Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Политика во „Храмот на мудрите“

Политика во „Храмот на мудрите“

Да се биде академик, се претпоставува дека треба, над се, да се биде мудар и во секој случај – надвор од дневната политика.

Во македонски прилики тоа би значело мудро да стоиш настрана од политичките игри и манипулации на оние кои сопствениот народ го делат на патриоти и предавници, служејќи им така на туѓи интереси, како што тоа (за жал) од секогаш на овие простори се случувало.

Навлегувањето на политиката во „Храмот на мудрите“ – како што обично се нарекуваат Академиите – е погубно за неа како врвна НАУЧНА институција. Затоа што се претвора во обично политичко друштво, кое определувајќи се на едната страна, против другата на политичката сцена, прави од науката и од научната мисла смешно – тажен театар. Налик на оној што го прават лажните „патриоти“ кои во Македонија се трудат да ја уверат јавноста дека тие се „заштитници“ на народот и „чувари“ на нацијата.

Партиска политика во Академијата

Во една таква улога се смести Македонската академија на науките и уметностите, која искористи една, за оваа земја значајна годишнина – 30 години од независноста – за да се промовира во филијала на една домашна партија која во изминатите три децении најчесто е против интересите на државата.

Тоа посебно се однесува за академикот што го определиле во ова време да ја предводи Академијата, кој од таа позиција зборуваше за тоа дека сме „загрозени“, дека „нацијата ни е во ситуација да ја загубиме“, дека ни требало национален договор за иднината, но дека овој член на Академијата не очекувал сегашната политичка елита (!?) да се согласи на тоа. Застанувајќи на тој начин, на линијата на двајца поранешни претседатели кои се сокрија под покривот на „Храмот на мудрите“ за да јубилејот на државата го искористат за политичка пресметка.

Па, распалувајќи по актуелната власт, посебно по премиерот (како „предавник“), овие двајца, секој од нив правејќи го тоа од своја причина, ја исполнија дадената задача. Во деновите пред локалните избори и во време на изборна кампања – да се дисквалификува и оцрни политичкиот противник за сметка на националистичката опозиција, за десничарите кои дејствуваат против ОДАМНА УСВОЕНАТА стратегија на државата.

Кој губи и што – и кој добива?

А, академикот за кого велат дека тоа што го зборува (и брани) не е неговата научна специјалност, би требало да одговори на низа прашања што ги има поставено во својата елаборација на нашата (етничка, македонска) наводна загрозеност.

Прво, за тоа – како ќе сме ја загубиле нацијата (колку што можеше да се разбере – мисли на нацијата во етничката смисла на зборот). Како тоа, научно, може да се објасни дека ќе се загуби една нација.

Научно е познато дека нацијата (како што академикот ја третира) или постои, или не постои. Нацијата никој не ја признава со меѓународен сертификат. Ниту еден народ, етничка група, не барал и не добил такво признание за постоење на нацијата, без разлика што тоа го направи Грција, но во сосема други околности, врзани за комплетирањето на договорот од Преспа. Нацијата, постои, живее, па според тоа и никој не може да ја одземе, како што никој и никому не му ја доделил, ако таа не постоела.

Како тогаш ќе ја загубиме? Дали можеби ако се направи спогодба со соседна Бугарија, на основите на веќе постигнатиот договор за добрососедство и пријателство – ратификуван од двете земји и без контра реакции од нашава страна, се додека домашните „лажни патриоти“ не почнаа да ја користат за свои партиски цели, кога Софија наметна кавга со Скопје.

„Заборавноста“ на „мудрите глави“

Дали академикот тврди дека „актуелната политичка елита“ во Македонија ќе прифати дека ние сме „бугари“ – кога не сме. Дали мисли дека „елитата“ е „предавничка“, па тој и друштвото треба да не спасуваат така што луѓето ќе гласаат против неа, иако владата и премиерот постојано уверуваат дека тоа прашање не е на маса, не се преговара за него, ниту би се преговарало за идентитетот, за нацијата, за јазикот.

Ниеден „предавнички“ документ, дури и да се направи, во секој случај, не ја менува, а ниту може да ја измени посебноста на етничките Македонци и нивниот јазик, што луѓето го зборувале и пред тој официјално да се кодифицира. Дома луѓето не зборувале бугарски, или српски.

Прашање е, затоа, каде беа академикот и неговите „мудри старци“ кога партијата и идеолозите на кои овој академик (очигледно) им припаѓа, го негираа нашето словенство, кога не убедуваа дека ние сме некакви „антички македонци“, потомци на еден император и војсководител кој со словенството на Македонците нема ништо, како што ништо национално немало во античките времиња од пред 25 векови.

Академијата молчеше, а веројатно меѓу нив и сегашниот прв меѓу еднаквите, кога (сега) опозициската партија, сите нас не правеше „бугари“.

Загрозени од домашните „бугари“

Не убедуваа дека имаме бугарски корени. Тоа беше време кога оној бугарски националист и ултра – десничар (Каракачанов), секоја недела беше во Скопје и со своите гавази (донесени и овдешни) местеше спомен плочи низ градот и не уверуваше дека Тодор Александров е борецот за бугарската кауза во Македонија. Кога бившиот вмровски режим го претвори поголем од Гоцета Делчев, иако тој е познат како македоноубиец – како прв соработник на еден друг таков изрод – Ванчо Михајлов.

Тогаш Македонија беше загрозена. Тогаш требаше општ договор за иднината на нацијата, затоа што вистински беше загрозена.

Особено, што сега се гледа дека токму тогаш се покрена злото што ја кочи Македонија на нејзиниот европски пат, на патот кон Европа, каде единствено може да ги потврди – и своето постоење и својата посебност.

Останува без одговор – зашто тогаш молчеа сите „мудри глави“ и свезнајковци, ситни, мали политичари кои се продаваат и се преправаат, како на пазар. Иако, тогаш, токму вмровците тврдеа дека “не може (од Софија) да бараме да ни признае малцинство македонско, кога ниту нацијата македонска, не е признаена“.

За овие состојби и загрозувања на државата и на нацијата, овој академик ништо не прозборе, а требаше.

Молк за режимските години

Наместо тоа, тој сега подметнува “предавство“ на оние кои жестоко се борат против наметнатиот спор од бугарска страна и кои настојуваат Македонија – на голема врата – да влезе во Европа, таму каде географски, историски, политички и културолошки припаѓа.

Овој академик, всушност, ја подржа излитената приказна на партијата чија матрица брани, иако таа во основа, е антиевропска, но и антимакедонска. За тоа, би требало да се дебатира во Академијата на „мудрите“ – за тоа дека ние сме само ЕВРОПЕЈЦИ, па не може некој, од страна, да не става во некаква евро – азиска заедница, или сојуз.

Академикот не прозборе ниту за единаесетте години блокирана и заробена Македонија.

Години на режим на еден човек и на една партија во кои се газеа основните човекови права, кога се преправаше историјата, кога учебниците по историја ги учеа децата дека нивните предци не се Словените, кога се мафташе (и се мафта) со туѓи знамиња, откако претходно се мафташе со лавовите кои Бугарите ги имаат на својот државен грб. Годините кога центарот на Скопје, се преправи во „антички“, иако никогаш не бил. Кога се редеа споменици на вистински предавници на македонството и на Македонија.

Доброволно „побугарчување“ – за пасош

Немаше ништо во елаборацијата на академикот за доброволното „побугарчување“ на Македонците за да се земел бугарски пасош, што режимот на сега избеганиот, криминален екс премиер силно го поттикнуваше – не водејќи сметка за НАЦИЈАТА, за националните интереси, што сега од Софија доаѓа да се наплати, за државата од која извлекуваше само пари за себе. „Мудрите глави“ молчеа – исплашени, или самозадоволени, со позицијата.

Молчеа и за тоа кога бардот на македонската литература Блаже Конески кој нема вистински споменик во Скопје, каков што заслужува, вмровците го нарекуваа “џуџето од Небрегово“ а нивната влада не сакаше да даде десет илјади тогашни германски марки за да се обнови неговата родна куќа.

Молчеа и кога истата таа „национална, патриотска“ власт немаше пари за Семинарот за македонски јазик во Охрид. Срамота е што меѓу академското друштво и сега седат луѓе кои аминуваа на ваквата постапка, сега врескајќи дека ни бил загрозен јазикот.

Поддршка на поделбата

Меѓутоа, сите тие подржаа предавство – лудиот предлог на вмровската власт – да сме си ја поделиле државата – со граница на Групчин – со македонските етнички Албанци.

Или, доброволно да се откажеме од околу една четвртина од територијата, за да сме си имале етнички чиста држава и за да сме немале проблеми со ова етничко малцинство. Никој и никаде во светот нема нешто вакво смислено.

Ниту една академија во светот нема прифатено вакво антидржавно и антимакедонско решение за (наводно) трајно разрешување на една политичка криза. Наместо за договорот што после 20 години, од потпишувањето, се покажа дека беше единственото исправно решение. Без разлика што беше направено од нужда.

Академикот – политичар сите овие состојби низ кои помина државата изминатите 30 години независност – ги прескокна. На начин, недостоен за позицијата што ја има – тој одржи предизборен говор, на позициите на домашната политичка опозиција.

(Скопје/Глобал)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе