Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Инвазијата ќе го собори режимот во Русија“

Maxshot/Depositphotos.com

„Инвазијата ќе го собори режимот во Русија“

Инвазијата врз Украина ќе го предизвика крајот на режимот на Владимир Путин, во следните пет години – проценува Владимир Ашурков, извршен директор на Антикорупциската фондација на Алексеј Навални.

Во разговор за лондонскиот весник „Индепендент“, Ашурков рекол дека „оваа, меѓу Русите, непопуларна војна, ќе покрене демократски револт и желбата за повеќе и за вистинска демократија во Русија, а тоа ќе значи и заминување на путиновото време“.

Засега, колку што се знае, над 14 илјади лица се уапсени за учество во анти-воените демонстрации во Русија и за спротивставувањето на инвазијата.

„Промени во следните пет години“

„Војната во Украина е непопуларна, а забрзувањето на економскиот пад на земјата нема да им се допадне на обичните луѓе. Мислам дека тоа ќе го предизвика падот на владеењето на Путин“ – вели директорот на фондацијата на Навални.

Според него, голема улога во тоа ќе имаат западните санкции и жестокиот притисок врз руската економија.

„Сметам дека ќе бидеме сведоци на зголемено разидувања во бизнисот и меѓу руските бизнисмени, но и кај политичката елита, а сето тоа ќе го забрза масовното незадоволство кај населението, што пак, ќе води до политички протести“ – вели Ашурков за овој весник.

Неговата проценка е дека вистинска промена на власта е многу веројатна во следните пет години, но дека останува да се види по која цена и како ќе се случи таа промена.

Нова казна за Навални

Фондацијата Навални е создадена во 2011 година и таа успеа да го соголи системот на владеење на Путин, со помош на олигарсите – милијардери, преку раширената корупција.

Пред крајот на 2012 година, Фондацијата беше забранета, откако беше означена како „екстремистичка организација“.

Самиот Навални е во затвор, наводно, за непочитување и прекршување на условната казна затвор, што беше активирана веднаш по неговото враќање од Германија, каде подолго време беше на лекување по неуспешниот обид да биде убиен, со помош на нервниот агенс – новичок.

Режимот, меѓутоа, продолжува да го измачува Алексеј Навални, додавајќи му нови измислени обвинувања. Во време додека се уште ја издржува затворската казна, му беше организирано ново судење, за наводно даночни прекршувања. Дополнително е осуден да остане во затвор уште девет години, по отслужувањето на сегашната казна.

Ашуков, пак, сега работи за Фондацијата од странство, од Велика Британија, каде е отворена посебна канцеларија.

Русите шокирани од инвазијата

За „Индепендент” тој вели дека јавноста во Русија е шокирана од одлуката на Путин да изврши инвазија врз соседна Украина, бидејќи Русите не очекуваа дека тоа навистина ќе се случи.

Затоа, јадрото на путиновата поддршка сега е сведена на 20 до најмногу 30 отсто од гласачите, но се верува дека и меѓу нив има такви кои се уште не може да поверуваат дека „нивната Русија е во војна против една Украина“.

Ашуков ги подржува санкциите кои се воведени против Русија, но мисли дека САД, Британија и другите имаат направено вистинска работа со воведувањето санкции и за олигарсите. Дури за 35 од нив се од т.н. „Навални листа“ во која се набележани сите милијардери од кругот околу Путин, меѓу кои е и Роман Абрамович.

Инаку, овој соговорник на лондонскиот весник, верува дека и без санкциите, поради самата војна и трошоците што одат за неа и за армијата, руската економија ќе забележеше голем пад и ќе западнеше во криза.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе