Бајден ја брани Америка
Американскиот претседател Џо Бајден реагираше на критиките на домашната политичка сцена, пред се, од републиканците, како и од некои поранешни воени функционери, но и од надвор од САД, за повлекувањето на Американците од Авганистан.
За критичарите во САД, заминувањето, после 20 години, било “неорганизирано, хаотично и дури срамно“ за најмоќната армија во светот. За руското МНР тоа беше опасен и неодговорен експеримент, а за сојузниците, па и за тие во Европа, пребрзо изведена операција, која, инаку, не била неочекувана.
Оние кои може да се третираат како анти-американски определени, ги обвинуваат Американците дека при одлуката да заминат, (наводно) не мислеле многу за последиците што може да ги трпат сите Авганистанци кои работеле за САД и за сојузниците од НАТО, најчесто како преведувачи.
Капитулантска власт
Вашингтон испрати дури шест илјади американски војници кои ќе го надгледуваат и ќе го обезбедуваат повлекувањето, вклучувајќи го и она на цивилите и на странските дипломати кои ќе се повлечат (Русија и Кина веднаш соопштија дека остануваат).
Но, светот кој брзо ја прифати новата реалност во оваа средноазиска земја, а одбива тоа јавно да го соопшти, засега, повеќе се занимава со Американците, главно осудувајќи ги за „избрзаното повлекување“ – иако рокот беше и останува 31 август.
Конечно, многумина аналитичари – избрзано – заклучија дека заминувањето од Кабул е налик на она од Сајгон во 1975 година, што не точно, а ниту вкупната ситуација – тогаш во Виетнам и во Индокина, е истоветна со сегашната состојба во Кабул и на Средниот Исток.
Сепак, она што е изненадување и што е крајно неочекувано е капитуланството на досегашната авганистанска власт и предавството на војската која наместо борба, одбрана на земјата и пружање отпор на талибанците, посебно во случајот на Кабул, излезе дека само надгледуваа како муџахедините се „шетаат“ од провинција, до провинција, заземајќи ги небранетите градови како на некоја воена вежба.
Пребрз крах
Обраќањето на Бајден беше второ за авганистанската ситуација во време од седум денови.
На почетокот од минатата недела, претседателот на САД, кого претходно, неговите сегашни критичари (во Русија и источноевропските русофили) го прикажуваа како политичар кој ќе поведе нови војни низ светот, бранејќи ја тезата на дежурните критичари дека демократите на САД сакаат да бидат „светски полицаец“, објави дека сака да стави точка на најдолгата војна на Американците во нивната историја.
И за тоа имаше силна подршка од американската јавност. Таа, меѓутоа, не очекуваше дека авганистанската власт ќе доживее целосен и срамен крах во седум денови.
Особено откако Бајден, минатиот вторник, бранејќи ја одлуката за повлекување рече дека верува во способноста на авганистанската војска да се одбрани од нападите на талибанците кои сите 20 години војуваа – што сега како да се подзаборава.
Пред се, против своите и против странските сили кои беа таму за да не се дозволи – Авганистан, како до есента 2001 година – да се претвори во терористички полигон за водење џихад против Западот.
За кого треба да гинат Американците
Во последното свое обраќање претседателот на САД, одново, цврсто застана зад својата одлука и зад Америка, без разлика што талибанците лесно, за неколку денови, ја соборија досегашната власт во Кабул. Овој пат, Бајден инсистираше дека не сака да ја повтори грешката од минатото и да остане во војна која (веќе) не е во американски интерес.
„Доколку авганистанските воени сили не сакаат да се бранат, нема шанси дека една, или две години повеќе американско ангажирање, ќе донесе некоја разлика“ – рече американскиот претседател, инсистирајќи дека – „Американците не треба да гинат во војна во која Авганистанците не сакаат да се борат“.
Тој ги обвини авганистанските политички лидери дека дигнале раце од се и едноставно, побегнале од земјата, а војската во таа ситуација, одби да се бори.
Бајден притоа, призна дека владата во Кабул падна побрзо отколку што тоа Американците го очекувале (се сметаше дека Кабул би издржал еден месец) и за прв пат откри дека досегашниот претседател Ашраф Гани, одбил да учествува во настојувањето да се изнајде дипломатско решение – пред военото – односно, пред можноста талибанците да ја освојат целата земја.
Целите на интервенцијата
Суштината на бајденовата одбрана на сегашната американска позиција – со повлекувањето од Авганистан, пред 20 годишнината од терористичките напади од 11 септември во 2001 година – потсетувањето на целите за присуството во земјата, како и бегството на авганистанските политички лидери и колапсот на војската.
Американскиот претседател и во оваа прилика потсети дека САД не влегоа во Авганистан за да прават држава според својот, западен модел, како што некои сега тврдат, туку за да се создаде власт која нема да дозволи територијата на земјата да се користи за обука и за напади на исламските терористи кон САД и целиот Запад, како што тоа се случи пред две децении.
Но, Вашингтон не го крие гневот од политичката елита (од власта) во Кабул.
Прво, од постапката и однесувањето на досегашниот претседател Гани кој побегна од земјата, со своите најблиски соработници, предизвикувајќи гнев и кај авганистанските министри кои останаа. Второ, од сознанието дека Гани не сакаше да поднесе оставка кога тоа се барало од него, откако се виде дека талибанците со леснотија влегуваа во градовите, а војската не му е лојална на својот (по функција) врховен командант – претседателот. И, трето што Гани одбивал и да преговара за мирно решение.
Жртвувањето на САД
Сега се дознава дека во Кабул останал поранешниот претседател Хамид Карзаи, со семејството, кој 13 години беше шеф на државата, како и некои политичари од минатото кои сите заедно, барем пред странските медиуми, заговараат барање мирно решение за Авганистан и конечно, помирување.
Од друга страна, Американците и Бајден се критикуваат што пребрзо заминале. Односно, дека по најавата за напуштање на Авганистан, во април годинава, освен преостанатите осум илјади сојузнички сили, заминале и околу 18 илјади разни контактори. Војската на земјата, иако добро опремена и финансирана, за да самата се справува со одбраната, сепак, доживеа срамен колапс. Велат поради големата корупција во Авганистан која ги има зафатено сите пори на општеството и нискиот морал.
А, за критиките (од надвор) дека САД, како светски лидер, требало и да се жртвува (во Авганистан), има одговорено советникот за национална одбрана Џејк Саливен.
Тој ги отфрли ваквите обвинувања, порачувајќи им на оние кои вака зборуваат – да ги посетат гробиштата во Арлингтон, покрај Вашингтон, и да поминат покрај надгробните плочи на загинатите Американци. Над две илјади загинаа на авганистанскиот фронт, од безмалку 800 илјади кои поминаа низ него.
„Жртвувањето беше огромно“ – има речено Џејк Саливен.
(Д.В.)