Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бернар Тапи претепан и ограбен

Бернар Тапи претепан и ограбен

Францускиот тајкун Бернар Тапи, поранешен сопственик на „Адидас“ и неговата сопруга, биле нападнати на својот имот во околината на Париз, при што Тапи бил претепан, откако двајцата сопружници биле врзани со електрични кабли, а потоа и ограбени.

Напаѓачите го барале богатството за кое мислеле дека се наоѓа некаде сокриено во куќата и на имотот, а кога не успеале ништо да најдат, го малтретирале 78 годишниот Тапи и она што го украле бил домашен накит и некои повредни предмети.

Неговата 70 годишна сопруга успеала некако да се ослободи и да побегне кај соседите, од каде ја повикале полицијата. Обајцата имаат повреди на лицето и на главата, но повредите не биле опасни по нивното здравје.

Контроверзниот тајкун

Според првите изјави на домаќините, нападот го извршиле четворица мажи. Тие успеале да ја поминат безбедносната заштитна бариера и да навлезат во куќата додека Тапи и сопругата спиеле.

Случајот предизвика внимание во француската јавност и во европските медиуми, најмногу поради контроверзната личност на нападнатиот тајкун кој во минатото, се врзуваше за неколку афери и политички и финансиски скандали кои ја потресуваа Франција.

Тапи беше познат како плејбој, но и како министер во француската влада.

Подоцна беше обвинуван за корупција и за измама. Тој е и централна личност во финансиска афера и во еден маратонски судски процес што трае 20 години. Формално, се уште не е завршен, па се очекува да продолжи на крајот од мај годинава.

Во 1992 и 1993 година, до оставката, беше министер за урбанизам. Неговите критичари тврдат дека функцијата „си ја има купено“. Во неговата биографија е внесено дека беше и главниот акционер – сопственик на „Адидас“, како и моќен медиумски тајкун во деведесеттите години, кога Французите и европските фудбалски фанови го познаваа и како сопственик на фудбалскиот клуб „Олимпик“ од Марсеј.

Две децении судски спор

Во негово време, клубот стана и првак на Франција и на Европа. Тој самиот стана познато лице на европскиот фудбал, но не само поради фудбалските успеси, туку поради подоцнежниот скандал дека „Олимпик“ беше обвинет за местење на резултати во домашното првенство. Кога сомнежите се потврдија, клубот беше казнет со префрлање во втората француска лига.

Во деведесеттите години на 20 век, Тапи прогласи банкротство, а тогаш беше и осуден. Во затвор има поминато само пет месеци.

Некаде од тоа време почнува и судскиот процес, со бројни истраги, пресуди и поништени пресуди, како и со жалби и контра – жалби. Сето тоа околу неговата контроверзна продажба на „Адидас“, поради која Тапи е во спор со француската банка Креди-Лионез. Двете страни меѓу себе се обвинуваат за измама.

Во овој дводецениски процес, за малку, ќе настрадаше Кристин Легард, тогаш министер за финансии во француската влада, затоа што таа има одобрено на Тапи да му се исплатата 400 милиони евра, што поради процесот му беа блокирани.

Тапи ги врати парите

Легард која подоцна беше и генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во два мандати, а сега е претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), беше обвинувана дека била „крајно немарна“ кога дозволила исплата на Тапи.

Во 2015 година, на повтореното судење, Бернар Тапи беше осуден дека неправилно има земено 400 милиони евра и му беше наложено да и ги врати парите на банката.

Судот тогаш оцени дека Тапи ги има сите изманипулирано (измамено) и помина со казна – да ги врати парите.

Некогашната „ѕвезда“ на францускиот бизнис и надежен политичар, сега остарен, продолжува со својата борба. Како што има речено и за парите и за угледот, што тешко дека ќе може било кога да го врати.

Судењето по неговата жалба на неколкупати е одложено поради неговите здравствени проблеми. Боледува од рак на стомакот.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе