Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Техеран апси Иранци со две државјанства

Wirestock/Depositphotos.com

Техеран апси Иранци со две државјанства

Иранските власти и апсат и ги осудуваат на разни затворски казни Иранците кои поседуваат две државјанства – иранското, како и државјанство на некоја друга земја на Западот – во Европа и Америка – за да потоа ги користат нивните случаи за изнудување, или за пазарлак.

Најчесто за извлекување пари од новата татковина на некој Иранец, или Иранка, или пак за стекнување влијание врз определен преговарачки процес, каде осудениците се користат како влог за да се испазари и постигне некаков договор.

Нема два пасоши

Властите во Техеран го отфрлаат ваквото обвинување, означувајќи ги како дел од западната анти-иранска пропаганда, но оваа „техника“ се споменува и во еден извештај на ОН за состојбата во Иран.

Ваквата тактика може да се користи затоа што иранските власти не прифаќаат и не признаваат две државјанства за оние родени во Иран, како и поседувањето два пасоши – ирански, и на државата каде сега живеат.

Поради таквите домашни прописи, властите во Техеран лесно и без да се грижат за реакциите на меѓународната заедница, може да уапсат, да обвинат и да осудат некои од Иранците со две државјанства и со два пасоши, кога се на територијата на Иран. Затоа што тогаш, за тамошните власти, тие се само ирански државјани кои подлежат само на иранските закони.

Едноставно – не се третираат како странци, за да може да се се повикаат за заштита, од својата (нова) татковина.

Случајот Загари-Ратклиф

Ваквиот начин на изнудување – од страна на Иран, кон друга странска земја, изгледа, постои во случајот со Иранката со британски пасош Назинин Загари-Ратклуф (42), која е мажена за Англичанец, од тој брак има дете и како британски државјанин, постојано живее и работи во Велика Британија.

Во неделата таа целосно ја издржа затворската казна од пет години на која беше осудена во 2016 година, обвинета за, наводно, ковање заговор против државата, за што ако навистина беше виновна ќе беше осудена на далеку повисока казна, а веројатно и екзекутирана.

Последната година, Загари-Ратклиф ја има поминато во домашен притвор, во куќата на нејзините родители во Техеран, со електронска белезгија на ногата, за да се следи секое нејзино движење и за да не може да побегне.

Ново судење за ист случај

Беше уапсена на техеранскиот аеродром, кога со својата две годишна ќерка се подготвуваше да се врати во Лондон, по посетата на нејзините татко и мајка.

Властите ја осудија по брза постапка, а потоа не прифатија да се пушти порано, како мајка на мало дете. Во домашен притвор беше префрлена заедно со голема група ирански затвореници кога лани во март, Иран беше зафатен со пандемијата со коронавирусот, која се има брзо и опасно раширено и по тамошните затвори.

Откако ја има издржано казната, според нејзините ирански адвокати, симната и е белезгијата. Таа сега може да се движи низ Техеран, но не може да го напушти Иран. Веќе е известена дека за неа властите спремаат ново судење кое е закажано за 13 март.

Овој пат, жената се обвинува за „ширење пропаганда против системот на државата“.

Заложник за изнудување спогодба

Во основа, таа уште еднаш се суди, за истото дело. Односно, по издржувањето на казната, за истиот случај од пред пет години, сега и се додава ново обвинување, иако и за старото дело, вистински, ништо не е докажано.

Нејзиниот сопруг кој пет години води кампања таа да биде ослободена, сега тврди дека Назинин Иранците ја држат заточена, како заложник, за да Техеран уште посилно притиска врз британската влада да ги деблокира иранските пари кои над 40 години ги има заробено, по соборувањето на шахот со иранската исламска револуција, по која беше воспоставена теократска власт.

Станува збор за 400 милиони фунти (околу 465 милиони евра) што уште владата на шахот Реза Пахлави ги има уплатена кај Британците за купување тенкови за иранската армија. По промената на власта во Техеран, тенковите никогаш не биле испорачани.

Опробана техника

Иранските исламски власти, со години на ред ги бараат парите назад, а за тоа со години на ред двете страни и преговараат. Но, и британската и иранската влада демантираат дека и првото, и сега најавеното второ судење на иранско-британската државјанка е поврзано со преговорите околу парите за неиспорачаните тенкови.

Според некои британски аналитичари, сепак, има основа да се верува дека Иран ја применува својата опробана „техника“, овој пат, држејќи ја Назинин како заложник за да изнуди спогодба со Британците, особено што во британската јавност се врши притисок, таа да се врати дома.

По обновените санкции кон властите во Техеран, на Иран силно му се потребни девизи за набавка на медицински потреби, лекови, па и за вакцини, за сето тоа блокираните 400 милиони фунти би завршиле добра работа.

Конечно, медиумите потсетуваат дека во 2016 година, четворица ирански Американци, биле ослободени од затвор и пуштени да се вратат во САД, истиот ден кога американските власти имаат ослободено пари заробени од времето пред исламската револуција.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе