Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Банкротира операторот на „Северен ток 2“

ksanawo/Depositphotos.com

Банкротира операторот на „Северен ток 2“

Компанијата „Северен ток 2“ – АГ, со седиште во швајцарскиот кантон Цуг соопшти дека покренала постапка за банкротство. Швајцарските власти ја потврдија информацијата.

Еден локален функционер има изјавено дека компанијата ги известила властите дека не можат повеќе да ја продолжат работата, па затоа морале да поднесат барање за банкрот, известувајќи дека сите 105 вработени веќе имаат добиено отказни решенија.

Фирмата која беше оператор на новоизградениот подморски гасовод од Русија до Германија, раководеше и со неговата изградба. Таа е завршена уште во септември 2021 година, но уште веднаш стана јасно дека европските и германските власти нема да брзаат со давањето дозвола за работа на гасоводот.

Контроверзен од самиот почеток

Уште од самиот почеток, гасоводот беше означен како контроверзен и се смета за едно од „погрешните решенија“ на поранешниот канцелар Ангела Меркел.

САД целото време беа против, укажувајќи на заканата од зголемената зависноста на Германија и на ЕУ од рускиот гас и од Русија на Владимир Путин. Вашингтон сметаше дека преку вториот крак на гасоводот, ќе и овозможи на Москва поголемо мешање во нејзините работи ќе стане орудие на Кремљ.

Доналд Трамп воведе и санкции за сите кои на било кој начин работат или ќе соработуваат со „Северен ток 2“, но новиот претседател Џо Бајден, зазеде помека позиција, меѓудругото и во настојувањето да ги подобри односите со Германија и со ЕУ, кои Трамп целосно ги разурна. Сепак, Украина како и Балтичките земји и Полска, пред се, останаа противници на неговата изградба и операционализација.

Новиот германски канцелар Олаф Шолц кој на почетокот од кризата околу Украина оставаше впечаток на неодлучен, не изјаснувајќи се околу судбината на гасоводот, уште на 22 февруари – на два дена пред почнувањето на руската агресија – соопшти дека Германија ги има преземено сите чекори за да се запре проектот „Северен ток 2“ на неопределено време.

Варинг и Путин

Изградбата на гасоводот кој е планирано да го снабдува со гас, пред се, источниот дел на Германија, чинеше 11 милијарди евра. Финансиер е Русија, односно државната компанија Газпром, а гасоводот, од сега па натаму се претвора во скапа, мртва инвестиција.

Газпром имаше удел и во (сега) банкротираната фирма – оператор во Швајцарија, на чие чело беше Германецот Матијас Варинг (66).

За него, германските медиуми велат дека е менаџер кој се има искачено до врвот на рускиот бизнис – како член на низа надзорни одбори на повеќе големи, државни руски компании, па дека има работено и со (можеби) најпознатиот и политички највлијателниот олигарх – Олег Дерипаска – „кралот“ на алуминиумот.

За Варинг се тврди дека во деведесеттите години на 20 век, бил банкар. Но, за медиумите е поважно дека тој е од Источна Германија, дека е поранешен оперативец на, по зло познатата тајна служба на некогашна ГДР – Штази и дека уште од тоа време го познава Владимир Путин. Од годините кога тој има работено во источногерманската централа на руското КГБ во Дрезден.

Во извештајот на Навални

За германскиот менаџер, меѓутоа, се има разбрано од познатиот извештај за корупцијата во Русија, на невладината организација на Алексеј Навални. Во него, Германецот се поврзува со Путин и со руската корупција. Тоа, пак, според германските медиуми, се открива од писмата што поранешната путинова сопруга Људмила ги има разменето со една своја пријателка, каде го споменува и Варинг.

Излегува дека во тоа време тој му помагал на Путин и на неговото семејство, откако по падот на комунизмот и обединувањето на Германија, оперативецот на КГБ останал без работа и пари, па кога се вратил во Русија, во еден период, според сопственото признание, возел такси во Санкт Петерсбург.

Токму тој и таков Варинг беше поставен да раководи со фирмата во Швајцарија, имајќи слобода за делување и можност да може да влезе во кабинетот кај Путин – кога ќе посака. Кога гасоводот „Северен ток 2“ беше завршен, требаше да биде покренат, а компанијата да се занимава со неговата оперативност. Но, тоа сега, а и во догледно време, нема да се случи.

Поради инвазијата врз Украина, како и поради војната која безмилосно ја уништува Украина, оваа компанија мораше да банкротира.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе