Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Време на исчекување

Veneratio/Depositphotos.com

Време на исчекување

Американците заминаа од Авганистан, талибанците влегоа во Кабул, без отпор и без борба. Велат дека последните денови, пред полетувањето на последниот американски авион од авганистанскиот главен град, во ноќта меѓу 30 и 31 август, грбот на америте им го чувале токму талибанците.

Во ова меѓувреме, целата тамошна ситуација е една голема непознаница, за тоа што (навистина) се случува во оваа голема и веќе над триесет години, напатена земја, а уште помалку што ќе биде понатаму.

Тоа е мошне важно за Авганистанците, но е важно и за регионот, како и за Европа, затоа што останува заканата од наплив на нови и уште повеќе авганистански бегалци. За над 650 илјади се знае дека „се на нозе и во движење“ и тие не се врзуваат за сегашната состојба и за талибанското освојување на земјата.

Спротивставени информации

А, од Кабул и од теренот има мноштво спротивставени информации. Талибанците тврдат формирале влада – нивните противници велат дека само има договарање за нејзино формирање. Талибанците велат дека ја презеле контролата врз целата територија на земјата, но бунтовниците на североистокот од Кабул, во најмалата и најретко населена провинција Панџшир, тврдат дека тоа не е точно. Според нив, борбите продолжуваат и во нив има многу жртви.

Новата власт побрза да покаже дека на кабулската телевизија се појави и жена – водител, додека низа западни медиуми ја објавија фотографијата од улица, од главниот град, во која се гледа како вооружен талибанец запира (забрадена) жена која – наводно – ја прашува – зашто е сама и без придружба (на маж), на улица. Во исто време, во Кабул имаше и беше растурен еден протест на жените.

Засега, останува впечатокот дека (овие) талибанци настојуваат да се прикажат пред светот дека се различни од (оние) пред воената интервенција во 2001 година. Станува очигледно дека настојуваат да добијат признание што во првиот случај не го бараа.

Засега нема признавање

Но, засега, светот – САД и Европа – пред се, остануваат со длабоки резерви кон талибанската власт, неверувајќи им во она што го зборуваат и ветуваат и исчекувајќи да видат како навистина ќе се однесуваат. Најмногу по безбедносното прашање – за тоа дали Авганистан одново ќе го претворат во „рајско место“ за терористите и за нивниот џихад спрема Западот – но и за односот кон Авганистанците, воопшто и посебно за односот кон жените.

Прво САД, а потоа и Велика Британија и ЕУ соопштија дека нема да ја признаат талибанската влада, иако соопштуваат дека ќе ја помагаат земјата. Брисел само навести дека може да отвори канцеларија за врски за да се обезбеди излез од таму на оние Авганистанци кои тоа го сакаат, како и за да ја надгледуваат новата ситуација.

Ентони Блинкен, државен секретар на САД, изјави дека Вашингтон нема да брза ниту се понудата за задржување на американската дипломатска мисија, но тој патува за Доха, за Катар, земјата каде се уште е главниот штаб на талибанците и каде Доналд Трамп преговараше за мирно решавање на авганистанската ситуација и за повлекување на Американците, што тогаш беше предвидено да се изведе до 1 мај, оваа 2021 година.

Колку што се знае, само Кина ветила дека нема да ја затвори својата амбасада, а од Москва беше јавено дека Русите одржуваат воени вежби близу до границата со Авганистан.

Распад на армијата

Од друга страна, продолжуваат анализите на сето она што се случуваше изминатите триесетина денови.

Од одлуката на Џо Бајден да ја заврши 20 годишната војна, преку набрзина спроведената евакуација на американските, сојузничките војници и дипломати, странски државјани и на Авганистанците кои работеа со странците, се до тоа на каде ќе оди оваа земја и дали тоа ќе го прави сама или со некого. Едноставно, дали веќе има некој кој ќе ги замени Американците.

Иако продолжува да се зборува дека САД набрзина одлучија да си одат, па уште и дека не ги известиле за тоа своите европски сојузници, во стилот на Трамп, одлуката на Бајден не изненадува.

Затоа што во очите на Американците, војната од порано ја има загубено смислата. Ако, пак, нешто изненадува и што го има изненадено и Вашингтон, тоа е брзината на распадот на авганистанската влада и посебно на армијата. Војската не беше поразена на бојното поле – таа се распадна.

Војници – духови

Сега се открива дека војската била деморализирана и без волја за војување во услови на сила корупција во армиските редови, знаејќи дека и високите ешалони на офицерите, со локалните политичари ги земаат за себе парите предвидени за плати за војниците, прикажувајќи, лажно, дека има повеќе луѓе во униформа и со оружје од вистинската бројка. Или, што ќе рече – преку „војниците – духови“ краделе од државниот буџет.

Во 2016 година, кога била направена проверка на списоците, се открило дека две третини од авганистанските војници – не постојат! Во 2019 година одново се испитала бројноста на војската и тогаш се открило дека 58 илјади војници се само „духови“ – ги нема никаде, не постојат во армиските редови.

Во една таква атмосфера не е чудно што не постоела никаква доверба и во авганистанската влада (конечно, и претседателот на државата избега од земјата, наводно, за да се спречело крвопролевање), па одлуката на Американците да се повлечат целосно ја има деморализирано војската, која тогаш се определила да се предаде, без борба, наместо да војува. Ризикувајќи да бидат убиени, или заробени, а потоа брутално ликвидирани.

Закана од граѓанска војна?

Излегува дека талибанците и немаат од кого да стравуваат на домашен терен, ниту со некого да војуваат. Меѓутоа, закана од граѓанска војна, сепак, постои.

Тоа зависи од самите талибанци, од тоа како ќе се однесуваат и како ќе владеат. Можно е да расте незадоволството доколку почнат да владеат на стариот начин – со бруталност кон сите кои ќе ги сметаат за непријатели. Авганистанците се имаат изменето во овие 20 години, па сега може да се јави отпор, па дури и обид да се собори талибанската власт.

На авганистанската внатрешна ситуација би можело да влијае и ново разместување на теренот, околу Авганистан.

Прво, тоа ќе зависи од тоа дали САД ќе се повлечат и од Ирак, бидејќи во една таква ситуација би настанала дополнителна дестабилизација на целото подрачје. Второ, како ќе се разместуваат сите другите по заминувањето на Американците .

Но, и како ќе се однесуваат САД понатаму – дали навистина целосно дигнале раце од регионот над кој се надвиснува Кина, со која тие настојуваат посериозно да се занимаваат во соседниот регион – во Јужнокинеското море и на Пацификот.

Кој ги менува Американците

САД, на пример, војуваа против талибанците, но го подржуваа движењето во соседството на Авганистан. Станува збор за движењето во Источен Туркменистан (кинески Ксијанг) каде доминираат муслиманите – Ујгури, кое е многу блиско со талибанците.

Тоа, пак, значи дека сега Кина се јавува како главен претендент за наметнување, наместо Американците. Има мислење дека Америка нема целосно да им ја остави Средна Азија на Кинезите на кои се повеќе се гледа како на главниот противник, поголем од Русија, уште повеќе што Пекинг веќе има разговарано со авганистанските талибанци.

Во комуникација со нив е и Москва. Западни експерти тврдат тврди Русите материјално и со оружје ги имаат помагано своите некогашни лути противници – од времето на советската интервенција и комунизација на исламски Авганистан, кога џихадистите – талибанци станаа воен и политички фактор, освојувајќи ја душата на обичните Авганистанци – муслимани, против “неверниците“ – комунисти кои беа насила доведени со советската окупација.

Кина контра Русија

Русија и Кина, затоа, изгледаат како сојузници кога треба да му се спротивстават на САД, но едни на други не си веруваат. Всушност, во Москва се повеќе се разбира дека со Пекинг не може да останат сојузници, затоа што и во оваа зона на Азија тие меѓусебно си конкурираат.

Кина е заинтересирана за природните богатства на Авганистан, што може да ги експлоатира во услови на стабилен и без војна Авганистан. Сега, меѓутоа, е многу повеќе заинтересирана за контролата врз кинеските муслимани – Ујгурите, кои ги третира како терористи и кои имаа, а би можело и натаму да имаат „безбедносен грб“ на авганистанската територија. Пекинг затоа и разговара со талибанците за да Авганистан не стане база за екстремистичките движења.

Русија, од своја страна, стравува од напливот на Кина во регионот во кој Москва ја создава својата Евро – азиска економска унија, што Русите настојуваат да ја создадат како пандан на Европската унија, која се повеќе им е трн во очите.

Еден друг Авганистан

Во едно такво друштво од страна, но не сосема неактивна е и Турција. Конечно, и САД не се без интерес за просторот на кој се местат нивните непријатели, па во посетата на Блинкен на Катар и во неговите (засега) внимателни изјави за талибанците се гледа намерата да се остане присутен во регионот, ако не во Кабул.

Неколку денови пред да се случи нападот на кабулскиот аеродром, Вашингтон предупреди на можноста од терористички напад, додека трае евакуацијата. Таа информација им ја имаат префрлено токму талибанците.

Во секој случај, станува збор за комплетно друга ситуација од онаа во времето пред првото запоседнување на Авганистан од страна на талибанците.

Земјата сега е поинаква после две децении „западно“ живеење. Авганистанците сега се изменети од времето пред 2001 година, а и самите талибанци се други. Сега знаат дека им требат парите кои им се блокирани, за да се одржат на власт. Знаат и дека економски санкции може да предизвикаат внатрешна криза што (барем така изгледа) не ја сакаат. Видливо е дека и тие нешто имаат научено во изминатите 20 години.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе