Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

И во Анталија без договор

"Sergey Lavrov Minister of Foreign Affair" (CC BY-NC-ND 2.0) by UN Geneva

И во Анталија без договор

Во турскиот медитерански град Анталија не се случи чудо, кое никој и не го очекуваше, на првата министерска средба на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и на рускиот Сергеј Лавров, изведена со посредништво на Турција.

Нема никаков напредок околу постигнувањето примирје, а нема ниту било какви навестувања дека набрзо би можело да дојде до прекинување на воените дејствија.

Турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу кој ја имаше посредничката улога во дијалогот, по средбата изјави дека „не би требало да се очекува чудо од една средба“, не споменувајќи притоа ништо околу тоа дали би можело да се очекува уште една рунда разговори меѓу Киев и Москва, на министерско ниво.

Кулеба – Нема капитулација

Кулеба уште пред да допатува во Анталија изјави дека не очекува оти нешто ќе се постигне, но дека владата во Киев останува на своите позиции да настојува да се изнајде мирно решение, иако останува определена да се брани и да се спротивставува на агресијата.

Во изјава за медиумите, украинскиот министер ја повтори позицијата дека Украина нема да се предаде и да капитулира, што Москва сега го поставува како еден од условите за прекинување на руската инвазија и за повлекувањето на инвазионите сили.

Веројатно е дека Лавров, од своја страна, тоа го има повторено и на тројната средба во Анталија, затоа што настојувајќи да ги оправда руските „аргументи“ за инвазијата, како порано, така и сега, само продолжува да ја брани војната и агресијата на неговата Русија врз една независна и нему соседна држава.

Впрочем, арогантен, како што е обично, Лавров и во Анталија на новинарите им има зборувано дека – „Русија не сакала војна. Дека ниту сега не ја сака. Ние сакаме да заврши војната, имајќи ги во предвид и желбите на двете „републики“ – како што рускиот министер ги нарекува веќе присвоените Луганск и Донецк што Владимир Путин ги прогласи за „независни држави“.

Лавров – „Русија не ја нападна Украина“

Како утешување за Европа (и за руските соседи, посебни оние од Балтикот) треба да делуваат неговите „ветувања“ дека Русија – „не планира да напаѓа други држави“ (во што никој повеќе, никому од Москва не му верува), уште тврдејќи дека – „Русија не ја нападнала ниту Украина“!?

„Во Украина се разви и се создаде ситуација која претставува директна закана за Русија“, па затоа таа морала да интервенира – да се брани – ќе рече рускиот министер. Па, така, и на анталиските разговори, Лавров го има цитирано Путин, за да ги соопшти (и официјално) условите за прекинување на огнот и на непријателствата.

Кулеба, пак, на тоа има речено дека Москва прекинот на огнот го врзува за исполнување на барањата на Путин што тој и ги има испорачано на Украина. „Но, Украина не се предаде, а ниту ќе се предаде. Ние сме подготвени за дипломатско решение, но додека до него не се дојде, ќе ја заштитуваме својата земја од руската агресија“ – изјави украинскиот шеф на дипломатијата.

Тој ја остави отворена можноста од нова средба на ова ниво, ако има изгледи за суштински разговори и за барање решение. Од руска страна, пак, Лавров откри дека на средбата во Анталија се разговарало и за евентуална средба на Путин со Володмир Зеленски. Рускиот министер соопшти дека Москва не е против тоа.

Измислени обвинувања

Меѓутоа, ја искористи можноста, за да ги брани руските позиции кои никако не може да се бранат, затоа што се темелат на измислени обвинувања и за дисквалификација на Украина и на Украинците од позиција на рускиот национализам.

Лавров во Анталија одново обвинуваше дека Западот не ги прифатил барањата на Путин за гаранции за безбедност на Русија. Наместо тоа, наводно, им било одговорено дека „Украина е наша (на Западот) и ние со Украина ќе одлучуваме за својата судбина“.

А, нема ништо од тоа, затоа што Западот најмалку сака и сакаше судир со Русија. Ја помага украинската влада откако земјата веќе се најде изложена на руска агресија во 2014 година, кога пред точно осум години беше анектиран Крим, па потоа во Луганск и Донецк, Москва ги покрена проруските сепаратисти да предизвикаат оружен судир со Украина и да се отцепат од неа.

Во тоа време, земјата имаше само нацрт договор за економски односи со ЕУ, што Кремљ не дозволи да се озакони, а дека НАТО никој ниту го нудеше, а ниту Украинците го споменуваа, се до 2019 година кога – како декларација – беше внесено во украинскиот Устав.

Оправдување на инвазијата

Анексијата на Крим и сепаратизмот во Источна Украина што го поттикнува, а сега и го спроведе Москва, има за цел да се казни Киев што наместо со Русија, се определи да се сврти кон европските интеграциски процеси.

Лавров кој и тогаш беше министер, ги знае овие работи, но и тој како неговиот претседател ја повторува приказната за „загрозените“ Руси во Украина, за наводно „загрозената“ Русија, која ќе биде божем уништена, доколку Зеленски остене претседател на државата, па затоа треба да се доведе некој нов – што ќе ја врати во руското царство.

„Ние сакаме Украина која ќе биде пријателска (со Русија), демилитаризирана и без опасни НАЦИСТИЧКИ ТЕНДЕНЦИИ. Каде рускиот јазик нема да биде забранет, а нема да бидат забранети ниту руската култура, а ниту руската православна црква“ – рекол Лавров во Анталија, не водејќи сметка за вистината, но покажувајќи (одново) дека руската црква се користи како орудие на путиновата надворешна политика.

Посебно, кога станува збир за политиката во православниот свет во кој влегуваат и православците од Западен Балкан.

Руската црква како орудие

Така стануваат појасни случувањата во и околу Србија и тамошниот национализам, прикриени зад религијата и зад делувањето на СПЦ, со случувањата и однесувањата во Република Српска, во БиХ и со бурните настани во Црна Гора.

Овие неточни толкувања на Лавров (околу руската црква во Украина), меѓутоа, потсетуваат и на неговото мешање во македонските внатрешни работи, како и на острото руско спротивставување на автокафалност од МПЦ – надвор од српската црква – која за Москва е единствено „важечка“ во Македонија.

Конечно, Сергеј Лавров во Анталија – за рускиот напад и на болницата – породилиште во Мариупул ги обвини Украинците. Наводно,, таму се криел “радикалниот батаљон Азов“, како и дека во болницата, всушност, немало деца и бремени жени.

Но, на Москва веќе никој не и верува, па ракетирањето на болницата, светот го окарактеризира како „варварство“.

Уште повеќе што Светската здравствена организација (СЗО) ја обвини Русија дека досега биле нападнати над 15 здравствени објекти. Според рускиот министер, треба да веруваме, дека во сите нив се криеле „радикали, националисти и нацисти“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе