Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Австрија прва со задолжително вакцинирање

Spitzi/Depositphotos.com

Австрија прва со задолжително вакцинирање

Од почетокот на овој месец, во Австрија вакцинирањето (против коронавирусот) не е веќе работа на личен избор, туку нешто што мора да се направи. Станува задолжително за сите лица постари од 18 години.

Од 1 февруари, стапува во сила законот според кој сите возрасни мора да имаат примено некоја од вакцините што ги имаат одобрено австриските власти – (на тој список не се руската вакцина Спутник и кинеската Синофарм). За оние кои и натаму ќе продолжат да одбиваат да се имунизираат, се предвидени казни.

Австрија е првата земја од ЕУ, но и од Европа, во која сите нејзини полнолетни граѓани мора да бидат вакцинирани.

Казнување на секои три месеци

Првично, законодавците имаа определено задолжителното вакцинирање да ги опфати и тинејџерите на возраст од 14 години, но тој план беше напуштен поради првниот проблем – како би се казнувале малолетниците доколку одбијат вакцинација.

А, казната според законот што, најверојатно, ќе стапи во сила од крајот на оваа недела, затоа што треба да помине и низ Горниот дом на Парламентот и да биде потпишан од претседателот на државата – изнесува најмалку 600 евра.

На почетокот, оние кои ќе одбијат да се имунизираат ќе бидат опоменати и тоа ќе трае до март кога ќе се започне со парично казнување. Освен тоа, законот има определено казната да се повторува секои три месеци, а оној што три пати ќе одбие, ќе мора да плати 1800 евра. Планот е сите вака собрани пари да одат на сметките на ковид – болниците.

Во исто време, австриските власти ја укинуваат досегашната мерка за карантин за невакцинираните. Од денес, овие лица ќе можат (одново) слободно да излегуваат од своите домови и да се среќаваат со своите блиски и пријатели, но сега и за нив важи системот на казни и казнувањето.

Мерка поттикната од тројца канцелари

Ваквата мерка за задолжително вакцинирање е „родена“ како една од мерките против пандемијата, уште додека канцелар беше Себастијан Курц.

Но, Австрија во мошне кус рок смени тројца канцелари на чело на владата, без да има избори, па законот беше донесен во времето кога со владата во Виена управуваше Александер Шаленберг, а стапува во сила во време на сегашниот канцелар Карл Нехамер.

Во времето на сите тројца, Австрија имаше проблеми со антиваксерите и со релативно нискиот процент на имунизирани (во споредба со просекот на ЕУ).

Во ноември 2021 година, кога Шаленберг соопшти дека владата ќе донесе еден ваков закон, вакцинираноста со две дози изнесуваше 64 отсто од вкупното население. Од тој момент вакинираноста почна да се зголемува, иако оваа земја е позната по силниот отпор на антиваксерите кои, инаку, ги предводи домашната ултра – десница, претворајќи ја имунизацијата во политичко прашање.

Тоа не е само австриски проблем, туку и европски и балкански, затоа што секаде (па и во Македонија) токму десничарите и разни националистички груши се против вакцините и зборуваат за “одбраната на човековите слободи“ што не е никако својствено на идеологијата на ултра – десницата.

Вакцинациска лотарија

Сепак, во крајот на декември во Австрија бројот на вакцинираните се искачи на 73 отсто. Тоа покажува дека веќе и најавата за донесувањето на законот имаше ефект за однесувањето на граѓаните. Веќе сега, пред крајот на јануари оваа година, тој процент се има искачено до над 75 отсто.

Законот и анти – ковид мерките доаѓаат во време кога Австрија, одново, се соочува со нов бран од пандемијата со короната, овој пат со видот Омикрон кој се шири уште побрзо и уште полесно, во споредба со претходната Делта варијанта.

Ова е време кога цела Европа повторно се бори со раширената пандемија, но и со тврдоглавите противници на имунизацијата кои, ако се тргне на страна десничарската и анти – естаблишмент идеологија кои одат заедно, продолжуваат да веруваат (и да ги убедуваат наивните) дека вакцинацијата не е потребна, а дека сите создадени вакцини се (наводно) несигурни и небезбедни.

Во таквата атмосфера, властите знаат дека за некои од овие луѓе ниту казните нема да бидат доволни, па затоа владата во Виена обезбеди буџет од 1,4 милијарди евра за т.н. вакцинациска лотарија.

Модел и за другите во ЕУ?

Во неа се вклучени сите Австријци кои се регистрирани како вакцинирани. Предвидено е секој десетти граѓанин (вакциниран) да освои купон во вредност од 500 евра. Оваа можност, меѓутоа, ја имаат и оние кои во месеците што доаѓаат ќе се одлучат да се вакцинираат.

Купоните, инаку, ќе може да се користат како платежно средство во австриските компании – продавници, ресторани, хотели, како и културни и спортски институции.

Моделот на Австријците, велат, сега е на испит и кај домашната и кај европската јавност. Уште есеноска, Германија, пред се, како и уште некои земји од ЕУ најавија дека би можеле да го следат австрискиот пример.

Некои здравствени експерти велат дека ваквата мерка – можеби – требаше да се применува уште од самиот почеток – кога се појавија вакцините против коронавирусот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе