Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Цензурата ја згасна и „Новаја Газета“

olga5226/Depositphotos.com

Цензурата ја згасна и „Новаја Газета“

Последниот независен весник и портал во Русија – „Новаја Газета“ издржа на пазарот во борбата со цензурата и пропагандата, само 34 денови по започнувањето на инвазијата врз Украина. Подолго од тоа, очигледно, не можеше, па престана да излегува.

Редакцијата, инаку, продолжи да го прави весникот и да излегува и досега, иако безмалку изгледаше како да е последен на руската сцена на независни медиуми и по донесувањето на новиот закон за медиуми, со кој кривично дело е секое отстапување од официјалните воени соопштенија на руското министерство за одбрана.

Според законот, секој облик на критика на инвазијата врз соседна Украина, како и употребата на зборовите „војна“, „инвазија“ или пак „агресија“ – односно се она што навистина се случува на украинската територија, на која гинат луѓе и се разурнуваат цели градови – е прогласено за антизаконско и казниво криминално дело.

Најмногу убиени новинари

„Новаја Газета“ излегуваше и во времето кога од Москва си заминаа повеќето од странските дописници на западните медиуми, а веќе беа блокирани и Дојче Веле и Радио Слободна Европа (РФЕ), како и руската телевизиска станица „Дожд“ и сега веќе легендарното градско радио „Ехото на Москва“.

Весникот успеа во своите последни 34 денови, откако Путин војува во Украина, да направи репортерски записи од градот Николаев, што руската војска се обидува да го освои, од веќе окупираниот град Хершон, како и разговор со луѓето од самопрогласените „независни држави“ – Луганск и Донецк. Редакцијата имаше текстови и за последиците што ги трпи Русија од воената инвазија, од санкциите, но и за мобилизираните војници.

Оваа редакција е позната во руската јавност по своето истражувачко новинарство и со покривањето теми за кои другите медиуми не се интересираат, или што е многу поверојатно – се плашат да пишуваат.

Но, „Новаја Газета“ е во исто време и редакција со најмногу убиени новинари во Русија.

Во 2006 година беше убиена, пред својот дом, новинарката Ана Политковскаја, а во 2009 година и Наталија Естемирова, позната и како силен борец за човекови права. Таа беше киднапирана од својот стан во градот Грозни, во Чеченија, а подоцна убиена.

Срамување и извинување

Ниту за неа, а ниту за Политковскаја не се знае кој ги има убиено, а уште помалку кој има наредено тие двете да се ликвидираат.

Во 2021 година, долгогодишниот главен уредник Дмитри Муратов беше добитник на Нобеловата награда за мир, за неговата постојана борба за слобода на медиумите. Целиот износ на наградата, беше предаден на неколку руски хуманитарни организации за заболени деца, како и на фондацијата за наградата „Ана Политковскаја“.

Медалот добиен со наградата, Муратов пред извесно време го понуди на аукција. Целта е добиените пари од наддавањето да се употребат за помош на украинските бегалци.

„Новаја Газета“ на денот на почетокот на инвазијата, во знак на несогласување со одлуката на Владимир Путин, се појави како двојазично издание – на руски и на украински јазик.

Тој ден, Муратов во свое име и во името на сите новинари, изрази жалење поради нападот врз Украина, порачувајќи дека тие се „срамуваат од инвазијата“ врз соседната земја, обвинувајќи го рускиот претседател дека „си игра со нуклеарна војна“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе