Ромките во Чешка биле насилно стерилизирани
Стотици жени од ромска националност кои биле насилно стерилизирани – во рамките на илегалната политика за намалување бројот на Ромите во државата – многу е веројатно дека конечно – ќе добијат компензација од Чешката Република.
Парламентот на Чешка, после многу одлагања, ја покрена дебатата околу донесувањето посебен закон со кој секоја од жртвите на таквата, нехумана и во основа расистичка политика на властите – би требало да добие еднократна, финансиска отштета од по 300 илјади чешки круни, или по нешто над 14 илјади долари.
Порано и сега
Најголем број од вака извршените стерилизации се случувале во текот на комунизмот во времето на тогашна Чехословачка, како заедничка држава на Чесите и на Словаците, во периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години на 20 век.
Поточно, ваквата политика се спроведувала во времето после неуспехот на „Прашката пролет“ и обидот за изградба на „социјализам со човечко лице“, што беше брутално задушен со советската воена интервенција во 1968 година.
Чешки активисти за човекови права, како и активисти за правата на ромската етничка заедница, меѓутоа, тврдат дека ваквата пракса од времето на комунизмот, се применува и сега, иако во помал обем и за тоа се обвинува и соседна Словачка.
„Привремена состојба“
Владата во Прага, во 2009 година, пет години по влегувањето на Чешка во ЕУ, јавно им се извини на Ромките и на домашната јавност за нехуманиот третман и за осакатувањето на жените од оваа заедница, но тогаш не беше споменато плаќањето отштета.
Во изјава за странските медиуми, една од жртвите на таквата политика, Елена Горолова која била стерилизирана кога имала 21 година, тврди дека на Ромите им биле нудени пари за да жените прифатат да бидат стерилизирани, но дека тоа најчесто се вршело со закани дека ќе им бидат одземани децата доколку имаат уште бебиња.
Сега се открива дека жените биле, едноставно, измамени и биле стерилизирани со лажни уверувања дека тоа морало да се направи, најчесто низ непотребно породување со „царски рез“, уште уверувајќи ги дека станува збор за „привремена состојба“.
Сиромашни и маргинализирани
ЕУ силно ја подржува актуелната влада во Прага, околу донесувањето на еден ваков закон со кои на некој начин би се компензирала неправдата која им била нанесена, означувајќи го сето тоа како делумно исправање на гревовите од минатото.
Особено што добар дел од жртвите на таквата политика на поранешните власти, веќе се починати.
Ромите се најсиромашната етничка заедница во Чешка.
Според последниот попис од пред десет години, во земјата живеат околу 240 илјади Роми. Најголемиот број од нив живеат во сиромаштија, на маргините од општеството и се уште се соочуваат со дискриминација во образованието, во вработувањето и кај домувањето.