Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Премиерката ја откажа свадбата

Ale_Mi/Depositphotos.com

Премиерката ја откажа свадбата

Премиерката на Нов Зеланд Јасинда Ардерн, во последен момент, ја откажа својата свадба со долгогодишниот партнер, откако ги објави најновите, остри, владини мерки против коронавирусот.

Оваа островска држава во југозападниот Пацифик одново е ставена во локдаун по, како што е речено, засилувањето на епидемијата, сега со Омикрон вирусот.

Со најновите рестрикции се дозволува до 100 лица (вакцинирани со две дози) да може да се соберат на било каков настан. Исто така наложено е носење маски на лицето при влегувањето во секоја продавница и при користењето на јавниот транспорт.

Ардерн требаше да се венча со својот партнер, познат новозеландски телевизиски водител, но во обраќање до домашната јавност, соопшти дека ја откажала венчавката – на неопределено време – но, секако, до смирување на ситуацијата со пандемијата. Со мерките што нејзината влада ги воведе, ограниченото собирање се однесува и за посета и користење на теретаните, како и за организирање свадби.

“Во една ваква ситуација, јас не можам да се исклучам од почитување на мерките, кога веќе тоа ќе мора да го поднесуваат сите Новозеланѓани“ – има речено премиерката Ардерн.

Сега воведениот локдаун доаѓа во време кога е откриен нов кластер со Омикрон варијантата на вирусот. Станува збор за едно деветчлено семејство кое било на свадба во Окланд (најголемиот град во земјата), кај кое се открило дека сите се заразени. Во текот на авионскиот лет до дома, тие заразиле (колку што засега се знае) и луѓе од персоналот на авионот. Не се споменува дали се заразени и други патници.

Лекарите стравуваат дека бројката на новозаразени ќе биде многу повисока, откако ќе се утврдат сите врски на првично заразените и целото нивно движење.

Во земјата која од избувнувањето на глобалната пандемија, пред крајот на 2019 година, повеќе е во локдаун (посебно Окланд) и во изолација, отколку без мерки за ограничување, досега има регистрирани над 15 илјади заразени и 52 починати лица. Тоа е неспоредливо малку во однос на бројките дури и во соседна Австралија, а камо ли со оние во Европа и Америка.

Но, од почетокот, Јасинда Ардерн води остра политика на изолација на островите кои ја сочинуваат државата и тоа го прави при секое покренување на нов бран од пандемијата, како што е тоа сега случај.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе