Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Си Џенпинг изедначен со Мао и Денг

Си Џенпинг изедначен со Мао и Денг

Комунистичката партија на Кина усвои „историска “резолуција со која е зацементиран политичкиот статус на Си Џенпинг во политичката историја на земјата.

Документот се прикажува како сублимат на 100 годишната партиска историја на Кина, со набележувањето на клучните постигнување и со истакнување на идните партиски и државни насоки, но во основа, резолуцијата е создадена за да го изедначи актуелниот кинески лидер со две други вистински историски личности – Мао Цетунг и Денг Ксиаопинг. За првиот една ваква резолуција е донесена во 1945, а за вториот во 1981 година.

Кинески аналитичари кои, инаку, работат надвор од Кина, проценуваат дека ваквото издигнување на Си претставува негов обид за враќање назад од создадениот процес на децентрализација на кинеското политичко лидерство. Процесот го покрена Денг Ксиаопинг уште пред 40 години, а потоа, по него, го продолжија сите другите – почнувајќи од Џијанг Цемин.

Барање трет претседателски мандат

Доколку ваквото толкување се покаже како точно, а веќе има навестување дека се напушта повеќе децениската лидерска десентрализација, тоа би значело дека Кина би можела да се врати кон т.н. култ на личноста, што се создаде во времето на Мао, а што го прекина Денг.

Седницата на која е возвеличан актуелниот партиско – државнички лидер, всушност, е четиридневна сесија на Централниот комитет на КП на Кина и таа е последната пред одржувањето на националниот Конгрес, предвиден за идната година. Се очекува, на него Си да побара и да добие трет, едно по друго мандат како претседател на Кина, што би бил историски настан – затоа што означува враќање назад кон веќе одамна напуштената пракса.

Таквата постапка, сепак, не би претставувала големо изненадување затоа што Си Џенпинг од почетокот на своето стапнување на позицијата, инсистира на заврснување на силата и позицијата на комунистичката партија, како и на идеолошкото зацврснување и на таквата чистота, во државата и во општеството, што се присутни во еднопартиска Кина уште од времето на создавањето на комунистичката Народна република, во октомври 1949 година.

Неприкосновен лидер

Конечно, Си кој важи за лидер приврзаник на тврдата комунистичка линија, во 2018 година го укина дотогашното ограничување на претседателскиот мандат на два едно по друго четиригодишни мандати, со што си овозможи себе си можност за уште еден, а потоа и за уште еден мандат – што ќе му овозможи да остане доживотен претседател на Кина.

За држава каква што е, Кина само се приклучува на низа такви земји со авторитарни режими и власти кои ги има низ светот – од Куба, Никарагва и Венецуела, до една Белорусија во Европа, или и Русија каде актуелниот претседател ке остане на власт се до 2036 година, откако претходно го смени Уставот на земјата.

Во ова друштво не се вбројува Северна Кореја, каде во услови на целосна изолација од светот – во изминатите децении по времето од средината на педесеттите години на 20 век имало само тројца диктатори и сите од едно семејство – дедото, таткото и внукот Ким.

Што се однесува до НР Кина, истакнувањето на „историската“ резолуција на партијата и официјално го издигнува Си како неприкосновен лидер на државата, што само се надоврзува на сликата што тој сите изминати години откако е на власт, ја гради за себе – како херој кој ја води земјата на нејзиниот историски пат.

Враќање кон минатото?

Аналитичарите, меѓутоа, предупредуваат дека ваквото сликање е демонстрација и на неговата неограничена моќ што тој ја има во партијата која ги има сите послуги за владеење и на државата која како да се враќа на времето на маоизацијата, само ставена во друго време и во една сосема поинаква Кина.

Тоа се објаснува со фактот дека неговите претходници – Цемин и Ху Џинтао, никогаш немаа и никогаш не посегнаа по моќта која веќе сега ја има Си Џенпинг.

Колку за потсетување – донесувањето на една ваква резолуција му овозможи на Мао Цетунг да стане лидер на комунистичката партија и да добие неограничена моќ и власт врз Кина.

Денг Ксиаопинг, пак, во периодот меѓу 1978 и 1981 година, го осуди тоа време и таквата пракса, а посебно ги осуди – како што тогаш беше речено – грешките направени со Културната револуција (1966/1976) која беше искористена за воспоставувањето на сурова комунистичка диктатура, во која беа брутално убиени милиони невини луѓе – поради наводното – идеолошко застранување.

Историската улога на Денг

Токму Денг има направено историски свртување на Кина

Од отворањето за земјата кон светот, па до започнувањето темелни реформи и формирањето на процесот за коегзистенција на двата (инаку спротивставени) система – комунизмот во општеството и власта, со капитализмот во економијата. Според старата кинеска изрека дека не е важно дали мачката е бела, или црна, важно е да лови глувци, што тој ја искористи за да го протурка капиталистичкиот модел во услови на еднопартиска Кина.

Тој модел и помогна на Кина да стане она што е денеска – светска сила, веднаш зад САД, надминувајќи ја Русија, која беше далеку пред неа, што ретко кој во светот го предвидуваше пред четири децении.

А, тоа е она што го прави Си да се чувствува недопирлив во Кина, за да може се стави себе си покрај Мао и Денг.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе