Мао на Олимпијадата во Токио
Меѓународниот олимписки комитет отвори истрага за инцидентот со две кинески олимпијки, натпреварувачки во велосипедизам, затоа што при доделувањето на медалите, на игрите во Токио, носеле беџови со ликот на Мао Цетунг, поранешен лидер на комунистичката партија и на цела Кина – од 1949 до смртта во 1976 година.
Во соопштението на ИОК се вели дека поради овој случај е побарана изјава од олимпискиот комитет на Кина.
Велосипедистките Бао Шанју и Жонг Тијанши кои во понеделникот (2 август) освоија златни медали во спринт, на церемонијата на доделување на медалите се појавиле со беџови со ликот на Мао. Тоа би можело да се толкува како повреда на правилото на ИОК за забрана на изнесување на било каков облик на политички, религиозни или расно определени пораки.
Националистички притисок
Минатиот месец, тоа дамнешно правило, делимично е видозименето и малку ублажено, па спортистите – олимпијци сега можат да го соопштат “својот став“ – пред и по завршувањето на натпреварувањето. Ова е направено, главно, за оние кои сакаат да клекнат на едното колено, како знак за протест против расизмот, присутен и во спортот.
Двете кинески натпреварувачки, меѓутоа, инцидентот го имаат направено за време на врачувањето на олимписките медали, за што и натаму важи досегашната забрана.
Засега не е познато како на сето ова ќе реагира ИОК и дали двете натпреварувачки од Кина би можеле да бидат и казнети и на кој начин.
Овој инцидент доаѓа во време кога силниот национализам го потресува олимпискиот тим на Кина на годинешниве Игри во Токио. Национализмот се огледува во силниот притисок – велат како никогаш досега – врз спортистите, на тој начин што секој друг резултат, што не носи златен медал, се означува како „непатриотски чин“!
Јавни извинувања
Ваквиот национализам се шири преку интернет мрежата, а тој предизвика повеќе кинески олимпијци да се најдат во тажна ситуација и да мораат да и се извинуваат на државата, само затоа што имаат освојувано – сребрен медал.
Жртва на ваквиот националистички притисок беше мешовитата двојка во пинг – понг која во изјавата за кинеските ТВ станици, со насолзени очи, бараа извинување од јавноста во Кина, затоа што не го освоиле олимпиското злато.
„Се чувствувам како да го осрамотив целиот олимписки тим. Жалам поради тоа и на сите им се извинувам“ – има изјавено, со солзи во очите, пингпонгарката Лиу Шивен. Нејзиниот партнер, пак, има отидено чекор понатаму, па во својата изјава рекол дека „еден ваков срамен резултат не може да го прифати кинеската јавност“.
„Срамен и непатриотски чин“
За нив двајцата, целата ситуација со неуспехот во финалната борба за олимпиското злато, е усложнета затоа што кинеската двојка има доживеано пораз – од пингпонгарите на домаќините – на Јапонија, па поразот во националистичка Кина е примен како „национална срамота“.
Уште од почетокот на Игрите, во еуфоријата што власта ја има распалено во кинеската јавност, Олимпијадата во Токио не се обични Игри, па затоа на сите олимпијци им се порачува дека тие не се борат само за спортска слава – своја и на државата – туку за највисоките национални идеали.
Затоа и губењето медал, или не освојувањето на олимпиското злато се прогласува како „срамен и непатриотски чин”!?
Историја и политика
Случајот со поразот на кинеската мешовита двојка на пингпонгарската маса, се врзува со турбулентното кинеско – јапонско минато и со историските настани од пред деведесет години, кога јапонската армија ја освои кинеската провинција Манџурија. Уште пред почетокот на војната која избувна шест години подоцна, предизвикувајќи милиони жртви на кинеска страна.
Како жртви на оваа националистичка еуфорија се најдоа и натпреварувачите во бадминтон. Особено затоа што кинескиот тим во овој азиски спорт во борбата за олимпиското злато беа поразени од екипата на Тајван.
Велат дека во Пекинг, овој пораз бил прогласен за уште поголема срамота.
(С.Г.)