Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лаура Ковеши против корупцијата во ЕУ

U.S. Embassy Romania from Bucharest, Romania, Ziua Independenţei 2018 (Independence Day 2018) (41296108950) (cropped), CC BY 2.0

Лаура Ковеши против корупцијата во ЕУ

Романката Лаура Ковеши – правник и специјален обвинител за борба со корупцијата – во нејзината родна Романија некои ја споредуваат со италијанскиот обвинител Фалконе кој на времето, пред многу години, покрена војна против сицилијанската мафија. Други, пак, а тоа се најчесто оние кои се нашле на удар на нејзините истраги, тврдеа порано, а тврдат и сега дека таа не заслужува пофалби, настојувајќи да ја дисквалификуваат нејзината работа.

Фалконе заврши како жртва на мафијата, која изврши атентат врз храбриот обвинител, кој загина патувајќи за Палермо. Но, тој сепак успеа да ја разбие спрегата на мафијата и организираниот криминал, со домашните политичари – на локално и на државно ниво.

Ковеши не беше убиена, но нејзините противници – меѓу нив и подмитливите колеги, обвинители и судии – успеаја, заедно со дел од романската политика, да ја сменат од високата функција во државното обвинителство. Дури и да измислат судски процес на кој таа се појави како обвинета.

Симбол на антикорупциската борба

Мораше да интервенира и Европскиот суд за човекови права, за да се одбрани младата и енергична обвинителка од домашните непријатели. На крајот, победи, па сега е главен обвинител на Јавното обвинителство на ЕУ.

Благодарејќи на својата работа против корупцијата – во Романија – но, потоа и во Европа, Лаура Ковеши стана како симбол на европската борба против давањето и примањето поткуп во земјите на ЕУ – најчесто тоа се поранешните источноевропски комунистички земји, кои се предводници на корупцијата во Унијата.

Низа политичари и високи државни функционери се на нејзиниот „црн список“ на осомничени, против кои се водела, или се води истрага. Последен на тој список (за кој знае и европската јавност) е поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.

Всушност, токму неговиот случај ја промовираше (одново) Ковеши, барем кога станува збор за балканската јавност, дека таа е одново „на работа“ – сега гонејќи ги европските нечесни и корумпирани политичари.

Апсењето на Борисов

Промоцијата се изведе на „голема врата“ откако софиските медиуми објавија дека таа престојува во еднодневна посета на Бугарија и дека со тамошниот премиер има разговарано и за „бугарските случаи“ – дури 120 на број – сите врзани главно за злоупотреба на европските пари и за земање поткуп и за барање рекет.

Само шест часови по нејзиното заминување, бугарската полиција, не барајќи ниту согласност од домашното обвинителство, изврши претрес на куќата на Борисов кој 11 години суверено владееше на бугарската политичка сцена. Веднаш потоа, тој и уште четворица негови најблиски соработници, беа одведени во полицијата на сослушување и остана задржани во притвор – 24 часови.

Целата операција беше изведена од бугарската национална полиција и од европското обвинителство. Веста за апсењето на доскоро моќниот Борисов, предизвика шок во политичката јавност на Бугарија – како настан без преседан – за едни, или како – враќање на комунизмот, за други.

Но, факт е дека тој е првиот премиер што бил уапсен во поновата бугарска историја и таквиот случај беше примен со големо одобрување во пошироката домашна јавност.

Корупција и во ЕУ

Истрагата сега е во тек. Борисов и другите се осомничени за злоупотреба на парите што Бугарија ги прима од развојните фондови на ЕУ, а злоупотребата – колку што се знае засега – главно одела во градежништвото каде и поткупот е најголем и при јавните набавки, со европски пари.

Приведувањето и целоноќното сослушување на екс премиерот, е дел од настојувањето на новата влада во Софија да покаже дека има сосема различен курс од оној досега, но и да се прати порака и за другите во ЕУ.

Бугарија, со Унгарија, Романија, Словачка, но и со Малта и Кипар се предводници на корупцијата во рамките на Унијата, па воспоставеното Јавно обвинителство на ЕУ, со обвинител каква е Ковеши, можеби и ненамерно им порача на Европејците дека секој случај на сомнителна корупција – ќе биде истражуван и по можност – санкциониран.

Пред Борисов, тоа го имаше почувствувано и Хрватска и тамошната поранешна министерка за регионален развој Габриела Жалац. Таа беше уапсена затоа што е обвинета за злоупотреба на фондовите на ЕУ. Нејзиното апсење предизвика бура во хрватската јавност, а владата настојуваше да ја минимизира работата, како хрватски случај, но излезе дека во него се вклучени и европското обвинителство и Ковеши.

Злоупотреба на европски пари во Хрватска

Со три други лица, Жалац беше уапсена затоа што изработката на софтвер за потребите на министерството била платена три пати поскапо (и со повеќе европски пари) од вистинската вредност на работата. Наместо 385 илјади евра, колку што е вистинската цена, од парите на ЕУ биле наплатени 1,7 милиони евра. Хрватска (во ноември 2021 година) меѓу првите почувствува како функционира Јавното обвинителство на ЕУ, кое формално почна да работи од 1 јуни минатата година.

Промоцијата во Загреб и спектакуларното приведување на Борисов, за кого велат дека не можел да поверува што му се случува (тој е екс министер за внатрешни работи и генерал на полицијата) го покрена во Европа прашањето – која е Лаура Ковеши.

Името и угледот ги има изградено во Романија, низ цела серија анти – корупциски истраги и процеси. Пред да се пресели во ЕУ, беше главен обвинител во романската државна Дирекција за борба со корупцијата, а меѓу 2006 и 2012 година беше главен обвинител во романскиот Касационен суд. Таа е и првата жена и најмладата која била назначена за државен обвинител.

„Рехабилитација“ од Брисел

Во 2018 година доби отказ, откако тогашната влада донесе контроверзен закон со кој, практично, се контролираше работата на обвинителството. Иако во Брисел го осудија законот, како антиевропски, тој почна да функционира. Врз основа на неговите одредби Ковеши беше обвинета дека ги прекршувала своите овластувања и дека и самата земала мито.

Касациониот (жалбен) суд ги поништи сите обвинувања, но владата која покрена вистинска војна со неа – сепак – ја исклучи од работа.

Во 2020 година, ЕУ ја има „рехабилитирано“ на тој начин што ја стави на врвот на потенцијални кандидати за иден Јавен обвинител на Унијата. Владата во Букурешт беше против неа и лобираше низ Европа против Ковеши, која на крајот, сепак, ги победи своите противници во сопствената земја.

Стана јасно дека романската левица и се одмаздува за „случајот Понта“ – поранешен романски премиер, првата голема жртва за нејзината борба со корумпираните политичари и државни функционери.

Премиерот побегна во Србија

Виктор Понта кој после се што направи со своите истомисленици од партијата и во обвинителствата, пред да биде осуденик и затвореник – побегна од Романија во Србија, каде во 2018 година побара и доби политички азил, а потоа стана и српски државјанин.

Неговиот случај се отвори во 2015 година, кога по долга истрага, Ковеши како државен обвинител, не покрена истрага против премиерот кој беше на власт.

Беше осомничен за неплаќање и прикривање данок, за проневера на пари и за злоупотреба на службената должност, како и за перење пари. Сите обвинувања се однесуваа на периодот меѓу 2007 и 2008 година, кога Романија штотуку беше влезена во ЕУ.

После седумгодишна истрага, дел од имотот на Понта беше конфискуван, па тој поднесе оставка. Иронијата да биде поголема – оставка поднесе не за корупцијата и за обвинувањата со кои се соочуваше – туку по масовните протести поради големиот пожар во еден ноќен клуб во Букурешт, кога загинаа 35 млади лица, а над 500 беа повредени.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе