Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

БиХ под заканата од „украинско сценарио“

fthuerig/Depositphotos.com

БиХ под заканата од „украинско сценарио“

Дваесет и шест години по потпишувањето на Дејтонскиот договор за БиХ, оваа поранешна ЈУ република се уште не може да се конституира како нормална, европска држава.

Исто толку години, земјата егзистира како нефункционална држава, разделена во три националистички табори на локалните Бошњаци, Срби и Хрвати, иако во Дејтон не беше така замислено. Затоа и беше определен меѓународен претставник кој (меѓудругото) е договорено да ја надгледува ситуацијата во земјата како граѓански уредена држава – мултиетничка заедница на трите основни народи и на сите другите кои живеат на нејзината територија.

Сите овие години, меѓутоа, гласачите продолжуваат да гласаат за своите, националистички обоени партии – секоја доминантна на „својата“ етничка територија, создавајќи ги во неприкосновени национални водачи, лидерите на тие и такви партии. Сите три етнички заедници и нивните лидери, притоа, се повикуваат на Дејтон, толкувајќи го како кому одговара. Практично, делувајќи контра договорот и во секој случај, контра интересите на државата која, сепак, треба да биде една и цела БиХ.

Мешање на Белград и Загреб

Згора на се, од страна се мешаат Србија и Хрватска – едната штитејќи ги своите Срби, а другата Хрватите. Белград и Загреб и натаму, билатерално, се во фаза на непомирливост, но кога е БиХ во прашање, меѓу нив постои силно сојузништво за тоа дека во Босна ништо не треба да се менува.

Според нив, земјата треба да остане цврсто поделена во три етничко – верски табори, дека секој од народите треба да го избира и да гласа за „својот“ кандидат – според принцот Србите гласаат за српскиот претставник во Претседателството на БиХ (и за федералните органи), а Бошњаците и Хрватите – своите кандидати.

Кога на последното гласање, хрватскиот претставник во Претседателството (Жељко Комшиќ) беше избран и со гласовите на босанските муслимани, па така го порази против – кандидатот (Хрват) Драган Човиќ, веднаш беше анатемисан и се уште е игнориран во Загреб дека не може да биде “легитимен“ претставник на локалните Хрвати.

За официјален Заграб, единствениот кого го признаваат е Човиќ, кој е лидер на хрватската партија ХДЗ – за Босна и кој претходно беше хрватски претставник во државното Претседателство. Уште повеќе што во Загреб на Комшиќ гледаат како на „одроден Хрват“. Тој упорно повторува дека е Хрват по националност, но дека е прво Босанец, односно државјанин на БиХ, каде е роден.

„Воен конфликт со мал интензитет“

Овој случај само ги отвори старите рани за длабоката поделба поради која земјата е таква каква што е. А, случајот со Комшиќ, за кого Загреб и Белград се согласуваат дека „не смее да стане редовна пракса“, покажа дека од основната цел на Дејтон, за иднината на БиХ како заедничка држава за сите и после повеќе од четврт век – нема ништо. Напротив, земјата која беше најкрвавото подрачје при распаѓањето на поранешна Југославија, сега одново се јавува како закана – прво за самата себе, но и за целиот Балкан и за Европа.

Покренувач на кризата, сепак, е сепаратизмот што постојано го застапува српската енклава Република Српска и пред се, нејзиниот „газда“ и поттикнувач за распадот на БиХ, Милорад Додик кој освен во Белград, се повеќе и се поотворено, за ваквата политика, на својата страна ја има Русија.

Меѓународна заедница, засега, нема некое конкретно решение, за запирање на сепаратистичките акции во и околу енклавата, како и за обидите за поништување на Дејтонскиот договор – што во краен случај значат уништување на државата БиХ.

Дури постои еден, велат, тивок заклучок на релевантните страни дека „во Босна е можен еден воен конфликт со мал интензитет“. Каков и да е, тој би бил меѓународен – со вклучување на Русија, на едната страна и на НАТО, на другата.

Руска база во Република Српска?

Ваквата констатација за едно воено сценарио, според безбедносни експерти, во секој случај, е последица на одлагањето да се преземат во Босна конкретни мерки.

Тоа значи – политичка елиминација, а потоа и судење на Додик и на неговата најблиска околина. Но, сето ова покажува колку е сериозна ситуацијата во оваа поранешна југословенска република. Излезе дека БиХ уште еднаш се надвиснува како закана за безбедноста на поширокиот балкански регион и се претвора во „жешка“ точка која би можела сериозно да ја наруши безбедноста на Европа.

Заканата доаѓа од таму што ова веќе не е ситуација во која „воени игри” играат босанските и балканските мангупи, туку од Москва која, велат експерти, засилено навлегува (преку Додик и неговата Република Српска) во БиХ, работејќи на сценариото кое им одговара само на руските државни интереси.

Словенечкиот Меѓународен институт за Блиски Исток и за Балканот, тврди дека рускиот „хуманитарен центар“ кој беше во Ниш, сега е преселен во Република Српска. За него уште од порано се тврдеше дека нема ништо со хуманоста, туку дека претставува база за руските разузнавачки операции во еден поширок регион, па дури дека е темел за брзо трансформирање во воена база.

Инфилтрирање преку СПЦ

Во исто време, се интензивира поставувањето на инфраструктурните проекти во оваа српска енклава во БиХ, за потребите на Москва. Станува збор за проекти, за кои се вели дека би можеле подоцна да бидат основа за идната руска воена база во Република Српска (во БиХ).

Анализите што се направени тргнуваат од тоа дека доаѓањето на српскиот патријарх во српската енклава, но не и во државата, како што тоа би требало да биде, покажува дека Москва во оваа операција во енклавата ја користи (како и порано, во случајот во Украина, во Грција и на Балканот) Руската православна црква, која пак, има доминантно влијание врз српската црква. Во случајов, патријархот само застана на страната на Москва, на Додик и на неговата политика за растурање на БиХ.

Овој српски – босански политичар, од извесно време, е користен од Русија за создавање посебна разузнавачка структура во Република Српска, одделена од онаа на Белград и на Србија. Словенечкиот Институт верува дека руското разузнавачко присуство во БиХ веќе сега е мошне силно и бројно и целта на една ваква оперативна мрежа е отцепувањето на енклавата од државата БиХ.

Безбедносни експерти сметаат дека Русија е во потрага по одбранбената индустрија на БиХ, а посебно по сознанието – дали таму има скриени воени залихи, што би можеле да се користат во случај на воен судир.

Како ќе реагира НАТО

Според западните експерти, единственото што Москва не го знае е како би одговорило НАТО на операции за растурање на Босна. Дејтонскиот договор и дава на Алијансата право да одговори со брза реакција на евентуалната сецесија.

Во ОН, Русија може да реагира со вето. На ЕУ да и се заканува со испораките на гас, но во случај на било каков облик на сецесија, НАТО има право автономно да реагира, само врз проценката на командата и штабот на Алијансата.

Во едно сценарио со воен конфликт, меѓутоа, Русија ризикува исчезнување на енклавата, не само преку НАТО интервенцијата, туку и врз Уставот на БиХ што е смислен врз одредбите на Дејтон.

А, тоа, врз основа на големиот труд што го вложува во кризата во Босна, поттикнувајќи ја сецесијата и правејќи ја ситуацијата налик на она што го има направено во Украина – (со Крим и Донбас), во Грузија, (распалувајќи ја државата без отцепените Абхазија и Јужна Осетија) и во Молдавија (практично анектирајќи го реонот Придњестровје) – никако не и одговара на целите кои ги има поставено.

Тешки последици за Србија

Во секој случај, планот е Додик да биде она што се сепаратистите во трите споменати поранешни советски републики, а Република Српска да се претвори во она што е, на пример, Донбас. Формално, не е дел од Русија, не е ниту меѓународно призната држава, но не е ниту дел од Украина. Како и во Крим, така и во Донецк и во Луганск, властите во Киев немаат никаква контрола.

Затоа на Москва и треба Косово да остане трајно отворено и нерешено прашање – како што се сите овие. Што ќе рече – да биде „замрзнат“ случај со кој Белград постојано ќе се држи под руска контрола, како наводен гарант пред српската јавност дека – „Косово беше и останува српско“.

Србија, меѓутоа, со својата досегашна длабоката поврзаност на Додик со актуелната власт во Белград, е силно инволвирана во Република Српска – и тоа на руската страна.

Анализите покажуваат дека во случај на конфликт, Србија би претрпела голема штета. Земјата ќе биде погодена од остри санкции од Западот. НАТО ќе воведе блокада на енклавата, ќе ја затвори границата на Дрина и ќе ја отсече Србија од територијата на БиХ на која Белград претендира – како на своја.

Загреб со Москва за БиХ

Дома ќе биде под пресија воено да интервенира за да го „спасува српскиот народ“ во енклавата, а тоа за некои безбедносни експерти е „нож со две острици“ за безбедноста на самата Србија. Проценка е дека тогаш би можело да дојде до обид за сецесија од Србија на Санџак, на пример, или на Прешевската долина.

Ваквата теорија не е неможна – велат во Институтот за Блиски Исток и Балкан од Љубљана – но, во иста, или слична ситуација би можела да се најде и Хрватска, која иако е членка на НАТО и на ЕУ, во сегашната криза во БиХ и во сепаратизмот на Додик, е на повеќе на страната на Русија.

Аналитичари велат дека Загреб – во дадените услови – најсилно е врзан за Франција и преку неа „дистрибуира дезинформации против БиХ во ЕУ“ плашејќи ја Европа со „исламскиот тероризам“ за кој Хрватска тврди дека е присутен во Босна.

Драган Човиќ – човек лојален на Загреб, како Додик на Белград – заедно со него има пакт против „унитаризацијата на БиХ“ – или едноставно, против менување на било што кое би ја направило БиХ да биде нормална држава.

Тоа е линијата што ја поттикнува руската страна, што пак, ја прави Хрватска да биде помалку независна, во однос на Русија, дури и споредено со Србија. Без разлика какви се плановите на Москва со Белград.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе