Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Затруени првите мировни преговарачи?

Затруени првите мировни преговарачи?

Првите украински преговарачи и рускиот олигарх Роман Абрамович кои во Киев на почетокот од овој месец (3 и 4 март) учествуваа во подготвувањето терен за почеток на мировните преговори околу запирање на воените дејствија во Украина, биле затруени со (засега) непозната хемиска или биолошка супстанца.

Американскиот весник „Вол Стрит Џорнал“ открива дека многу брзо по завршувањето на состанокот Абрамович кој претходно патувал на релацијата Москва – Лавов – Киев, како и уште други двајца од украинската преговарачка екипа, се пожалиле дека имаат проблеми со кожата и со очите.

Сите се соочиле со силно црвенило на нивните очи кои постојано и болно им солзеле, како и со луштење на кожата на лицето и по рацете, односно на деловите од телото кои се постојано изложени на надворешно влијание.

Напад на „руските тврдо – линијаши“

Весникот се повикува на извори блиски на сите погодени. кои објасниле дека сите овие симптоми на затруеност траеле извесно време, но дека не се развиле во ништо поопасно, па сите затруени не се наоѓаат во животна опасност. Во групата која настојувала да обезбеди старт на преговорите и да се воспостави прекин на огнот, бил и високиот претставник на Кримските Татари, Рустем Умеров, кои инаку се блиски до Турција и до тамошниот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Засега не се знае кој би можел да стои зад еден ваков напад. Извор близок до Абрамович признал дека се настојува да се утврди напаѓачот, затоа што олигагархот кој ја презел улогата на посредник патувал меѓу двете завојувани страни, пренесувајќи пораки.

Политички и безбедносни експерти веруваат дека зад овој напад стојат оние во Москва кои и припаѓаат на „тврдата линија“ кои настојуваат рускиот претседател да истрае до крај со агресијата врз Украина, да ги порази Украинците и да го натера Киев на капитулација, за да од него потоа се извлечат секакви концесии – главно во однос на украинската територија.

За овие кругови во Кремљ се тврди дека сакале да го саботираат мировниот процес и настојувањето и на Западот за прекинување на војната.

Посредник меѓу Киев и Москва

Не е прецизно утврдено и за какво оружје станува збор што е употребено при нападот, како и дали можеби во прашање е напад со електро – магнетно зрачење. Но, се смета дека станува збор не за напад за да некој биде убиен, туку само за да предупреди и да се испрати заканувачка порака.

Украинскиот претседател Володмир Зеленски кој се има сретнато со Абрамович, велат, не бил изложен на нападот ниту се има соочено со симптомите кои ги почувствувале Абрамович и другите.

Олигархот за кој не се знаеше каде се наоѓа после информациите дека го има префрлено својот авион од Тел Авив во Москва, откако беше ставен на списокот на санкционираните руски милијардери, блиски до Владимир Путин, се тврди дека на рускиот претседател му има предадено – со рака напишано – лично писмо од Зеленски.

Во меѓувреме во Москва беше објаснето дека Абрамович (55) својата мировна мисија ја има покренато и ја прави „на своја рака“ – не работејќи за никого и за ниту една страна.

Олигархот на преговорите во Истанбул

Меѓутоа, пред почетокот на рундата преговори, во вторникот на 29 март, во Истанбул, турскиот претседател Ердоган се има сретнато со двете делегации, но и со Абрамович, за кого, сега, се верува дека би можел да стане човекот кој може да ги измири Русија и Украина.

На фотографијата направена за време на средбата на Ердоган и двете преговарачки страни, на кои турскиот претседател им посакал успех во тешките преговори, се гледа и олигархот Абрамович како разговара со еден од преговарачките страни додека домаќинот внимателно го следи разговорот.

И понатаму не се знае неговата вистинска улога, која се помалку изгледа дека е направена на „своја рака“, но од друга страна, се покажува дека тој е близок со Путин.

САД не воведе санкции за Абрамович

Таа блискост е причина што сите олигарси се остро санкционирани, а за Абрамович се зборува дека поради тоа би можел целосно да крахира и да остане без се што поседува, но изгледа дека Западот ја има согледано неговата можност да стане главниот посредник во преговарачкиот процес.

Наводно, американскиот претседател Џо Бајден го има прифатено барањето на Зеленски, Американците да не воведат санкции против Роман Абрамович – за да може да помогне во преговорите.

САД не го санкционираа овој руски олигарх, а неговата голема јахта остана незапленета од никого. Сега е вкотвена во турските територијални води, на крајниот југ од Егејско Море.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе