„Русите киднапираат украински деца“
Официјален Киев ја обвини Русија дека нејзините армиски сили, на незаконски начин, одземаат деца од окупираниот регион Донбас, во Источна Украина и го носат на руската територија.
Веста за ваквата постапка на руските окупациски сили, која ја има соопштено украинското министерство за надворешни работи, ја има потврдено и амбасадата на САД во Киев. Станува збор за насилно „тргнати“ 2389 украински деца.
Според соопштението на американската амбасада, ова не е никаква хуманитарна помош, или спасување на децата, туку дека станува збор за нивно киднапирање.
Градскиот совет на Мариупол, украински град на брегот на Азовски море и на крајниот југ од Донецката област, што руските инвазиони сили безмилосно го уништуваат со денови, во саботата има соопштено дека „руската војска насила имаат депортирано неколку илјади луѓе од градот што е под опсада“. Во соопштението се вели дека сите се одведени на територијата на Русија.
Според МНР на Украина, во таа лажна, хуманитарна операција, се грабнати и безмалку 2400 деца од различна возраст, како од областа Донецк, така и од соседниот Луганск. Министерството во Киев, ваквата постапка на Русите ја има оквалификувано како – грубо прекршување на меѓународното право.
Оваа информација, во вторникот ја има потврдено и генералната обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова која на Твитер соопшти дека руските војници вршат и присилно иселување од Донецк и од Луганск.
„Руските сили не само што ги уништуваат нашите градови, бомбардирајќи цивилни цели и убивајќи луѓе и деца, туку децата насилно ги одведуваат во Русија. Од привремено окупираните украински територии на Истокот од земјата, веќе се одведени неколку илјади деца“ – има напишано Венедиктова, која соопштува дека се спроведува истрага за да се утврди каде и како тоа се прави и за колкава бројка станува збор.