Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Оставка на Чубајс поради инвазијата врз Украина

toxawww/Depositphotos.com

Оставка на Чубајс поради инвазијата врз Украина

Анатолиј Чубајс кого во руската јавност го нарекуваат „ветеранот од Кремљ“, поднесе оставка на функцијата специјален советник на рускиот претседател, во знак на протест поради инвазијата врз Украина и војната што Русија ја води во соседството.

Тој е досега највисок позициониран руски функционер кој беше и сосема блиску до Владимир Путин што поднесува оставка и уште веднаш по тоа ја има напуштено Русија. Ова е прв таков случај од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

„Доброволна оставка“

Веста за тоа ја има потврдено и Кремљ. Портпаролот Дмитри Песков има изјавено дека е точно оти Чубајс “доброволно поднел оставка“. Песков уште и рекол дека „на него останува да се одлучи дали останува, или си оди“!

Чубајс е економист и важи за архитектот на економските реформи во Русија. Заедно со, од пред неколку години убиениот Борис Немцов – тој ја има спроведено економската транзиција и приватизацијата во земјата, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и дотогашната централизирана, планска, комунистичка економија.

Економските реформи што ги започна Чубајс овозможија создавање на пазарна економија во Русија, иако тоа предизвика концентрација на огромно богатство во рацете на мал и тесен круг луѓе кои преку ноќ станаа милијардери и олигарси. Најголемиот дел од нив сега се под санкции на ЕУ и на САД и Западот, во неколкуте бранови од санкционирање на оние кои и служат или може да и служат на руската воена машинерија, во нејзината инвазија врз соседна Украина.

Чубајс беше шеф на кабинетот на тогашниот руски претседател Борис Елцин, кога во 1997 година, го има предложено тогаш целосно непознатиот Владимир Путин, оперативец со чин во советската тајна служба КГБ, да се именува за свој заменик. Тоа беше првата функција на Путин во Кремљ и негово влегување во политиката – преку заменичкото место во кабинетот што го водеше Чубајс.

Човекот кој му беше шеф на Путин

Кога Путин во 1999 година стапи на власта – прво како руски премиер – не го заборави човекот кој му ја отвори вратата кон врвовите на власта во Русија, па го именува Чубајс за претседател на руската државна електро – енергетска компанија која темелно ја има реформирано и раководено до 2004 година. Потоа, од 2008 до 2020 година беше претседател на компанијата за развој и иновации, од кога одново е во Кремљ, сега како специјален советник на претседателот за врски со меѓународните организации за развој.

Во руската јавност тој често беше споменуван како човекот кој го има вработено Путин, по падот на СССР и како човекот кој му бил шеф на (сега) семоќниот руски претседател.

За Анатолиј Чубајс, меѓутоа, последните години се има зборувано како за еден од најистакнатите либерали” кој беше поврзан со врвовите на власта во Русија. Неговото демонстративно заминување и разделбата до Путин после 25 години соработка, покажува дека ја има загубено битката за либерализација на руската политика.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе