Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Макартни: Ленон ги растури Битлси

mazzzur/Depositphotos.com

Макартни: Ленон ги растури Битлси

Безмалку половина век трае дилемата и расправијата за тоа кој е виновен за распадот на прославената ливерпулска музичка четворка, групата Битлси, една од најпознатите во светот на поп – музиката – дали Пол Макартни, или пак Џон Ленон.

Пол и Џон, другари од најраната младост кои во почетокот на сега дамнешните шеесетти години на 20 век ја формираа групата, а тие двајцата станаа еден од најпознатите композиторски тандеми, не зборуваа за тоа додека Ленон беше жив, ниту пак Макартни ја покренуваше таа тема – се до сега.

„Не сакав да се разделиме“

Во една интервју за радио Би – Би – Си, што ќе биде емитувано за две недели, Пол Макартни го обвинува Ленон за растурањето на Битлси и тоа го означува како шок за него и за другите двајца (гитаристот Џорџ Харисон и тапанарот Ринго Стар).

„Јас не сакав да се разделиме. Никако не сакав тоа да се случи, но еден ден Џон (Ленон) влезе во собата и кусо рече – јас ги напуштам Битлси“ – тврди Макартни и вели дека и сега жали што тоа се случи.

„Се уште бевме добри. Правевме добри свирки. Тоа беше мој бенд, моја работа. Тоа беше целиот мој живот. Толку многу сакав да продолжам. Да продолжиме заедно.” – зборува Пол во интервјуто, чии делови порано се емитувани и инсистира дека тој во никој случај не ги има растурено Битлси.

Ленон го врза животот за Јоко Оно

„Кога Џон влезе во собата и соопшти која му е намерата, ми изгледаше како соопштување за развод. Но тој тогаш почна нов живот со Јоко Оно. Сакаше да се излежува во кревет со денови и недели во Амстердам и да размислува. А, со тоа нема што да се расправа, ниту да се убедува” – вели Пол, додавајќи дека тоа бил најтешкиот дел од неговиот живот.

Според Пол Макартни, доколку Џон Ленон не си заминеше, групата ќе продолжеше да постои.

Во светот на музиката, а посебно меѓу фановите на Битлси во Англија, со години на ред владее уверувањето дека за распадот е виновен Пол Макартни, поради различните гледање за тоа како (музички) да продолжи групата. Други, меѓутоа, за распадот ја обвинуваат јапонската уметничка од Њујорк, Јоко Оно со која Ленон почна да живее, прогласувајќи ја за своја уметничка муза.

Битлси се распаднаа во 1970 година, осум години по појавувањето на нивниот прв голем хит. Џон Ленон беше убиен, на улица, во Њујорк, во 1980 година, десет години по распадот на групата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе