Финансиска блокада наместо нова војна
Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави во Берлин дека талибанците се „новата горчлива реалност (во Кабул), но дека Германија (и ЕУ и Западот) ќе мора да има некаков „дијалог“ со нив.
„Тие се на власт, па за да го сочуваме она што беше постигнато во Авганистан, во изминатите 20 години, по распоредувањето на силите на НАТО, ќе мораме да комуницираме. Целта е да се зачува што е можно повеќе од постигнатото“ – рече Меркел во обраќање пред пратениците во Бундестагот.
Нејзината изјава доаѓа во време кога се разбра дека висок претставник на германската влада имал средба со луѓе од раководството на талибанците. Од нив, според западни медиуми, е добиено уверување дека муџахедините – „ќе може да дозволат заминување од земјата на Авганистанците кои сакаат да си заминат, а кои ќе имаат валидни документи“ и после 31 август – крајниот рок за повлекување на Американците.
Недоверба на двете страни
Што тоа ќе значи, останува да се вид до крајот на следната недела. Но, Стејт департментот призна дека и после овој рок во Авганистан ќе има уште околу 1200 американски државјани кои до тогаш не ќе може да бидат евакуирани, едноставно, затоа што има премногу домашни луѓе кои не сакаат да останат да живеат во услови на талибанскиот режим.
Всушност, во сегашниве услови кога има бројни и често спротивставени изјави и од двете страни, останува да постои неверувањето на едните кон другите.
Талибанците, навистина, настојуваат да го „шармираат“ светот со изјавите дека се измениле во последните 20 години, дека нема никого да му се одмаздуваат, иако не кријат дека основите на кои ќе се темели државата ќе биде (како и во време на првата нивна власт) шеријатското право. Не кажувајќи притоа во кој и каков обем тоа ќе се применува.
Но, ако се точни написите дека почнале со именувањето министри за формирање своја влада и дека во неа има „прекалени талибанци“ меѓу кои и еден што до 2007 година беше во американскиот затвор во Гвантанамо, тогаш излегува дека можеби е во право мнозинството од меѓународната јавност, кое со неверување и со недоверба, ги прима ветувањата за „нови талибанци“ за промена во однесувањето.
Нова реалност во Кабул
Според тоа, Меркел е во право дека не може да се игнорира новата реалност во Кабул, меѓу другото и за да може да се види дали талибанците одново ќе дозволат – територијата на нивната земја да се претвори во огромен полигон за обука на терористи – џихадисти.
Меѓутоа, светот, односно, пред се, Западот не ќе може, а во овие моменти и не ќе смее, да се однесува како да дошло до некаква рутинска, демократска промена на една влада, со друга. Како што тоа се случува во демократскиот свет.
Едноставно, не може да се заборави дека нападот врз Авганистан, во октомври 2001 година, беше изведен откако Осама бин Ладен и неговите џихадисти од Ал Каеда објавија „света војна“ против Западот и западната цивилизација, извршувајќи терористички напади врз Њујорк и Вашингтон, со грабнатите патнички авиони, полни со патници.
Над три илјади Американци беа убиени во еден така смислен и крајно брутален терористички напад, за кој се утврди дека беше планиран и подготвуван на територијата на талибански Авганистан.
Блокирани средства
Затоа, сега се настојува наместо било каква воена акција – барем не засега – да се применат мерки што се означуваат како „финансиска војна“ против новиот режим во Кабул – додека не се види неговото однесување, неговата политика и односот кон сопственото население и регионот.
А, таквата „војна“ значи замрзнување на девизите, на паричните резерви, на златото со кое располага државата, како и запирањето на секаква меѓународна помош.
Експерти за европските медиуми имаат речено дека во тој случај, на талибанците ќе им останат на располагање – најмногу од се – само приходите од трговијата со опиум, уцените и киднапирањата кои ги правеа порано (но и во изминатите две децении), но дека тоа воопшто не е доволно за да може да управуваат со Авганистан. Токму тоа покренување „финансиска војна“ наместо употребата на воена сила, се смета на Западот, дека би можело да ги држи под контрола овие милитантни исламисти.
Американската администрација и тамошните Федерални резерви (Централната банка на САД), веќе имаат замрзнато милијарди долари во авганистанската валута кои биле на американски сметки. Дури девет милијарди, во акции, Авганистан има пласирано во САД и во други земји. Тука се и авганистанските златни резерви од околу 1,2 милијарди долари, како и 300 милиони во странски девизи.
Закана од банкротство
Предвидувајќи го брзото паѓање на Кабул, претседателот Џо Бајден го запре приливот на сите и секакви долари во Авганистан, па поранешниот гувернер на тамошната Централна банка, Ајмал Ахмади има речено дека таа мерка ќе доведе Авганистанците да се најдат во многу тешка ситуација.
Особено, откако весникот „Вол Стрит Џорнал“ објави дека Вашингтон го блокирал и пристапот на талибанците до сите сметки на авганистанската влада кои се отворени кај американската Федерални резерви, но и кај сите други банки во САД. Ахмади вели дека поради големиот трговски дефицит, Авганистан зависи од редовната испорака на готови пари, на секои неколку недели, што значи дека веќе сега земјата дома нема никакви резерви од кеш пари.
Германските медиуми во меѓувреме објавија дека Германија веќе има запрено секаква помош за побрз развој за оваа земја, а тоа го имаат направено и низа други европски и западни земји, што би можело да предизвика – Авганистан кој е прилично зависен од оваа и ваква финансиска помош – брзо да се најде пред крах и банкротство, поради неговата слаба и кревка економија.
Во исто време, кога Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави дека блокирал 340 милиони долари од девизните резерви, кои талибанците, доколку ги имаат, лесно би ги претвориле во некоја цврста валута.
Меѓународни санкции
Во изјавата на ММФ се вели дека не станува збор за казнување, или за финансиски притисок, туку дека ваквиот потез е резултат на тоа што земјата “нема јасна слика за тоа каква е внатрешната ситуација, како и тоа – каква ќе биде позицијата на меѓународната заедница кон талибанците. Или, попрецизно, дали светот ќе ја признае новата влада во Кабул“.
Финансиски експерти, во секој случај, проценуваат дека било што да преземат талибанците, за да дојдат до некакви финансиски резерви, тие нема да бидат доволни за да се управува со државата на едно одржливо ниво.
Колку за потсетување, со години на ред, третирани како терористичка организација, талибанците беа изложени на секакви меѓународни санкции, па својата борба против власта во Кабул и против странските сили, ја финансираа со одгледување и продавање опиум, со трговија со дрога и со разни криминални активности. Авганистан е најголем производител на опиум во светот од кој, како се проценува, годишно прибира помеѓу 300 и 1,6 милијарди долари.
Сега овие „нови“ талибанци настојуваат да го уверат светот дека ќе престанат со трговијата со дрога, што е тешко остварило во услови на покренатата „финансиска војна“ од страна на Западот кон старо – новиот режим, кој реално, и нема некоја друга опција за да обезбеди пари за сопственото одржување.
Во потенцијален извор за пари се поменува и илегалното копање руда и самоволното наметнување даноци и царини, надвор од државните рамки.
Донации од странство
Како извор на средства, на кои и сега ќе може да сметаат, се разните, богати донации за талибанците кои сите изминати години доаѓаат од Иран од Пакистан, од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Саудиска Арабија и секако од Катар, каде со години на ред се наоѓа седиштето на талибанското раководство.
Вака гледано, на талибанците им е потребно меѓународно признавање на нивната власт, за да може да имаат пристап, барем до дел од авганистанските пари, како и за меѓународната финансиска помош. За да се тргне финансиската блокада, пак, потребно е да покажат и да докажат дека навистина се измениле.
И, најмногу, за да го уверат светот и соседството дека нема да дозволат враќање на разните џихадисти и терористи на нивната територија, односно – колку толку да се претстават како нормално уредена држава.
Некои на Западот претпоставуваат дека талибанците ја очекувале ваквата реакција на светот, па дека имаат тргнато настрана извесен износ пари. Никој, сепак, не може да знае за колкав износ станува збор, но се верува дека таквите пари, како и другите извори на кои би можеле да сметаат, можат да бидат само околу 0,2 отсто од она што им е потребно.
А, тоа е премногу малку за да го водат стабилно Авганистан.
(С.С.Г.)