Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

САД знаеле за Вухан уште во 2018 година

Keitma/Depositphotos.com

САД знаеле за Вухан уште во 2018 година

Во почетокот на 2018 година, американските дипломати во Пекинг ја предупредиле својата администрација во Вашингтон на РИЗИЧНИТЕ експерименти кои се прават во истражувачките лаборатории во Вухан, но нивното предупредување тогаш никој сериозно го нема прифатено.

Дури во последната недела од мандатот на Доналд Трамп, Стејт департментот на 15 јануари оваа година, објави соопштение за тоа дека американските разузнавачки служби имаат докази оти неколкумина научници од вирусолошките научни лаборатории во Вухан – уште во есента 2019 година – биле ЗАБОЛЕНИ со симптоми кои се наполно идентични со оние на коронавирусот.

За овие сознанија пишуваат некои американски медиуми и објаснуваат дека соопштението дадено на пет денови пред инаугурацијата на Џо Бајден, требаше само да ги потврди претходните, недокументирани обвинувања на Трамп до властите во Кина, за тоа дека ја сокривале вистината за короната, шест месеци пред таа да избувне како епидемија и со голема брзина да го освои светот.

Експерименти за армијата на Кина

Медиумите сега откриваат дека иако сите институти и лаборатории во Вухан, официјално, се цивилни и се означуваат како научно – истражувачки, сите се тајно поврзани со кинеската армија, што практично значи, дека правеле експерименти за воени потреби.

Треба да се претпостави дека тоа треба да биде причината за долгото чекање одобрување од кинеските власти за да еден меѓународен тим ја почне истрагата, раководена од Светската здравствена организација (СЗО) за откривање на потеклото на короната. Експертскиот тим, во меѓувреме, беше во Кина и во Вухан, но светот и натаму не знае што ја покрена пандемијата.

Верзијата што ја користи Пекинг е дека вирусот потекнува од еден од пазарите во Вухан за морска храна. Но, медиумите во САД не веруваат дека таа верзија може да биде и конечна, па затоа се навраќаат на сите случувања и сознанија со кои се располагало, во последните три години.

Пазарот за морска храна

Кинезите за првиот случај на корона јавија во февруари 2020 година, а тој не би можел да се врзе за пазарот за морска храна, затоа што во тоа време бил затворен уште во јануари (кога почнаа да заболуваат луѓе од – како што тогаш беше речено – тежок облик на воспаление на белите дробови) .

Пазарот веднаш бил целосно исчистен, просторот деконтаминиран, па од него научниците сега немаат никакви примероци за да се обработуваат.

Освен тоа, кинескиот центар за заразни болести, прв пат, јавно го спомена пазарот – како можен извор на вирусот – дури во мај 2020 година. Тоа е време кога Американците имаат започнато да прибираат сознанија за тоа дека веќе распалената пандемија, сепак, треба да се поврзе со лабораториите во Вухан.

Посебно да се „надгледува“ Институтот за вируси во Вухан (WIV), што во научниот свет се означува како главен центар за испитување на КОРОНАВИРУСОТ КАЈ ЛИЛЈАЦИТЕ.

Предупредување од дипломатите

Тие истражувања уште од порано ги имаат заинтересирано луѓето од амбасадата на САД во Пекинг.

Од таму во Вашингтон дипломатите на неколкупати, уште на самиот крај од 2017 година, испраќале доверливо извештаи дека лабораторијата на WIV има сериозен проблем со безбедноста. Што ќе рече – се соочува со недостиг од обучени и оспособени научни техничари и друг помошен персонал – за одржување на безбедноста на лабораториите – за да не дојде до инцидент, по што опасно контаминираните примероци можеле да “излезат“ од лабораториите.

Во дипломатските извештаи се предупредувал Стејт департментот дека во институтот работат луѓе кои се неоспособени за да бидат вклучени во високо контаминираните операции кои ги преземаат тамошните лаборатории и дека би било страшно во случај на некоја хаварија. И, уште дека сознанијата за неоспособениот помошен кадар се добиени – најлегално – од разговорите со научниците во Вухан, при една посета на институтот.

Во Вашингтон, меѓутоа, на ова никој не реагирал, се до пролета 2020 кога Трамп веќе влезе во отворен судир со кинескиот лидер Су Џао Пинг.

Небезбедни лаборатории

Медиумите кои ги откриваат овие детали сега прашуваат – зашто САД не го имаат покренато ова прашање пред американската и пред меѓународната јавност, за да откријат дека знаат за пандемијата и за Вухан многу повеќе од она што се зборуваше.

Сето тоа било чувано до 15 јануари годинава, па и тогаш Стејт департментот ги има сокриено сите датуми – секако – за да не се разбере дека важни информации врзани за коронавирусот администрацијата на Трамп имала три години порано.

Како и да е, во експертската јавност во Америка малку се очекува од истражувањето на тимот на СЗО и од можноста тие да откријат правата вистина за потеклото на вирусот и што ја има покренато глобалната пандемија.

Но, останува и впечатокот дека и Американците можеби можеле да ги покренат работите порано, уште пред избувнувањето на пандемијата, ако светот пред три години разбереше дека нешто се случува во Вухан – нешто што може да предизвика катастрофа.

Лилјаците САРС и короната

Особено што се знае дека научниците уште од 2002 година, после тогашната, прва епидемија со САРС вирусот настојуваат да најдат начин да не дојде до глобална пандемија. И тогаш, за тој тип на САРС беа обвинети лилјаците, а Американците знаеле дека Кинезите имаат покренато истражување за тоа како се создава коронавирусот, како и дека короната лесно се префрла на луѓето, врз човечките ќелии.

Сето тоа, на идентичен начин како што се има префрлено и за САРС вирусот.

Од сето ова излегува дека два опасни вируси биле испитувани во лабораторија која имала сериозни проблеми во обезбедувањето – да се сочуваат вирусите да не излезат надвор од институтот и да ја контаминираат средината и да ги нападнат луѓето.

Наместо да се реагира на ваквите сознанија, администрацијата на Доналд Трамп настојувала само да ја смири тензијата со Кина (и на почетокот од пандемијата) дури и да се бранат кинеските власти од обвинувањата на американски и странски експерименти дека одговорноста за пандемијата мора да биде само кинеска.

Кинески вирус

Многу покасно, кога Трамп се соочи со длабока криза во САД, предизвикана од короната и со неможноста на инаку моќното американско здравство да одговори на силниот притисок на заразените врз јавното здравство, тогашниот американски претседател ја обвини Кина (иако без да се даваат сите податоци за кои знаел), а вирусот од Вухан – со право – да го означува како „кинески вирус“.

Конечно, наместо вината да ја побара и дома во врска со криењето на сознанијата за ситуацијата во Вухан, уште од пред три години, Трамп се нафрли врз СЗО.

Оваа глобална организација можеби задоцни со прогласувањето на пандемијата – но и СЗО, како и Вашингтон пред тоа – имаа доверба во кинеските власти и во точноста на информациите кои ги соопштуваа.

Требаше време да се сфати дека Кинезите, а потоа и многу други земји, манипулираат со бројките на заразените и со вистинската состојба околу пандемијата.

Вухан – колекционер на вируси

Експерти во САД посочуваат дека лабораторија на институтот во Вухан (WIV), околу која се врти целата оваа сторија, е НАЈГОЛЕМИОТ КОЛЕКЦИОНЕР на вируси од лилјаци во светот, потоа дека нејзините научници експериментираат со коронавирусите врз глувци – со помош на рецептори, а дека истражните работи со животни биле означувани како високо доверлива работа.

Само затоа што станувало збор за експерименти кои биле правени за потребите на кинеската армија.

Ова сознание нема да помогне да се разбере какво е потеклото на вирусот од кој светот се уште не може да се ослободи, но открива за прв пат за пошироката јавност со колку опасни вируси работеле Кинезите во Вухан, а светот немал поим што се случува и со каква потенцијална закана се соочува.

Згора на тоа, во САД не сметале за потребно да реагираат ниту кога американските дипломати кои ги посетиле лабораториите во Вухан, уште на крајот од 2017 година, предупредувале на ризикот од експериментирањето. Било занемарено и предупредувањето дека и самата лабораторија во овој кинески град претставува сериозна закана.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе