Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Исток-Запад пандемија

petovarga/Depositphotos.com

Исток-Запад пандемија

Светот можеби никогаш нема да ја разбере правата вистина за потеклото на вирусот, што ја држи Планетата заробена петнаесетина месеци, но веќе е јасно дека освен човечките жртви и огромната штета за глобалната економија – коронавирусот ја покажа и реалноста на денешниот свет. А, таа е дека и без железната завеса и студената војна, светот и натаму останува силно поделен на политичкиот Исток и Запад – како економски, така и идеолошки – колку и да се веруваше дека тие граници во изминатите три децении се надминати.

Всушност, од почетокот на пандемијата беше видливо дека во сегашнава глобална епидемија има многу дневна политика и политичка идеологија.

Кина на почетокот ја сокриваше вистината за постоењето на непознат, опасен вирус, многу посмртоносен од „силното воспалување на белите дробови“ како што тоа на почетокот се прикажуваше. Русија се прикажуваше како „здрава и безбедна оаза“ додека цела Европа, а посебно Западот, а пред се, Италија и Шпанија, броеја мртви во дотогаш не забележани размери.

Геостратешко пребројување

Една година подоцна, Пекинг и Москва кои во меѓувреме издржаа тежок удар на пандемијата, забрзано настојуваат целата ситуација да ја претворат во орудие за пропаганда дома, како и за саморекламирање надвор.

Кина сега зборува за „големиот успех на сопствената медицина“ и заедно со Русија ја користи ситуацијата, посебно во Европа, за да двете се промовираат во силен фармацевтско – технолошки фактор, во услови кога ЕУ не се прослави многу со почетокот на започнатото масовно вакцинирање.

Како и да е, вирусот и пандемијата силно се користат за геостратешко пребројување и прегрупирање, во кое големите играчи одбираат која каде ќе се постави, а малите се определуваат според своите можности и според своите стратешки определби – кон Истокот кој смета дека сега има шанси да се покаже, или кон Западот.

Во таквата атмосфера налик на времето на некогашните делби на континентот, нервоза има и меѓу самите западни сојузници.

Забранет извоз од Британија и САД

Британија и ЕУ, на пример, покажуваат дека се уште ги немаат до крај расчистено меѓусебните сметки – по „разводот” на Лондон со Брисел, па се судрија и околу извозот на вакцините и кој кому поставува рампи, што инаку, некои земји го користат како изговор за поддршка на руско-кинеското навлегување.

Британскиот премиер Борис Џонсон, на пример, демантира дека Британија има блокирано извоз на вакцини, или на компоненти за производство на вакцините, што е одговор на тврдењето на претседателот на Европскиот совет на ЕУ, Шарл Мишел кој ја има осудено забраната за извоз воспоставена од Британија и САД.

Сето тоа е точно и покрај британските деманти, на кои одново реагираше Мишел со забелешката дека ваквата реакција од Лондон ќе доведе до поголема транспарентност и ќе го зголеми извозот кон ЕУ и кон трети земји.

Оваа полемика е само последица на веќе познатиот судир на Унијата со компанијата Астра/Зенека, која не ги исполни обврските за навремена испорака на она порачаните и платени вакцини. Сега е сосема јасно и зашто се случи тоа – двете нејзини фабрики на британска територија, од почетокот на вакцинацијата во Британија, работат само за британските потреби.

Интереси и потреби

Кога стана јасно што се случува, ЕУ се определи за одбранбен механизам – според кој извоз од фабриките и погоните на територија на Унијата ќе се дозволи откако ќе се задоволи квантумот на испорака, договорен за европските потреби.

Механизмот, прв го употреби Марио Драги, новиот италијански премиер, кој не дозволи Астра/Зенека да извезе 250 илјади дози за Австралија.

И, тоа од фабриката во близината на Рим, во време кога Италија се соочува со кусок од вакцини, со помалку добиени дози од оваа компанија, а со неспоредливо повеќе новозаразени и починати лица во овој трет бран од Австралија. Таму реагираа со осуда кон ЕУ, но на ист начин реагираше и Британија – критикувајќи ја постапката како пример за „национализам“ во вакцинирањето.

Но, во британската осуда на постапката на Драги постојат само политичките интереси на Лондон. Прво, за да се прикаже солидарност во рамките на Комонвелтот, а второ, за да се одржи наклонетоста на владата во Канбера за побрзо склучување трговски договор со Британија, после Брегзит.

Вакцини според политички стандарди

Изјавата на претседателот Мишел за извозот на вакцини е извлечена од пошироката елаборација за претворањето на пандемијата во битка на Истокот против Западот. Па, затоа тој е категоричен дека ЕУ не ги користи вакцините за политички потреби, а особено не за пропагандни цели и при тоа ги посочува за пример – Русија и Кина.

Не дозволуваме да не залажуваат, режими (Москва и Пекинг) со далеку помала вредност од нашата, додека изведуваат ограничени по обем, но широко распространети операции за делење вакцини според политички стандарди, на трети земји, а посебно на оние во развој – има речено претседателот на Европскиот совет.

Реакцијата на Брисел доаѓа во време кога и некои земји членки, како Словачка, на пример, која во еден момент на панична реакција има побарано интервентен увоз вакцини од Русија. Или, посебно, Унгарија која не само што не се придржува на редот и договорот во ЕУ, туку на своја рака прими руски и кинески вакцини, при што тамошниот премиер се вакцинираше со една од нив, не чекајќи ја дозволата од Европската медицинска агенција (ЕМА).

Партнерство и специјални врски

Таквиот гест на Орбан не е веќе изненадување. Од порано е познато дека тој е мошне близок со Русија и со нејзиниот претседател, а дека со Кина има вносни зделки, кои на Пекинг му отвораат пат за навлегување во ЕУ, на мала врата. Тој е нескриено близок и до крајната европска десница и се има декларирано како противник на либералната демократија, слободното судство и на слободните медиуми на што, инаку, се потпира самата Унија.

Унгарскиот пример покажува како дејствуваат Москва и Пекинг во оваа фаза на новото глобално престројување – ако ништо друго, за да се знае кој кому е пријател и кој со кого има партнерски однос. Тој добива и вакцина, преку ред, на аванс ако треба, со плаќање подоцна, а можеби и на поинаков начин.

Како сега стојат работите, таков статус на Западен Балкан има само Србија, која од порано има стратешко партнерство со Русија и специјални односи со Кина, од каде има примено екстра количини вакцини, што потоа внимателно ги распределува, согласно на руските интереси.

Од Белград се префрлени во српската енклава Република Српска, но не и во државата Босна и Херцеговина. Москва веќе навлегува во оваа балканска земја, преку Република Српска каде се има поставено како фактор за решавањето на идниот статус и на цела БиХ. Само Москва, на пример, се противи на преуредувањето на БиХ која сега е заробеник на Дејтонскиот договор.

Поделени во Европа

На два пати се префрлени вакцини и во Црна Гора, како поддршка на сегашната владејачка гарнитура која забрзано ги обновува врските со Белград. Тоа значи дека – ако ништо друго – нема да биде онака „тврда“ кон Москва како што тоа беше владата на партијата на Мило Ѓукановиќ. Засега земјата останува на европскиот пат – како земја која формално преговара со ЕУ и како членка на НАТО.

На ваквиот руско-кинески налет, во Европа реагираа поделено.

Кога станува збор за земји од Унијата – Полска, трите балтички држави, како и Бугарија, јавно се огласија дека нема да примаат од вакцините од Истокот. Против се и Украина и Албанија, која порача дека доста и е од руско – кинеското туторство во време на комунистичкото владеење.

Хрватска зборуваше дека ќе прифати руски вакцини, откако, наводно, имало манифестации на поддршка во Загреб пред руската амбасада, но засега нема детали дека тоа и ќе се случи.

Стратешки определби

Така се има поставено и Австрија, која во исто време, со Израел (и Данска) заеднички ќе развиваат вакцини, иако во еден период Виена најавуваше барање вакцини од Истокот, додека Италија „би можела да изгради фабрика“ за производство на руска вакцина – доколку таа добие дозвола за употреба во ЕУ и доколку Русија се согласи.

Во сличен манир реагира и Македонија. Премиерот Зоран Заев за телевизијата Н-1 има речено дека Скопје ја има одобрено руската вакцина и веќе примено една помала пратка, како и дека има нарачано поголема доза од кинеската, но дека преговара околу вакцините според македонските стратешки определби – како земја членка на НАТО и како земја која е пред старт на преговорите за влез во Унијата.

Тоа според македонскиот премиер е различно од позицијата на Србија, на пример, која се има декларирано како „воено неутрална држава“.

Пропаганден извоз

Што се однесува пак до светот – Русија е присутна таму каде има свои геополитички и стратешки интереси.

Вакцини имаат добиено Венецуела и Куба, како и некои од земјите на Централна Америка и на Африка, каде Русите забрзано навлегуваат, пред се, таму каде едно време беше навлезен поранешниот Советски Сојуз.

Кина, пак, од својата страна ја следи Русија и влегува во земјите од Азија, во „своите држави“ во Африка, каде подолго време е економски и инвестиционо вклучена, како и на латинско – американскиот континент, во државите кои не сакаат да се прикажат себе си како руски стратешки партнери.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, меѓутоа, забележува дека сето тоа по малку наликува на некогашното, советско време и на времето на поделбата Исток/Запад. Едноставно, Русија и Кина форсираат извоз низ светот, за сметка на вакцинацијата во сопствените земји. И со забавената кампања, ЕУ е пред Русија и Кина во вакцинацијата на своето население.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе