско знаме

Многу руски граѓани раселени низ Европа учествуваат во протестите против руската инвазија врз Украина и наметнатата војна, приклучувајќи им се на тој начин на демонстрантите низ градовите на Русија кои спротивставувајќи му се на безумието на Крамљ ризикуваат апсење и затворски казни.

И едните и другите демонстрираат против војната во за нив соседната, блиска и како што велат – братска Украина – во која гинат Украинци, но и етнички Руси кои таму одлучиле да живеат.

Но, демонстрантите се гневни што Владимир Путин, со својата одлука да изврши агресија врз украинската територија – без никаков повод – само за да анектира нови делови од оваа земја – ја дискредитира Русија пред демократската, слободнољубова јавност во Европа и низ светот.

Потреба за истакнување на идентитетот

Тоа, сметаат овие луѓе, со години нанапред, ќе ја обележи нивната земја, како агресорска, како држава закана за Европа и ќе им наметне печат на сите Руси дека се народ на насилници и безобзирни освојувачи.

Затоа, Русите кои на Западот демонстрираат – за да го одбранат своето и руското достоинство – објаснуваат во тамошните медиуми дека одат на сите вакви протести и за да покажат дека и тие се против војната.

„Верувајте, тоа ни е потребно и за да го истакнеме нашиот идентитет“ – има речено една млада Русинка во изјава за лондонски „Гардијан“.

Во една ваквата атмосфера во која овие луѓе се имаат најдено и во ситуација кога нивната земја е изложена на осуди и на санкции, тие велат дека нема повеќе да одат на протести со руското државно знаме.

За него тврдат дека е „премногу окрвавено и извалкано“ од руските војници, од бруталностите и масовните убивања, како и дека е злоупотребено од војската и пропагандата, па затоа – велат – дека не го сметаат повеќе за нивно.

„Неповрзано со војната и не окрвавено“

Не сакаат со него да демонстрираат против војната, кога тоа исто знаме се вее на руските тенкови од кои се стрела по украински цивили и од кои се гранатираат тамошните градови и се разурнуваат нивните домови.

„Во овие сегашни услови, потребно ни е ново знаме, што не е поврзано со војната, со насилствата и со убивањата“ – изјавиле група Руси, демонстрирајќи во Берлин, против војната што ја има покренато нивната земја,

Сметаат дека како најдобро за замена е знамето кое за прв пат е развиорено и е користено во Велики Новгород, еден од најстарите градови во Русија, познат и како колевка на демократијата во земјата. Прв пат било истакнато од неговите жители во 12 век.

Демонстрантите и сите кои заговараат ново руско знаме објаснуваат дека симболизмот на Велики Новгород за Русите (демократи) е многу важен бидејќи ја симболизира и ја претставува демократијата уште во 12 век – пред 800 години – која сега е погазена и за која исто така се протестира.

Знамето на Велики Новгород

Кога знамето – тробојка (бело/сино/бело) – се промовираше на социјалните мрежи, веднаш доби голема поддршка и брзо се има раширено низ интернет.

Поети, артисти, музичари, како и главните опозициски движења – предводени од поддржувачите на Алексеј Навални, затворен врз политичка основа – и Слободниот руски форум во Вилнус, Литванија, го истакнаа ова знаме како – симбол на мирот и слободата.

Одговорот на путиновата власт, уследи многу брзо. Кремљ има наложено да се забрани истакнувањето и употребата на знамето, означувајќи го како – екстремистички симбол.

Ваквата постапка не изненадува и таа е идентична со она што го направи најблискиот сојузник на Путин, белорускиот диктатор Лукашенко.

Тој на ист начин се пресмета во Белорусија, кога за време на протестите во Минск, во 2020 година, по фалсификуваните изборни резултати, демонстрантите наместо државното, го носеа знамето на (краткотрајната) народна република Белорусија во 1918 година.

Симбол на поинаква Русија

Режимот на Лукашенко не само што забрани да се истакнува тоа знаме (бело/црвено/бело), апсејќи и осудувајќи ги оние кои ќе го носеа, туку забрани и да се носат чорапи со тие бои. Истакнувањето на некогашното знаме се третираше како антидржавна постапка.

Русите низ Европа, како и оние во самата Русија се гневни што – како контра на нивното спротивставување на војната – Путин и војската брзо создадоа свој симбол. Станува збор за симбол што треба да значи поддршка на инвазијата, на војната и освојувањето на Украина, но и поддршка на рускиот претседател – низ една војничка ознака – латиничката буква “Z”.

Другата страна, пак, одговара со симболот на една нова, поинаква, слободарска и демократска Русија – виорејќи го знамето на Велики Новгород на антивоените демонстрации во Лондон, Рига, Берлин, Варшава, Истанбул и многу други европски градови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе