Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Споменик на принцезата Дијана во Лондон

Sammy Tuck/Twitter

Споменик на принцезата Дијана во Лондон

Британските принцови, браќата Вилијам и Хари, заедно, во Лондон открија споменик на нивната мајка, принцезата Дијана, која загина во Париз во сообраќајна несреќа на крајот од август 1997 година. Споменикот што го нарачаа нејзините синови, уште во 2017 година, е откриен во четвртокот, на денот кога, доколку беше жива, Дијана ќе наполнеше 60 години.

По тој повод, во градината на Кенсингтонската палата, каде таа живееше по разводот со престолонаследникот Чарлс, се до трагичната смрт, беше приредена мала церемонија.

“Секој ден сакаме таа и понатаму да е со нас, па се надеваме дека на овој споменик секогаш ќе се гледа како на симбол на нејзиниот живот и на нејзиниот завет“ – се вели во кусото соопштение на двајцата принцови.

Без Кејт и Меган

Во британскиот главен град, инаку, од поодамна, за годишната на нејзината смрт, е подигнат споменик на некогашната принцеза од Велс, што се наоѓа во лондонскиот Хајд Парк – изграден во форма на постојано кружно течење на вода, што според авторот на споменикот го симболизира животот.

Вилијам и Хари се сретнаа и беа заедно, за прв пат по погребот на нивниот дедо, војводата од Единбург, сопругот на кралицата Елизабета кој почина во длабока старост во април. На откривањето на споменикот на Дијана, не присуствуваа сопругите на двата принца – Кетрин Мидлтон и Меган Маркл.

Хари со сопругата и нивните две деца сега живее во Лос Анџелес, во Калифорнија, откако самиот се повлече од сите кралски задолженија и почести. Тој неговиот постар брат, вториот претендент на престолот, по нивниот татко, ги имаат влошено односите и тие не комуницираат веќе подолго време, набргу по венчавката на Хари и Меган.

„Тројца во бракот“

Споменикот во Кенсингтонн палатата се открива само еден месец по појавувањето на извештајот за истрагата во врска со интервјуто на Би – Би – Си од 1995 година, на Дијана со новинарот на оваа медиумска компанија Мартин Башир.

Во интервјуто таа зборува за состојбата во нејзиниот брак со Чарлс и притоа споменува дека “ во бракот се тројца“ – што беше алузија за вонбрачната врска на престолонаследникот со тогаш разведената Камила Паркер Боулс, која сега е сопруга на Чарлс. Во интервјуто, принцезата од Велс призна за прв пат, дека и самата имала вонбрачна афера.

Истрагата за дамнешното интервју беше покрената откако беше изразено сомнение дека новинарот на Би-Би-Си, употребил нечесни методи и лажни документи за да ја убеди принцезата да прифати интервју.

Вината на Би-Би-Си

Истрагата потврди дека угледната медиумска компанија има прекршено низа сопствени и воопшто новинарски стандарди во случајот со ова интервју кое инаку на времето го гледаа 20 милиони Британци и десет пати повеќе гледачи низ светот.

Мнозинството британски и европски медиуми се согласни дека токму откривањето на сите интимни тајни од приватниот живот, во разговорот со новинарот Башир, го предизвикале крахот на бракот на Чарлс, идниот крал на Британија и на неговата тогашна сопруга Дијана, која требаше да биде идната кралица.

Нејзиниот постар син, принцот Вилијам во една негова ретка изјава, го има обвинето неприфесионализмот на медиумската компанија и притоа го означи интервјуто за “виновно за состојбата на страв, на параноја и на изолација“ на неговата мајка, во последните години од нејзиниот живот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе